1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Колку се навистина блиски Германија и САД?

Тимоти Рукс
30 октомври 2024

САД и Германија долги години се блиски сојузници и споделуваат многу заеднички вредности. Но, што може да значи евентуалниот втор мандат на Доналд Трамп за нивните односи?

Долгогодишни сојузници: Знамињата на Германија и на САД. Дали нешто ќе се промени по американските претседателски избори?
Долгогодишни сојузници: Знамињата на Германија и на САД. Дали нешто ќе се промени по американските претседателски избори?Фотографија: Andreas Franke/picture alliance

Односите меѓу Германија и САД не беа најдобри за време на претседателствувањето на Доналд Трамп. Кога Џо Бајден ја презеде функцијата во 2021 година, двете земји се обидоа да ги обноват односите, потпирајќи се на нивните историски врски, заеднички безбедносни интереси и вредности. Но, не беше лесно.

САД отсекогаш биле многу критични кон проектот за гасоводот Северен тек 2, кој требаше да носи природен гас директно од Русија во Германија. Тоа беше невообичаено меѓу пријателите. Дополнително, притисокот на САД врз Германија да ги исклучи кинеските телекомуникациски компании Хуавеи и ЗТЕ од нејзините 5Г мрежи, ја стави Германија во непријатна позиција.

Потоа следеше катастрофален - и за европските сојузници изненадувачки - потег: повлекување на американските трупи од Авганистан во август 2021 година. Промени донесе и заминувањето на Ангела Меркел како германска канцеларка истата година. Нејзиниот наследник Олаф Шолц веќе неколкупати се сретна со Бајден и секогаш нагласува колку се важни добрите билатерални односи.

Соединетите држави отсекогаш беа многу критички настроени кон проектот за гасоводот Северен тек 2Фотографија: Danish Defense Ministry/Xinhua/picture alliance

Но, какви се трансатлантските односи денес? За кои теми се согласуваат САД и Германија и каде може да има простор за подобрување?

Координирана акција

Еден од најголемите конфликти меѓу Германија и поранешниот американски претседател Трамп беше недоволните издатоци на Германија за НАТО и за одбраната воопшто. Долго време Германците се спротивставуваа на распределбата на два отсто од бруто националниот приход за војската.

Но, сè се промени откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година. Тогаш Германија ја сфати потребата за промена на својата одбранбена и безбедносна политика.

САД се покажаа како сигурен сојузник и најголем поддржувач на Украина, а по нив е Германија. Неколку дена по руската инвазија, Шолц одржа емотивен говор во кој зборуваше за „пресвртница“. За Германија, која дотогаш беше пасивна во одбранбената политика, најавата за посебен фонд од 100 милијарди евра за Бундесверот беше значајна промена.

Берлин поддржуваше различни американски санкции против Русија и соработуваше во чувствителна размена на затвореници. 

Рускиот гас повеќе не е главниот извор на енергија на Германија и земјата сега увезува течен природен гас (ЛНГ), меѓу другото од САД.

Америка избира меѓу Камала Харис и Доналд Трамп: Кој повеќе, пак, и одговара на Германија?Фотографија: Carlos Osorio/Evan Vucci/dpa/picture alliance

Воена моќ и ракети со долг дострел

Во однос на војната во Газа, позициите на двете земји се слични. И двете го поддржуваат Израел и прават големи дипломатски напори за постигнување долгорочно примирје.

Една точка на несогласување меѓу Вашингтон и Берлин може да биде зголеменото воено присуство на САД во Германија. Во моментов, повеќе од 35.000 активни членови на американската војска се стационирани во земјата, што е повеќе отколку во сите други земји членки на ЕУ заедно.

Од почетокот на 2026 година, САД планираат повторно да стационираат ракети со долг дострел во Германија, за првпат од 1990-тите години. Овие проектили не само што би служеле за заштита на Германија, туку и за заштита на источните членки на НАТО, како што се Полска и балтичките земји. Оваа одлука е донесена без собраниска расправа, а наиде на критики не само од екстремната десница и левица, туку и од дел од членовите на владината коалиција.

Економски интереси

Економски, двете земји се тесно поврзани. САД се најголемиот трговски партнер на Германија, а германските компании се третиот најголем странски работодавец во САД со повеќе од 900.000 работни места, според податоците на германската амбасада во Вашингтон.

Околу 85 отсто од Американците и 77 отсто од Германците сметаат дека односите меѓу двете земји се добри, покажа истражувањето на Истражувачкиот центар Пју и Корбер-Штифтунг, објавено на крајот на минатата година.

Истражувањето покажува дека мнозинството граѓани во двете земји го сметаат растечкото влијание на Кина како штетно. Седум од десет Американци ја сметаат Кина за сериозна закана за нивната економија и безбедност. Во Германија, околу половина од испитаниците ја сметаат Кина за економска закана.

Германија неодамна го следеше примерот на САД и ги исфрли кинеските компании од своите 5Г мрежи. Како и САД, Германија го зголемува својот капацитет за производство на чипови со цел да стане помалку зависна од странските компании. Ова особено важи за тајванскиот ТСМЦ, во случај Кина да ја нападне таа земја.

САД би сакале Германија да заземе построг став кон Кина за да го ограничи нејзиното економско влијание. Со тоа Вашингтон сака да биде пример и веќе најави строги нови царини за кинеските електрични автомобили. Но, штом Европската унија ги објави сопствените царини, Германија се повлече, плашејќи се од одмазда против нејзиниот автомобилски сектор. 

Победата на Трамп би имала сериозни последици за американската поддршка за Украина и силата на американските трупи стационирани во ЕвропаФотографија: Robin Rayne/ZUMA Press/picture alliance

Вториот мандат на Трамп би бил предизвик

И во иднина не би требало да биде тешко да се најдат заеднички интереси меѓу САД, Германија и Европа. Со претседателката Камала Харис, работите веројатно би останале исти како што беа во изминатите четири години. Германците ја претпочитаат таа опција, но германската влада се подготвува и за можност од поинаков исход на изборите.

Победата на Трамп би имала сериозни последици за американската поддршка за Украина и силата на американските трупи стационирани во Европа. Поранешниот претседател често ја доведуваше во прашање вредноста на трансатлантските односи и ја сметаше Европа за економски конкурент. Резултатот може да биде помала соработка, повеќе царини или дури трговска војна.

„Трамп 2.0 би значел уште подрастичен расцеп во трансатлантските односи отколку во 2017-2020 година“, пишува Рејчел Таузендфринд во написот објавен во септември за американските избори. Таа е виш соработник во Германскиот совет за надворешни односи и верува дека Германија мора да се понуди како корисен партнер за трансатлантската безбедност и глобалната стратегија, без оглед на исходот од изборите, бидејќи е силно зависна од САД за сопствената безбедност. .

Во минатото, Германија често правеше отстапки кон САД за да функционираат работите. Оваа тактика изгледа корисна за двете страни и веројатно нема да се промени. Затоа што и во блиските пријателства, партнерите не се секогаш на исто ниво.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми