1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Германија: Sидот не е паднат!

6 септември 2024

Одново сме сведоци на подемот на две Германии, Источна и Западна. Со таа разлика што западните партии малку што имаат да му кажат или понудат на источниот електорат. Пишува Ивор Мицковски.

Фотографија: Sascha Steinach/IMAGO

Една позната и саркастична изјава на Бертолд Брехт во врска со Источна Германија гласеше: „Ако народот не се согласува со Централниот Комитет, тогаш треба да се смени народот“. На покраинските избори во Тирингија и донекаде во Саксонија се случи нешто што потсетува токму на зборовите на познатиот драматург, нешто што ќе има огромни последици врз Германија, врз Европската Унија, а следствено и врз самиот Балкан.

Од една страна, затоа што за првпат на покраински избори, десно-екстремистичката АфД доби повеќе од една третина од гласовите. Од друга страна, затоа што никогаш досега партиите кои се дел од сојузната влада во Берлин не постигнале толку лош вкупен резултат на покраински избори. 

Од една страна сведоци сме на кризата на социјалдемократијата, онаа родена од Бад Годесберг и која стана пример за немарксистичката левица во Европа, нешто што денес ја загрозува и владата на Шолц и судбината на СПД. Од друга страна, препотентно се наметнуваат нови субјекти кои драматично ја менуваат политичката панорама. 

Во Тирингија недвосмислена победа оствари деснорадикалната партија Алтернатива за Германија (АфД), партија чиј огранок токму во Тирингија е прогласен за екстремен, а нивниот лидер Бјeрн Хeке заедно со огранокот е службено под надзор на германската внатрешна служба за безбедност, која што се грижи за чување на уставниот поредок. Во Саксонија, оваа партија заостанува само околу еден процент зад големата Христијанско демократска унија (ЦДУ) и може да се каже дека таму нема јасен победник, односно имаме изедначен резултат. Втор голем победник на овие избори е „Движењето Сара Вагенкнехт“(БСВ), левопопулистичка и антилиберална партија која се оддели од партијата Левица и за кратко време ги презема гласачите на оваа крајно лева партија и доби поддршка од нови гласачи.

Германскиот би-популизам 

Разочарувањето се чувствува и во Берлин каде владата се соочува со рекордна непопуларност. Партиите на семафор-коалицијата се казнети затоа што се несигурни и раскарани, додека 79 отсто од Германците се незадоволни од сојузната влада.

Со други зборови, одново сме сведоци на подемот на две Германии, Источна и Западна. Со таа разлика што западните партии малку што имаат да му кажат или понудат на источниот електорат. Народот се смени и денес слаби се шансите оваа ситуација брзо да се подобри.

Овој ноември ќе се одбележи 35 годишнината од падот на Берлинскиот ѕид, но покраинските избори во Тирингија и Саксонија ни го потврдуваат најевидентното клише -  Sидот и понатаму стои и живее во главите на луѓето.

Интерпретацијата на локалните причини за подемот на популистичките и антидемократски партии, може да биде збунувачки. Честопати се вперува прстот кон претераната отвореност кон мигрантите, но нив речиси и да ги нема на Истокот. Се споменуваат и економските разлики Исток-Запад, но во источните „ландери“ многу економски индикатори се одлични. Многумина тврдат дека постои „демократски замор“ во поранешната ДДР, но граѓанската партиципација и на овие избори беше многу висока, со речиси 75% излезност и јасна желба за носење одлуки.

Што се однесува до носталгијата за „Третиот Рајх“, таа секако заплашува, но во реалноста сам мал дел од гласачите на АфД се заразени од тој вирус, додека повеќето се понесуваат од опасните слогани и протестираат затоа што се чувствуваат заборавени. Новитетот, ако така сакаме да го наречеме, е германскиот би-популизам, што на екстремната левица, што на екстремната десница. И двете партии се блиски до политиката на рускиот претседател Путин и бараат да запре помошта за Украина, нудат популистички мерки против мигрантите, се залагаат за одново купување гас од Русија и се во тотална опозиција со ЕУ и НАТО.

Германската приватизација 

Тоа што објективно може да се нотира како главна карактеристика на териториите каде граѓаните гласаат за ултрадесницата е големата иселеност и деиндустријализацијата. Односно, онаму каде чувството на напуштеност од државата е најголемо. Тоа се пред поранешните рударски региони и руралните зони на Тирингија, испразнети од бегството на младите кон Западот.

Потоа тука се две горливи прашања кои се исреплетуваат уште од 1989 година. Првиот е поврзан со судбината на приватниот фонд Тројханданшталт или колоквијално наречен Тројханд, конгломератот кој ги присвои сите фирми од поранешната ДДР. Многу од тие фирми ќе бидат ликвидирани, во брзиот обид земјата да се спаси од банкрот. Оние фирми кои ќе се спасат за време на германската приватизација, речиси 9 од 10 ќе завршат во рацете на инвеститори од Западот или пак кај странци. Ваквиот модел на приватизација, кој ќе се претвори во корупциски рај и евтина распродажба на државната сопственост, за мнозинството источни Германци ќе наликува на масовна кражба во која преку 3 милиони луѓе ќе останат без работа, околу 3.700 фабрики ќе се затворат, а за на крај фондот во 1994 година да биде ликвидиран со долг од преку 250 милиони германски марки. 

Вториот горлив проблем е поврзан со универзитетските дипломи од поранешната источна Германија кои не беа признати во обединета Германија. Станува збор за уште едно понижување како последица на милиони уништени биографии и кариери, нешто што генерациски се пренесува кај источните Германци. 

Постои и трет елемент кој е мошне типичен за сите западни географии, а тоа е поделбата или судирот град-село. Според Шпигел, во градовите како Јена, Ерфурт или Дрезден, само 21% гласале за АфД. Во руралните зони на Саксонија и Тиргинија тој процент изнесува речиси 36%. Од друга страна, Зелените се уште успеваат да соберат 10% консензус во урбаните зони, додека во руралните не успеваат да надминат 2,2% од гласовите.

Германската „осталгија“ 

Но, тоа што можеби е најпоразително е што АфД повеќе не е партија само на „гневните“, туку е најпопуларна партија помеѓу младите и работниците, особено на Истокот. Со други зборови, национализмот ги пополнува празнините во германското општество.

Пред една година, едно истражување на Универзитетот од Липсија ќе ја шокира Германија. Базирано на голема сондажа меѓу Германците од Истокот, ќе излезе тенденцијата дека огромното мнозинство е склоно кон прегрнување на екстемистичките тези и наративи. 50% од популацијата преферираат силна партија, оставајќи така силен потенцијал за екстремнодесничарски електорат. Со други зборови, посветеноста кон демократијата на Истокот е во слободен пад. Една четвртина од популацијата се доживува како губитник од падот на Sидот. Додека процентот на тие кои се чувстваат задоволни од ДДР останува екстремно висок. Две-третини од источните Германци признаваат дека имаат носталгија, или поточно „Осталгија“ за Источна Германија. Вистински пораз и неуспех за обединета Германија.

За една година Германците бираат нов состав на Парламентот додека три-партитската коалиција е во слободен пад. Таквата ситуација не и помага ниту на Германија, ниту на Европа, а сигурно ќе има свои реперкусии и на Балканот, каде национализмот и популизмот се и онака во подем. Шолц има кратко време да го однесе бродот во помирни води или да отстапи место за далеку попопуларниот министер за одбрана Борис Писториус.

Германската владина парализа и опасноста од екстремистичките партии неминовно ќе имаат и реперкусии врз ЕУ и нејзините политики. Нужните реформи ќе останат на хартија додека Германија не избере нова и стабилна влада, што значи дека и самата ЕУ во наредната година ќе биде парализирана, нешто што не може да си го дозволи ни од демократски и институционален, ни од економски аспект. Тоа се особено лоши вести за нашиот и онака блокиран евроинтеграциски напредок.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми