1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаНорвешка

Избори во Норвешка: Победа на социјалдемократите

СН/агенции | дпа
9 септември 2025

По парламентарните избори во Норвешка, социјалдемократскиот премиер Сторе има добри шанси за втор мандат. Сепак, најголем пораст забележаа десничарските популисти.

Норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе во темно син костум, бела кошула и црвена вратоврска на говорнички пулт со крената рака. Зад него на црвена заднина со бели букви на норвешки е напишано: Работничка партија
Јонас Гар Сторе кој е премиер на норвешка од 2021 година, има добри шанси за втор мандатФотографија: Ole Berg-Rusten/NTB/picture alliance

Во Норвешка, социјалдемократската Работничка партија на актуелниот премиер Јонас Гар Стoре освои најмногу гласови на парламентарните избори. Според привремените официјални резултати, партијата на Сторе добила 28,2 отсто од гласовите. 65-годишникот, кој е премиер од 2021 година, има добри шанси за втор мандат, бидејќи за да се формира влада, партија или коалиција во Норвешка не мора нужно да има мнозинство во парламентот.

Десничарската популистичка Партија на напредокот го удвои бројот на освоени гласови во споредба со резултатите од парламентарните избори во 2021 година (плус 12,3 проценти) и заврши на второ место со 23,9 отсто. Трета најсилна партија се Конзервативците (Хојре) на поранешната премиерка Ерна Солберг со 14,6 отсто (минус од 5,7 процентни поени во споредба со 2021 година).

Малцинските влади не се невообичаени

Според привремените резултати, петте партии од блокот лево од центарот заедно имаат 87 пратеници во парламентот. Со 169 места во норвешкиот Стортинг, тоа им дава тесно мнозинство. Сите партии од црвено-зелениот табор во текот на изборната кампања ја изразија својата поддршка за влада предводена од Сторе.

Околу четири милиони Норвежани имаа право на гласФотографија: Tom Little/REUTERS

Сторе е на чело на малцинска влада од 2021 година. Овој облик на владеење не е невообичаен во Норвешка: за да се владее ефекасно, доволно е да нема мнозинство во парламентот против предлозите на премиерот. Со оглед на поддршката од црвено-зелениот блок, Сторе може да се надева на натамошна поддршка за својата политика.

Нафтата и гасот ја прават земјата богата, но и климатски загадувач

Составот на норвешкиот парламент е важен за цела Европа. Иако скандинавската земја, членка на НАТО, не е членка на ЕУ, таа е тесно поврзана со неа како држава од Европската економска област (ЕЕА). Покрај тоа, по војната во Украина и санкциите против Русија, Норвешка стана еден од најважните европски снабдувачи со енергија.

Производството на нафта и природен гас е најважниот извор на приходи за оваа богата земја – и истовремено нејзин најголем климатски загадувач. За разлика од партијата на Сторе, три други партии од црвено-зелениот спектар, на чија поддршка неговата влада би можела да се потпре во парламентот, не сакаат да дозволат нови нафтени и гасни дупчења.

Околу четири милиони Норвежани имаа право на глас. Според норвешката изборна комисија, доцна во понеделникот вечерта, излезноста на гласачите била 78,8 отсто. Конечните изборни резултати се очекуваат во наредните денови.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми