Избори во Молдавија: Конечен раскин со Русија?
19 октомври 2024Со децении, Република Молдавија беше малку забележана земја на југоисточната периферија на Европа: мала и сиромашна, управувана од корумпирани елити и растргната од конфликт со проруските сепаратисти. Таканаречениот Придњестровски конфликт започна во 1992 година. Тоа беше прва војна на Русија против поранешна советска република која сакаше да се ослободи од челичната прегратка на империјата.
Војната на Русија против Украина од 24 февруари 2022 година промени сè за 2,5 милиони жители на Република Молдавија. Одеднаш, таа земја се најде во центарот на европската безбедносна политика како „следна цел на инвазија на Путин по Украина“. Југозападниот украински град Одеса е оддалечен само околу 60 километри од сепаратистичкиот регион Придњестровје на истокот од Република Молдавија.
Со децении, Русија таму стационираше околу две илјади војници кои го поддржуваат режимот лојален на Москва кој не е меѓународно признат. Ако Русија преку копнен мост стигне до Придњестровје, лесно може да ја преземе Република Молдавија, која во моментов е практично воено беспомошна. Тоа би значело дека Москва како окупаторска сила би била директно на романската надворешна граница, а со тоа и на надворешната граница на Европската Унија. Соочена со такво сценарио, Европската унија направи многу во изминатите две и пол години за да обезбеди поголема поддршка на Молдавија. Како и Украина, и оваа земја е кандидат за членство во ЕУ од јуни 2022 година.
Унијата масовно ја прошири својата финансиска помош за Република Молдавија. Само минатата недела, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вети пакет помош од околу 1,8 милијарди евра за подобрување на инфраструктурата во главниот град на Молдавија, Кишињев.
Претседателката против проруските кандидати
Без разлика на руската закана, закажаните претседателски избори ќе се одржат во Молдавија во недела (20.10.2024). Тоа се веројатно најважните избори од независноста на земјата од Советскиот Сојуз во август 1991 година. Проевропската претседателка Маја Санду, која е на функција од декември 2020 година, се кандидира за уште еден мандат. Наспроти неа се неколку проруски кандидати.
Во исто време со изборите беше закажан референдум за прашањето дали целта за интеграција во ЕУ треба да биде запишана во Уставот на земјата. Во двата случаи, се работи за тоа дали земјата конечно ќе ја повлече линијата под руско влијание и ќе тргне по конзистентен пат на реформска политика и европска интеграција.
Долго време, проевропските и проруските сили беа меѓусебно избалансирани во Република Молдавија, често со мало мнозинство во корист на вторите. Економистот Маја Санду, родена во 1972 година, победи на претседателските избори во 2020 година помалку поради нејзиниот проевропски став отколку поради нејзината посветеност на безмилосна борба против корупцијата и затоа што се смета за некорумпирана. Политичката посветеност на реформите во Република Молдавија ја плати пред неколку години, меѓу другото, со обид за труење кој сè уште не е целосно разјаснет.
Проевропско мнозинство
Благодарение на решителната реформска политика за време на претходниот мандат на Маја Санду, расположението во Молдавија сега значително се промени во насока на проевропско мнозинство. Се смета за релативно сигурно дека претседателката ќе добие уште еден мандат, но само во вториот круг од изборите, односно две недели по првиот круг.
Според последните анкети, Санду има околу 36% доверба. Далеку зад неа на второто место со околу десет проценти е Александр Стоианогло, поранешен државен правобранител, уапсен во 2021 година под обвинение за корупција, а подоцна сменет од функцијата. Тој е поддржан од проруската Партија на социјалистите (ПСРМ). Зад него се уште двајца проруски кандидати, молдавско-рускиот бизнисмен Ренато Усатии и поранешната гувернерка на молдавската автономна област Гагаузија, Ирина Влах.
Сите тројца кандидати официјално не се изјаснуваат против интеграцијата на земјата во ЕУ, што ја покажува важноста на ова прашање за молдавските гласачи. Сепак, тие изразуваат различни резерви кон ЕУ, го опишуваат претстојниот референдум како „изборен трик“ на претседателката и се залагаат за стратешко партнерство со Русија - што всушност ја исклучува интеграцијата во Европската унија.
Русија самата се дискредитираше
Русија веќе не е толку популарна во Република Молдавија како што беше пред неколку години или децении. Москва со децении ја уценуваше и ја исцеди малата земја преку економски политики, понекогаш со отворање и затворање на протокот на гас, понекогаш со произволни трговски санкции за важните молдавски извозни производи како овошје и вино, или преку ограничувања за молдавските работници.
Русија веројатно дефинитивно се дискредитираше меѓу Молдавците со својата брутална инвазија на Украина и воените злосторства што ги изврши. Само во регионот на Гагаузија и во некои градови како Балти на северот од земјата сè уште има големо проруско мнозинство.
Во исто време, хибридната војна на Русија против Молдавија е во полн ек, најмногу преку пропагандни и дезинформативни кампањи. Еден од финансиерите и организаторите кои стојат зад тоа е молдавско-израелскиот бизнисмен Илан Шор, кој е во голема мера одговорен за кражбата на околу една милијарда евра од молдавските банки во 2014 година. Поради ова, тој беше законски осуден на 15 години затвор, но во 2019 година побегна од земјата, прво неколку години во Израел, а потоа во Русија. Тој е на списокот на лица под санкции на САД и ЕУ, а Интерпол го бара со потерница. Но, Русија одбива да го екстрадира во Молдавија.
Таму Шор финансира проруски и антиевропски демонстрации и кампањи. Прво, основаше политичка партија под свое презиме, која привремено беше претставена во парламентот, а подоцна и неколку клонирани партии; оттогаш сите се забранети. И покрај тоа, Шор продолжува да финансира кампањи на социјалните мрежи кои шират лаги за молдавската претседателка или ЕУ, како на пример дека молдавските деца ќе мора да направат операција за промена на полот откако земјата ќе влезе во ЕУ.
Решение за конфликтот во Придњестровје?
Ако им се верува на анкетите на јавното мислење, се чини дека таквата пропаганда веќе нема ефект врз мнозинството. Една од причините: стотици илјади Молдавци работат во земјите на ЕУ и затоа знаат дека таквите тврдења се бесмислици.
Може да има позитивен развој во Република Молдавија и од други аспекти, трагично како резултат на војната во Украина. Имено, за да го спречи нападот на руските војници од Придњестровје врз соседната земја, украинската армија затвори дел од границата кон оваа област и воено ја обезбеди. Покрај тоа, Украина ќе престане да испорачува руски гас за Придњестровје на 1 јануари 2025 година. Ова значи дека сепаратистичкиот регион тогаш ќе биде целосно зависен од легитимните власти во главниот град на Молдавија, Кишињев, и може да биде принуден да преземе чекори за реинтеграција во Република Молдавија по повеќе од 30 години.