1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Избори во САД: Што е на коцка за Украина и Русија

Тимоти Рукс
31 октомври 2024

Со оглед на тоа што или Камала Харис, или Доналд Трамп ќе биде следниот американски претседател, што би значел изборот на едниот, или на другиот за иднината на Украина и односите на САД со Русија?

Украинскиот претседател Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир ЗеленскиФотографија: Andrew Medichini/AP Photo/picture alliance

Исходот од  претседателските избори во САД  не само што ќе го трасира патот за иднината на земјата, туку ќе има егзистенцијално влијание и врз Украина.

САД се најголемиот поддржувач на Украина во нејзиниот обид да се одбрани од руската инвазија од 2022 година. За време на мандатот на Џо Бајден, САД ставија на располагање воено разузнавање, готовина и оружје во вредност од речиси 175 милијарди долари (161 милијарди евра) за помош на Украина.

Кој и да биде избран за претседател на 5 ноември, може судбината на Украина да ја држи во свои раце. Кога новоизбраниот претседател ќе биде инаугуриран на 20 јануари 2025 година, војната во Украина ќе наврши речиси три години.

САД имаат три опции – да ја прекинат помошта за Украина, да  задржат статус кво или да изберат посервилен пристап, оценува Михаела Матес, професорка по политички науки на Универзитетот во Калифорнија, Беркли, со акцент на меѓународни конфликти и соработка.

Камала Харис, Русија и војната во Украина

Кандидатката на Демократите и актуелен потпретседател на САД, Камала Харис, е недвосмислена за нејзината поддршка за Украина.

„Харис вети дека ќе биде на страната на Украина колку што ќе биде потребно“, вели за ДВ Шон Донаху, доцент по политички науки на Универзитетот Бафало во Њујорк. Тој вели дека е „поголема веројатноста Харис да дозволи американско оружје со долг дострел да се користи против цели во Русија“.

Кандидатката на Демократите и актуелен потпретседател на САД, Камала Харис и украинскиот претседател Володимир Зеленски во ВашингтонФотографија: Jacquelyn Martin/AP/picture alliance

Матес се согласува дека, во најмала рака, Харис ќе продолжи со статус кво, ќе ја поддржува Украина и ќе остане на санкциите против Русија. Таа според Матес, би можела да стане и многу понаметлива и да заземе поцврст став за да воспостави репутација на силен лидер. За актуелната потпретседателка европската безбедност и глобалната стабилност се под прашање и „Харис Русија ја доживува како опасна земја која го прекршила меѓународното право и направила нешто неморално на начин што веќе не може да ѝ се верува“, анализира Матес.

Доналд Трамп, Русија и војната во Украина

Претседателскиот кандидат на Републиканците, Доналд Трамп, има поинаков пристап кон Украина и е опкружен со советници - истомисленици.

Трамп има комплицирана историја со Украина, вклучително и неговиот обид да изврши притисок врз претседателот Зеленски да отвори истрага против Бајден, што доведе до неговиот прв импичмент. Укажувајќи на неговиот однос со рускиот претседател Владимир Путин, Трамп тврди дека војната немала ни да се случи да бил тој претседател во тоа време.

Поранешниот претседател сега ветува дека ќе ја заврши војната „во рок од 24 часа“ доколку биде реизбран. Бидејќи не соопштува детали како тоа би се одвивало, многумина претпоставуваат дека каков било мировен договор би ја фаворизирал Русија.

Трамп би можел да ја принуди Украина  да прифати некој вид замрзнат конфликт приближно на актуелните линии на бојното поле, што би одело на сметка на украинска територија, вели Донаху. Нејасно е дали Путин би прифатил такви услови на долг рок, но тоа би му обезбедило време за повторно вооружување на неговата војска.

Републиканскиот кандидат понатаму јасно стави до знаење дека  Европа треба да обезбеди најголем дел од поддршката за Украина, вели Доминик Толксдорф, соработник во Германскиот совет за надворешни односи и виш соработник во Институтот за глобално управување.

Намалувањето на виталната помош за Украина може ова прашање да го актуализира. Доколку американската поддршка целосно замре, европските влади ќе имаат проблем сами да ја поддржуваат Украина. Тоа ќе му даде на Кремљ поголема слобода да ја наметне својата волја на Украина, вели Толксдорф, кој специјализира за американска политика и трансатлантските односи.

Украина и членството во НАТО

Друго трнливо прашање е  желбата на Украина да стане дел од НАТО. Во даден момент веројатно е дека Харис ќе го поддржи членството на Украина во НАТО, смета Донаху кој два пати престојувал во Украина од почетокот на војната. Се дискутира меѓу другото модел на членство кој претпоставува дека земјата нема да ги врати границите од 1991 година. Во тој случај НАТО ќе биде обврзан да ја брани само територијата со која моментално владее Украина, што би било налик на ситуацијата со Западна Германија пред обединувањето. Од друга страна Трамп е гласен критичар на НАТО, па дури и сугерираше да не се бранат некои членки кои недоволно трошат за Алијансата.

Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Вашингтон: претседателскиот кандидат на Републиканците има поинаков пристап кон УкраинаФотографија: Julia Demaree Nikhinson/AP Photo/picture alliance

И покрај таквиот анимозитет спрема НАТО, Трамп би можел да ја приближи Украина до Алијансата како дел од можна спогодба за ставање крај на војната, вели Курт Вокер, специјален пратеник за Украина од 2017 до 2019 година. Да се има Украина во НАТО, би било дел од „траен мир и постојано одвраќање“, оцени тој на почетокот на месецов за ДВ.

Следниот Конгрес ќе го има зборот

Можни промени во мнозинството во Конгресот ќе имаат исто толку големо влијание како и изборот на новиот американски претседател, бидејќи таму се одобруваат плановите за  трошење. Од 100 мандати во Сенатот, 34 се избираат на ново, како и сите 435 мандати во Претставничкиот дом. Клучно за да може Харис и натаму да пружа помош и оружје за Украина, ќе биде Демократите да освојат мнозинство.

Многу приврзаници на Републиканците пак сметаат дека Кина, Иран и Северна Кореја индиректно се вклучени во војната против Украина, вели Доминик Толксдорф. За нив пораз на Украина би значел стратешки успех за нивните непријатели и „заслабнување на американската позиција во светот“, вели тој.

Американците се скептични кон Русија

Постои и стравување дека американската јавност ќе се измори од војната. Процентот на Американци кои велат дека руската инвазија во Украина е закана за американските интереси, значително се намали од 2022 година, покажува истражувањето спроведено на почетокот на јули годинава од страна на истражувачкиот центар Пју.

Според студијата 69% од Американците ги одобруваат економските санкции за Русија, а 54% сакаат да продолжат да испраќаат воена опрема во Украина. Општо земено, Американците се еднакво поделени околу прашањето дали земјата воопшто има одговорност да ѝ помага на Украина.

Русија несомнено се надева на победа на Трамп, не само затоа што би можел да му помогне на Путин за Украина, туку затоа што, како претседател би можел дополнително да ги подели САД и да ја дестабилизира  американската демократија, вели Толксдорф.

„Кремљ се надева дека САД со Трамп ќе бидат првенствено загрижени за себе и нема да бидат активен играч во меѓународната политика“, заклучува тој.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми