1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Избори во САД: Куп дезинформации за Тим Волц

Анвар Ашраф
22 август 2024

По неговата номинација за потпретседател од редовите на Демократите за претседателските избори во 2024 година, Тим Волц е предмет на бројни дезинформации.

Тим Волц , Камала Харис
Номинација за потпретседател од редовите на Демократите за претседателските избори во 2024 година - Тим Волц со Камала ХарисФотографија: Anna Moneymaker/Getty Images

Тим Волц, 60 годишен ветеран и поранешен наставник по географија, неодамна се стекна со слава на национално ниво откако кандидатката на Демократите во трката за претседател на САД,  Камала Харис, го избра за нејзин заменик, во случај да победи на изборите во ноември годинава. Пред тоа  Волц беше познат само во сојузната држава Минесота  каде што е на функцијата гувернер. Волц беше критичар на поранешниот претседател Доналд Трамп, особено во однос на националната безбедност, здравството и социјалната правда. Неговиот подем на национално ниво го направи мета на дезинформации, многу од нив пласирани од Трамп и неговите поддржувачи. ДВ ги истражуваше таквите тврдења.

Тврдење: Тим Волц лажел за негов ангажман во Авганистан.

ДВ проверка на факти: Погрешно.

Во вирална објава на платформата Х која ја виделе еден милион лица, Волц е обвинет дека лажел оти служел во Авганистан. Во објавата се цитира Волц со зборовите дека „Бев распореден во поддршка на операцијата Enduring Freedom. Мојот баталјон ја обезбедуваше безбедноста во раните фази на војната во Авганистан."

Потоа се наведува дека Волц всушност не служел во Авганистан. Тоа е точно, но во објавата тој е погрешно цитиран и отстранет е клучниот контекст од неговата изјава кога тој всушност вели дека „мојот баталјон обезбедуваше безбедност на базите на европската сцена од Турција до Англија во раните фази на војната во Авганистан." Се чини дека изјавата е намерно променета за да се доведат гледачите во заблуда.

Ова не е прв пат да се појават контроверзи околу воениот бекграунд на Волц. Во снимка од 2018 година лично Волц тврди дека има ракувано со оружје „во војна“. Тоа не е точно бидејќи Волц не учествувал во воени операции. Од тимот на Харис ја прифатија грешката и појаснија дека Волц „погрешно се изразил“ во клипот.

Тврдење: Волц наредил да се стават тампони во машките тоалети во училиштата во Минесота.

ДВ проверка на факти: Погрешно.

Таквото тврдење потекнува од поранешниот претседател Доналд Трамп кој наведува дека „тој (Волц) наредил тампони да се стават во машките тоалети. Имаме ли присутни деца овде? Ве молам затворете си ги ушите. Нарачал тампони за во машките тоалети, океј?"

Поранешниот претседател Доналд Трамп на митинг тврдеше дека Волц наредил тампони да се стават во машките тоалетиФотографија: Rick Bowmer/AP/picture alliance

Како гувернер во Минесота, Волц минатата година потпишал закон со кој се бара училиштата да обезбедат бесплатни менструални производи. Се бара училиштата на учениците да им ги ставаат на располагање без дополнителни трошоци за нив и во законот се вели дека „производите мора да се достапни за сите ученици кои имаат менструација во тоалетите кои ги користат учениците во одделенијата од 4 до 12..."

Но, во законот не стои дека тие производи треба да бидат ставени во тоалетите за момчиња. Во новинарски извештаи во САД се појаснува дека целта на законот е да се обезбеди пристап до менструални производи за сите ученици, вклучително и трансполови момчиња и нон-бинарни ученици кои може да ги користат и машките тоалети. Брендан Нихан, политиколог и професор на Дартмут колеџот, посочува дека иако дезинформации биле составен дел од сите избори, тие добиле централна улога откако Трамп се појавил на политичката сцена. „Може да се каже дека поларизацијата го зголеми поттикот да се шират дезинформации. Не можеме секаде системски да го утврдиме тоа, но со сигурност може да кажеме дека волуменот на  дезинформации кои потекнуваат од Трамп  е без преседан ," вели Нихан за ДВ.

Тврдење: Волц вели дека ќе инвестира во фабрика за скали за да им помогне на мигрантите да прејдат преку граница. 

ДВ проверка на факти: доведува во заблуда.

Видео снимка во траење од 14 секунди објавена на официјалниот профил на кампањата на Трамп сугерира дека Волц се залага за помагање на мигранти нелегално да прејдат преку границата во САД. Во клипот се слуша како Волц вели дека „ако тој (Доналд Трамп) постојано зборува за ѕидот, јас велам да каже колку ќе биде висок. Ако е седум и пол метри, јас ќе инвестирам во фабрика за 8 метри високи скали. Тоа не е начин како да се сопре ова“, заклучува Волц. Во објавата од тимот на Трамп коментираат дека „Тим Волц сака да инвестира во 'фабрика за скали' за да помогне на илегалците да го прескокнат ѕидот."

Официјалната страница на изборната кампања на Доналд Трамп тврди дека Тим Волц сака да им помогне на мигрантите илегално да влезат во САД Фотографија: X/@TrumpWarRoom

И ова е уште еден пример на реченица извадена од контекст. Главните делови од коментарите на Волц се извадени, што доведува до испревртена интерпретација. Воцелосното интервју со телевизијата Си-Ен-Ен, Волц вели дека градење ѕид не е ефикасно решение за контрола на илегалната миграција.

Волц понатаму вели дека „тоа се спречува со употреба на електроника. Се спречува со повеќе граничари. И се сопира со тоа што ќе постои правен систем кој ќе ја дозволува традицијата да се дојде тука, како што и моите роднини дошле, да се работи и исполни американскиот сон."

Тврдење: Волц во 1995 година бил уапсен за возење под дејство на алкохол.

ДВ проверка на факти: Точно.

Во серија објави на социјалните медиуми се тврди дека Волц бил уапсен за пиење и возење под дејство на алкохол една саботна вечер во 1995 година. Тој возел околу 160 километри на час во зона во која се дозволени само 90 километри на час.

Тоа е точно и според полициски и судски документи, Волц го признал делото и бил казнет со 200 долари, што во денешно време се околу 180 евра, а дополнително морал да ги плати и судските такси и возачката дозвола за три месеца му била одземена. Во тоа време Волц работел како наставник. Кога прв пат се кандидирал за Конгресот во 2006 година, од неговиот штаб дале информации кои доведуваат во заблуда во врска со инцидентот. Истражување на Си-Ен-Ен покажало дека од штабот негирале оти бил пијан и тврделе дека никогаш не бил уапсен. Неговиот медиумски тим постојано тврдел дека обвинението за возење под дејство на алкохол било повлечено како неосновано.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми