1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСловачка

Избори во Словачка: Има ли опасност од втора Унгарија?

Тим Геслинг
30 септември 2023

Изборите во Словачка се сметаат за тест за нејзината верба во либералната демократија и прозападната надворешна политика. Две партии, според анкетите, се рамо до рамо. Кој и да победи, формирањето влада ќе биде тешко.

Словачка | Изборни плакати во Братислава
Изборни плакати во БратиславаФотографија: Tomas Tkacik/ZUMA Wire/IMAGO

Предвремени избори во Словачка се одржуваат поради распадот на шареноликата коалиција на партии од центарот и десницата, која донесе три години хаос и меѓусебни конфликти во малата централноевропска држава.

Според истражувањата на јавното мислење, во моментов најголема поддршка од околу 20% има номинално левичарската партија Смер, предводена од Роберт Фицо. Иако оваа предност не е убедлива, поранешниот премиер на Словачка се надева на големо враќање на политичката сцена.

Фицо беше обвинет дека ја претворил Словачка во мафијашка држава пред убиство на новинар да доведе до негова оставка во 2018 година. За да остане на политичката сцена, Фицо имаше сè поекстремен и крајно десничарски пристап, па на пример за време на кампањата вети дека ќе ја запре поддршката на Братислава за Украина. Ова предизвикува загриженост дека Фицо би можел да ја турне Словачка во изолација во рамките на Европската унија, како Виктор Орбан,лидерот на соседна Унгарија.

Ставот на Фицо, сепак, е внимателно пресметан, имајќи предвид дека околу 50 отсто од Словаците, поттикнати од интензивните проруски кампањи за дезинформации, се противат на испраќање финансиска или воена поддршка преку источните граници на земјата.

Причина за враќањето на Фицо е некомпетентната претходна власт. За рехабилитацијата на популистичкиот лидер придонесе и непрофесионалното раководење за време на пандемијата и кризата на животниот стандард за време на мандатот на власта во заминување. И сето тоа и покрај неговото тврдење дека ќе им се одмазди на демократските институции кои ги разбиваа корумпираните мрежи изградени во неговиот претходен мандат.

„Гласачите знаат дека 'Смер' на Роберт Фицо дозволи корупцијата да цути“, вели Милан Ниц од Германскиот совет за надворешни односи. Но, тој додава дека Фицо „барем владеел компетентно“.

Според анкетите, најголема поддршка од околу 20% има номинално левичарската партија Смер, предводена од Роберт Фицо (на фотографијата)Фотографија: Radovan Stoklasa/REUTERS

Ставот на Фицо за Украина ги мобилизира гласачите

Недовербата во компетентноста и волјата за соработка на владејачките партии во голема мера ги намалува нивните шанси во трката за останување на власт. Сепак, можноста за враќање на Фицо и неговите ветувања дека во Киев веќе „нема да испрати ни куршум“ и дека ќе ги блокира новите санкции на ЕУ, ги мобилизираа оние гласачи кои стравуваат од уништување на кревката демократија на Словачка и нејзиниот западен курс. Ова ѝ помогна на либералната партија Прогресивна Словачка (ПС) да забележи зголемување на поддршката.

Како што се наближуваа изборите, анкетите покажуваа приближување на ПС до Смер, а можеби дури и обезбедување некаква минимална предност. Прозападната ПС ги нагласува реформските способности на својот лидер Михал Шимечка, актуелен потпретседател на Европскиот парламент, а во исто време инсистира на пораки насочени против Фицо, со кои се обидува да допре пред сѐ до урбаните гласачи, но и до луѓе низ целата земја кои се борат со лошите економски и социјални услови.

„Прогресивната Словачка сака да го поттикне економскиот развој, да го реформира здравствениот и образовниот систем и да го запре одливот на млади и образовани Словаци“, вели Шимечка за ДВ.

Од друга страна, Фицо ги обвинува своите ривали дека им служат на интересите на САД и дека организираат „полициски пуч“.

Шимечка: Прогресивната Словачка сака да го поттикне економскиот развој, да го реформира здравствениот и образовниот систем и да го запре одливот на млади и образовани СловациФотографија: Vladimir Simicek/AFP/Getty Images

Постизборна комбинаторика

Притоа, изборите се само првата пречка за водечките партии. Формирањето влада во поделеното општество во Словачка ќе биде исто толку тешко, како и победата на изборите. Жестоката кампања, во која дури имаше и физичка пресметка меѓу поранешен министер за внатрешни работи и поранешен премиер, навестува дека слична приказна ќе се одигрува и годинава.

„Формирањето коалиција во фрагментиран парламент ќе биде предизвик и за тоа ќе биде потребно време“, вели Андриус ​​Турса, аналитичар во Тенео Интелиџенс.

Истражувањата на јавното мислење сугерираат дека социјалдемократската партија Хлас би можела да биде еден вид тас на вага. Партијата која ја формираше поранешниот „ученик“ на Фицо, Петар Пелегрини, моментално е трета најсилна во анкетите со поддршка од околу 13 проценти. Сепак, иако има јасни врски меѓу Хлас и Смер тие се разделија пред само три години - Пелегрини не е премногу ентузијастичен кога станува збор за обновување на политичката соработка со неговиот поранешен ментор, кој стана радикален.

Во исто време, Хлас јасно стави до знаење дека има големи барања доколку ПС сака коалиција. Шимечка вели дека не знае што мисли Пелегрини кога ги спомнува овие „големи барања“, но тој сепак нема многу опции. Преостанатото политичко поле го сочинуваат мали партии кои се на работ од прагот од пет проценти потребен за влез во парламентот.

Прогресивна Словачка ќе мора да обезбеди поддршка од неколку партии доколку сака да формира „анти-Фицо“ коалиција. И дури и да успее во тоа, таквата влада веројатно би била нестабилна. Група прогресивци, либерали, социјалдемократи и популисти тешко би се согласиле за што било друго освен за прозападен пристап – особено за прашања како што се правата на ЛГБТК+ заедницата или климатските промени.

„Желбата да се спречи враќањето на Фицо на власт може да биде доволно силен фактор за ПС да коалицира. Меѓутоа, историјата на реформските влади во Словачка нè учи дека постои тенденција за нивно распаѓање поради надуени ега, конфликти и недостаток на разбирање, компромис и договор“, сугерираат политиколозите Тим Хотон и Дарина Малова.

Петар Пелегрини,лидер на партијата Хлас, која во анкетите е трета најсилна партија со поддршка од околу 13 процентиФотографија: Vladimir Simicek/AFP/Getty Images

Улогата на екстремната десница

Алтернативата нуди уште помрачна слика за можната иднина на Словачка. Искористувајќи го широко распространетото разочарување на луѓето од напорите на политичарите да го подобрат животниот стандард, да се справат со корупцијата и да ги елиминираат социо-економските нееднаквости,, десноекстремните партии исто така се борат за власт.

Фицо е сосема свесен за итната потреба да се обезбедат средства од фондовите на ЕУ и повеќе би сакал да избегне формирање влада со партијата Република, која има поддршка од околу осум отсто од граѓаните. Но, тој сепак не ја исклучува ниту таа можност.

„Републиката ги задржа своите неонацистички карактеристики“, предупредува Григориј Мезезников, директор на Словачкиот институт за јавни работи, и посочува дека Фицо најверојатно ќе постигне договор со нив само ако тоа му е единствената опција за враќање на власт. .

Но, со оглед на тоа што Смер и Прогресивна Словачка, според анкетите, се речиси изедначени, се чини дека веројатноста ниту една од овие партии да не успее да формира одржлива коалиција се зголемува. А тоа значи дека се можеби блиску веќе некои нови избори.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми