1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Избори во Грција: Конзервативците во успешен поход

26 јуни 2023

Големиот победник на изборите е Кирјакос Мицотакис. Неговата партија доби апсолутно мнозинство во парламентот. На победничката страна е и екстремната десница, која доби поддршка од 15 проценти од гласачите.

Кирјакос Мицотакис Нова Демократија избори во Грција
Нов мандат за досегашниот премиер Кирјакос Мицотакис и Нова Демократија на изборите во ГрцијаФотографија: Aris Messinis/AFP/Getty Images

Кирјакос Мицотакис си ја постигна целта. Благодарение на гласање според нов изборен систем, конзервативната Нова демократија и натаму ќе владее сама со освоени 40,53 проценти од гласовите и вкупно 158 од вкупно 300 пратенички места. 50 се бонус кои ù следуваат на партијата според новите правила. По ноќ мината во прослави, Мицотакис уште денес треба да ја претстави новата влада за „да ги инициира без одлагање големите реформи кои итно ù се потребни на земјата”, како што најави по победата пред седиштето на партијата.

Старо-новиот премиер на гласачите им вети стабилност и подем по многуте поминати кризни години. Приоритетни за него се зголемувања на платите и пензиите, намалување на даноците и реформа на здравството и правосудството. 

Новата влада мора да испорача резултати, а најголеми противници ќе му бидат вечните слабости на грчката држава - лош менаџмент, непотизам и корупција, за кои неговата партија барем во еден случај сноси дел од одговорноста. 

Мицотакис во следните 4 години треба да направи „дигитална, ефикасна и пријателска јавна администрација”.

Тежок пораз за Сириза

Левичарската Сириза на Алексис Ципрас освои само 17,8 проценти од гласовите, уште помалку отколку во првиот круг во мај кога имаа 20 проценти и пред 4 години, кога освоија 31 процент. Во следните месеци поранешната левичарско-радикална и подоцна прагматична партија, која ја навигираше земјата низ најстрашните длабочини на должничката криза, ќе се занимава пред сѐ со своите редови. За да преживее како партија со потенцијал да биде владејачка, Сириза ќе мора да се редефинира. 

Тежок пораз на левичарската Сириза на изборите во Грција - лидерот Алексис ЦипрасФотографија: Michael Varaklas/AP Photo/picture alliance

На Пасок не му успеа големото изненадување. Некогашната народна партија успеа да придобие уште по некој глас и дојде до вкупно 11,8 проценти, но сепак е само трета најсилна партија во парламентот и не ја потисна Сириза, како што сакаше. Комунистите добија 7,6 проценти од гласовите, незначително повеќе од првиот круг. Сѐвкупно т.н.прогресивни сили во Грција поминаа најлошо во изминатите 40 години. Со нецели 38 проценти од гласовите, трите партии заедно имаат помалку отколку сама Нова демократија. 

Поместување кон десно

Наспроти тоа, многу успешни се покажаа три мали партии од десниот спектар. „Спартанците”, десноекстремна организација, која дури во изминативе три недели стана активна во јавноста, со 4,7 проценти се катапултираше во парламентот благодарение на Илијас Касидијарис, осуден познат член на забранетата „Црвена зора”

и лидер на листата „Национална партија на Грците”. Тој врз основа на одлука на највисокиот суд на Грција беше исклучен од изборите. Од затвор на приврзаниците им препорача - или нареди - да гласаат за „Спартанците”. Со тоа во парламентот ќе има 12 потенцијални наследници на неонацистите. 

Со 4,5 проценти во парламентот повторно влегува и „Грчкото решение” на Кирјакос Велепулос, популистичка партија настроена против странците, која од 2019 е застапена таму и која има многу сличности со АфД. 

Вторите парламентарни избори во Грција во рок од неколку недели на НОва демократија и` обезбедија власт без коалициони партнериФотографија: Petros Giannakouris/AP/picture alliance

Во споредба со „Спартанците”, „Грчкото решение” се речиси умерени. Проруската партија е застапена пред сѐ на северот на Грција, каде што многу луѓе и натаму сметаат дека „Преспанскиот договор” со кој во 2018 година се реши спорот за името со Македонија, е „предавство”. 

Третата партија е „Ники” која пред неколку месеци се појави „од никаде” и со освоени 3,7 проценти на гласовите во парламентот ќе има 10 пратеници од своите редови. „Ники” е грчко-православна партија, исто така непријателски настроена против странците, како и другите десни популистички партии. Таа привлече внимание и со кампањи против абортусот. 

Екстремната десница со тоа ќе има три партии претставнички во парламентот и гласови од речиси 15 проценти. Деснорадикалните во Грција не беа толку силни ниту на пикот на економската и финансиска криза. Дополнително тука е и неодредената партија на поранешната претседателка на парламентот Зои Константинополу, која собра гласови како од левиот, така и од десниот табор. Оваа партија доби 3,17 проценти од гласовите и обезбеди влез во парламентот, но сосем е нејасно  за што всушност се залага.

Го следат европскиот тренд

На изборите на 25 јуни центарот и левиот блок доживеаја тежок пораз. И во Грција стана видлив десниот тренд, кој веќе владее во други западни и источноевропски земји. Реизбраниот Мицотакис во следните 4 години треба да ја држи под око десницата, во и надвор од неговата партија. Големо ќе биде искушението дополнително да се скратат социјалните и граѓанските права, особено на бегалците и мигрантите. Изборниот резултат покажа дека ниту скандалот со прислушувањето, ниту бегалската драма не му наштетија. Овие теми кои се важни и релевантни за Левицата, на изборите не одиграа никаква улога. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми