Избори во Рајнланд Пфалц: Тесна трка на СПД и ЦДУ
21 март 2026
Најголемата американска воздухопловна база надвор од САД се наоѓа во Рамштајн, во германската покраина Рајнланд Пфалц. Токму од покраината на југозападот на Германија потекнуваат и предците на американскиот претседател Доналд Трамп.
Во покраината се наоѓа највисокиот гејзир на светот, кој достигнува цели 60 метри, а има и добро вино. Речиси три четвртини од виното произведено во Германија потекнува од регионот долж реките Рајна, Мозел, Нае и Ар. Не е ни чудо што во главниот град на покраината, Мајнц, е седиштето на единственото министерство во Германија кое е одговорно за лозарство и со кое управуваат Либералите.
Тие се најмалиот партнер во коалицијата со СПД (Социјалдемократска партија) и Зелените, кои владеат во Рајнланд-Пфалц уште од 2016 година. Тоа воедно е и последната т.н. „семафор-влада“ во Германија, наречена така според боите на коалициските партии, имено црвена, жолта и зелена. СПД е на власт во југозападната покраина уште подолго - 35 години.
Крајот на семафор-коалицијата е извесен
Ќе може ли СПД да го задржи мнозинството? Покраинските избори на 22 март се чинат како одлука во кој правец ќе се развива покраината.
Според актуелната анкета на институтот Инфратест димап, објавена десетина дена пред изборите, демохристијанската ЦДУ води тесно со 29 проценти, пред СПД со 28 проценти. При таков исход СПД би изгубила значително повеќе од седум проценти, а ЦДУ би можела да се радува за минимален пораст од нешто повеќе од еден процент гласови. Водството на демохристијаните пред неколку месеци беше многу поубедливо, но постојано се намалуваше. Актуелно се чини дека ќе има тесна трка и изборен трилер.
Либералите надвор од парламентот, АфД со двојно поголема поддршка
Се чини речиси е извесно дека за винарството во иднина ќе мора да се грижи некоја друга партија, бидејќи спопред истражувачите на јавното мислење Либералите со помалку од три проценти нема да го поминат изборниот праг. Зелените со осум проценти поддршка се соочуваат со мали загуби.
За првпат застапена во покраинскиот парламент би можела да биде Левицата со моментални пет проценти поддршка. Сепак, големиот победник во Рајнланд Пфалц би можела да биде делумно десноекстремната Алтернатива за Германија со моментални 19 проценти поддршка во анкетите, односно двојно повеќе отколку во 2021 година.
Две големи имиња се борат за власт
Со оглед на тоа дека ниту една партија не сака да соработува со АфД, многу нешта укажуваат на тоа дека следната влада ќе биде коалиција од двете поголеми партии, но вистинското прашање е кој ќе ја предводи коалицијата - актуелниот покраински премиер од СПД, Александер Швајцер, или неговиот противкандидат од ЦДУ, Гордон Шнидер.
Двајцата се во раните педесетти години, татковци на три деца, се чинат приземни и се физички доста високи. Шнидер е висок 1,94 метри, а Швајцер со своите 2,06 метри е највисокиот покраински премиер во државата. Вистински спротивставени оставаат поинаков впечаток, а тоа се покажа и во предизборната кампања. Двајцата кандидати ретко се конфронтираа и вообичаено беа многу учтиви еден кон друг, а се смета и дека негуваат добри релации.
Поомилен е Швајцер
Секако дека има и разлики, а од помалку важните е тоа што Александар Швајцер е веган, додека Гордон Шнидер љуби говедско месо и шницли. Клучни може да бидат на крај различните бројки на поддршка во анкетите, па така во двобој меѓу кандидатот на СПД и ЦДУ, Швајцер би добил 41 процент од гласовите, додека Шнидер само 23 проценти. Тоа што Швајцер како личност може да освои повеќе гласови, потенцијално може да биде клучно во финишот, велат аналитичарите.
Од Берлин следат во исчекување
Изборите во Рајнланд-Пфалц, по оние во Баден-Виртемберг, се втори од пет покраински избори закажани во Германија во 2026 година. Тоа е занимливо не само поради тоа што сојузните покраини имаат значаен удел во политиките на сојузно ниво, туку и затоа што покраински избори секогаш се и барометар за тоа како котираат партиите на сојузно ниво.
ЦДУ и СПД итно имаат потреба од победа во Рајнланд Пфалц. Тие веќе десет месеци се во коалиција на сојузно ниво, краток период во кој поддршката веќе драматично е опадната. Во анкетите по изборите во Баден-Виртемберг многу луѓе наведоа дека се разочарани од сојузната влада, која многу ветувала, а малку исполнила. Анкетарите сметаат дека таквото незадоволство се има одразено и на покраинските избори.
Разорачувањето во Баден-Виртемберг
На првите покраински избори годинава, што се одржаа во Баден-Виртемберг, СПД со 5,5 проценти постигна најлош резултат во својата повоена историја. Партијата е во шок. Ако СПД сега во Рајнланд Пфалц ја загуби функцијата покраински премиер по цели 35 години, тоа ќе предизвика енормен немир меѓу Социјалдемократите. Уште повеќе на сила ќе добие дебатата за повторно преориентитање на партијата повеќе кон лево. Тоа пак би било лошо за коалиција со Демохристијаните.
Доколку ЦДУ изгуби, ќе се повтори срамот од Баден Виртемберг, каде што партијата долго време важеше за победник што се подразбира, а потоа загуби во финишот од Зелените. Дали тоа ќе се случи повторно против СПД во Рајнланд Пфалц? Во тој случај, првиот човек на ЦДУ и канцелар Фридрих Мерц ќе мора да стравува од дебата за политичката ориентација на партијата.
Можни понагласени разлики во сојузната влада
Мерц на поддржувачите им вети дека ќе спроведува поконзервативни политики. Многу гласачи на ЦДУ, но и партиски членови, се разочарани што тоа во коалиција со Социјалдемократите досега не беше можно. Од Мерц во тој случај ќе се бара поголема способност да се наметне. Тоа со една СПД која можеби повторно ќе тендира повеќе кон лево, би било енормен проблем. Тогаш би било спорно, колку долго воопшто би можела да издржи црно-црвена коалиција на сојузно ниво.
Исходот од изборите во покраината Рајнланд Пфалц останува интересен. Според Инфратест димап на десет дена пред изборите не беа определени сите гласачи со право на глас. Еден од осум испитаници, односно 12 проценти, посочиле дека до денот на изборите може да се смени нивната одлука за кого ќе гласаат.