1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ посакува влез на Камала Харис во Белата куќа

Бернд Ригерт
4 ноември 2024

Враќање на Доналд Трамп би претставувало голем проблем за Европа. Безбедноста и слободната трговија би биле загрозени. Што очекува стариот континент од изборите во САД?

Германија | Камала Харис Минхенска безбедносна конференција
Редок престој во Европа: Камала Харис на Минхенската безбедносна конференција 2024 година (со баварскиот премиер Маркус Зедер)Фотографија: Matthias Schrader/AP/picture alliance

Кога Европејците би можеле да изберат претседател на САД на 5 ноември, резултатот би бил јасен. Во Западна Европа 69 отсто би гласале за Камала Харис, во Источна Европа - 46 отсто. Доналд Трамп би добил гласови од само 16 отсто од избирачите во Западна Европа и 36 отсто од гласовите во Источна Европа.

Ова е резултат на репрезентативното истражување на институтите за истражување на мислењето Новус и Галуп Интернешнал објавен во октомври. Кандидатката на американските Демократи забележа највисоки вредности во Данска (85 проценти) и Финска (82 проценти). Доналд Трамп во Европа најдобро стои во Србија (59 проценти) и Унгарија (49 проценти). И двете земји се управувани прилично автократски.

Фановите на Трамп во малцинство

„Најдобро би било на изборите да победи г-дин Трамп“, вели европратеникот Андраш Ласло од Унгарија. Тој е член на Фидес, партијата на премиерот Виктор Орбан, кој е пријателски настроен на Русија. „Американците сакаат промена во американската политика, Доналд Трамп може да го понуди тоа“, уверен е Андраш Ласло.

Оваа промена е потребна и во Брисел, вели деснонационалистичкиот политичар во интервју за ДВ. „Можеме ли некако да го спречиме влошувањето на конфликтите - не само во Украина, туку и на Блискиот Исток и Југоисточна Азија?“, прашува Унгарецот. Тој верува дека само искусниот Доналд Трамп може да покаже глобално лидерство и да ја земе Европа на тој пат.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во моментов претседава и со Советот на ЕУ. Тој предизвика огромен гнев во Унијата кога летото тргна во „мировна мисија“ во Киев, Москва, Пекинг и резиденцијата на Трамп во Палм Бич. Солистот Орбан смета дека Доналд Трамп би можел да стави крај на руската војна во Украина за неколку дена.

Унгарскиот премиер Орбан (л.) во посета на Трамп на Флорида: Европа да се направи повторно голема е неговото мото за контроверзното претседателство со ЕУФотографија: Viktor Orban via X via REUTERS

Со вакво мислење тој е осамен меѓу шефовите на влади на ЕУ и НАТО. „Но, многу десноекстремни и националистички политичари од Холандија преку Германија до Италија дефинитивно се согласуваат со Орбан. Тие би можеле да се чувствуваат охрабрени од изборната победа на Доналд Трамп“, вели Стивен Блокманс од Центарот за европски политички студии (ЦЕПС). „Кога Трамп ќе се врати, ќе отвориме неколку шишиња шампањ“, најави во октомври во Европскиот парламент лојалниот фан на Трамп - Виктор Орбан.

Со Харис би било полесно

Но, како што може да се види од анкетата на Новус-Галуп, ова е малцинско мислење. Огромното мнозинство шефови на влади на ЕУ се потпираат на Камала Харис. „Добро ја познавам. Таа сигурно би била добар претседател“, ја пофали германскиот канцелар Олаф Шолц Камала Харис во телевизиско интервју. Харис сака „да се држи до она што ни е важно“, рече Шолц, што значи трансатлантска соработка меѓу САД и Европа.

Каква би била реакцијата во Европа на победа на Камала Харис во исклучително тесната трка? „Огромна воздишка на олеснување. Апсолутно!“, вели Стивен Блокманс, политички експерт од Брисел. Политиката на Камала Харис е попредвидлива, нагласува Блокманс, на крајот на краиштата, таа беше потпретседател под Џо Бајден четири години. „И покрај зборувањето за стратешка автономија во Европа, зависноста на Европа од САД всушност се зголеми, а не се намали“, потенцира експертот.

Олаф Шолц (д.): Харис би била добра претседателкаФотографија: SVEN HOPPE/AFP/Getty Images

Во безбедносната сфера, САД се клучни за поддршка на Украина и за одбрана од руската војна. „Кога станува збор за енергијата, Европа се одвои од Русија, но во исто време стана многу позависна од САД преку увоз на течен гас“, анализира Стивен Блокманс.

Камала Харис им дава на луѓето повеќе надеж отколку вечно негативниот Доналд Трамп, вели европратеничката од Зелените, Тинеке Стрик од Холандија. „Тоа би било голема предност за кохезијата на демократските сили во САД и Европа“, вели Тинеке Стрик во интервју за ДВ. Доналд Трамп, од друга страна, „флертува со автократите ширум светот. Тие би биле зајакнати од него. Тоа би била лоша вест за демократијата, човековите права и светот во кој всушност сакаме да живееме.“

Да се биде подготвен за сѐ

Претседателот на Комисијата за надворешни работи во Европскиот парламент, германскиот демохристијанин Дејвид Мекалистер, предупредува од преголеми очекувања. Како и Доналд Трамп, и во случај претседателка да стане Камала Харис, таа би имала барања за Европејците. „Тонот секако би бил поинаков, но сигурен сум дека повиците за поголемо европско учество во безбедноста и одбраната ќе се слушнат и од владата на Харис“, вели Дејвид Мекалистер.

Блокманс: И покрај зборувањето за стратешка автономија во Европа, зависноста на Европа од САД всушност се зголеми, а не се намалиФотографија: Martin Luy/DW

За експертот за надворешна политика Мекалистер важи дипломатскиот принцип: „Мораме да бидеме подготвени за секој изборен резултат. Во наш интерес е да одржуваме што е можно поблиски врски со САД, без оглед на тоа кој седи во Белата куќа.“

Амбасадорите на ЕУ на 27-те земји-членки и на ЕК во Брисел со недели дискретно се состануваат во работни групи за тоа како да се справат со изборните резултати од САД. Главната цел е економската и безбедносната политика да се направи што е можно „поотпорна на Трамп“, вели дипломат од ЕУ, кој не сака да биде именуван. На пример, ако Доналд Трамп наметне казнени царини за стоки од Европа по преземањето на функцијата, ЕУ би сакала да може веднаш да возврати.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми