1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори за Бундестагот: Кој плаќа за одбраната на Германија?

Нина Веркхојзер
5 февруари 2025

На германската војска Бундесверот во иднина ќе ѝ требаат значително повеќе пари отколку досега. Од каде треба да дојдат е спорно прашање во кампањата за изборите на 23 февруари. Дали се неизбежни нови долгови?

 Бундесвер  Германија
Експертите предупредуваат на слабоста на Бундесверот во случај на напад врз ГерманијаФотографија: Kay Nietfeld / dpa / picture alliance

Воените експерти предупредуваат дека Германија во случај на напад, би имала само неколку дена да се одбрани. Децениското штедење остави јасни траги во Бундесверот. Затоа, не е чудно што буџетот за одбрана стана спорна тема во кампањата за предвремените избори во земјата. Колку пари се потребни за одржување на добро опремена армија? И како дојде до тоа со оглед на милијарди евра буџетски дефицит?

Канцеларот Олаф Шолц (СПД) смета дека тоа што Бундесверот полека се враќа на нозе е заслуга на неговата политика. Веднаш по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, тој обезбеди дополнителни 100 милијарди евра за војската, од посебен фонд финансиран од задолжувања.

СПД не сака да ги скрати социјалните издатоци

„Бидејќи еден социјалдемократ повторно стана сојузен министер за одбрана, а социјалдемократ е и сојузен канцелар, на Бундесверот повторно добро му оди“, им рече Шолц на своите политички противници во Бундестагот на почетокот на декември. Како кандидат за канцелар, Шолц повторно ја води својата партија во предизборната кампања, откако неговата таканаречена „семафор-влада“, составена од Социјалдемократите, Зелените и ФДП, се распадна - исто така, поради спор околу јавните финансии.

Канцеларот Шолц и министерот за одбрана Писториус, двајцата членови на СПД: Шолц е убеден дека Бундесверот е зајакнат со помош на социјалдемократските силиФотографија: Annegret Hilse/REUTERS

Според Шолц, посебниот фонд бил „голем удар“. И насоката која сака да ја продолжи: за време на предизборната кампања вети натамошни инвестиции во војската. Бидејќи тоа го прават другите партии, тој го кажува своето: Нема да дојде на сметка на социјалните издатоци.

Тој порача дека никогаш нема да ги принуди граѓаните да избираат: „Или даваме пари на вооружените сили, или имаме сигурни пензии“, нагласи кандидатот за канцелар на СПД. Со цел да се финансираат сите расходи, Шолц предлага реформирање на должничката кочница вградена во уставот. Тоа ја ограничува можноста на владата да подига нови заеми.

Колку пари ќе му требаат на Бундесверот во наредните години? Во 2024 година редовниот буџет за одбрана изнесуваше речиси 52 милијарди евра. Дополнително, од посебен фонд дојдоа околу 20 милијарди евра. Сојузната влада додаде дополнителни трошоци на овие две ставки, како што е воената помош за Украина. Севкупно, на крајот пријави 90,6 милијарди евра во НАТО - и со тоа постигна важна цел: барањето да се потрошат најмалку два отсто од брутодомашниот производ (БДП) за одбрана. Во претходните години, Германија редовно ја промашуваше оваа цел.

Посебниот фонд ќе биде празен во 2027 година

Олаф Шолц сака да истакне дека Германија конечно влезе во клубот „плаќачи на два проценти“ како успех на неговата канцеларски мандат. Но, ќе биде тешко да се одржи ова ниво доколку се испразни еднократниот специјален фонд од 100 милијарди евра.

Според сојузниот министер за одбрана Борис Писториус (СПД), сите средства од специјалниот фонд ќе бидат договорно врзани во текот на оваа година. Парите потоа ќе се потрошат најдоцна до крајот на 2027 година - на Ф-35А невидливите борбени авиони, напаѓачки хеликоптери, оклопни транспортери, поморски патролни авиони, фрегати и системи за противракетна одбрана Патриот или бројни скапи системи за оружје.

Финансирањето на одбраната и на германската војска со децении беше намалувано, а сегашната политика има за цел да го поправи тоаФотографија: Michael Bihlmayer / CHROMORANGE / picture alliance

Потребата е голема, особено што Бундесверот достави многу материјал во Украина. Со оружјето кое го нарача, Писториус сака повторно да ја направи германската армија „подготвена за војна“ - и со тоа да ја спречи Русија да ја нападне територијата на НАТО.

Буџет за одбрана од 80 милијарди?

Што ќе се случи откако ќе се потроши специјалниот фонд останува нејасно пред предвремените сојузни избори на 23 февруари. Поради падот на Владата, буџетот за 2025 година сѐ уште не е донесен. За Бундесверот се наменети 53,25 милијарди, околу 1,2 милијарди повеќе отколку во 2024 година. Писториус побара значително повеќе, но не успеа да добие.

За да продолжи да ја постигнува целта од два проценти на среден рок, на Бундесверот ќе му бидат потребни 28 до 30 милијарди евра повеќе - годишно.

Кандидатот за канцелар на ЦДУ, Фридрих Мерц, ветува дека ќе ги добие овие пари. Во иднина, на Бундесверот ќе му бидат потребни „најмалку 80 милијарди евра годишно“, нагласи Мерц во декември во Сојузната академија за безбедносна политика во Берлин. „Ќе мораме да ја затвориме оваа делта најдоцна до 2027 година. Тоа ќе биде голем напор и не може да се направи без нови приоритети во буџетот.“

Мерц има намера да ги достигне потребните милијарди евра за Бундесверот со пренамена на буџетските средстваФотографија: dts Nachrichtenagentur/IMAGO

ЦДУ сака прераспределба на буџетот

За Мерц, пак, тоа не значи финансирање на потребните милијарди преку ново задолжување. „Ние се придржуваме до должничката кочница утврдена во Уставот“, се наведува во изборниот манифест на конзервативните партии ЦДУ и ЦСУ. Наместо тоа, Мерц предлага прераспределба на буџетот во корист на Бундесверот. „Ова треба да биде изводливо со националниот буџет од над 1000 милијарди евра.“

Понатаму, демохристијаните „ја разбираат целта на НАТО од два отсто како долна, а не како горна граница“, нагласува Мерц. Ретко кој во Германија го дели мислењето на американскиот претседател Доналд Трамп дека секоја членка на НАТО мора да потроши пет отсто од своето економско производство за одбрана. Но, во оваа куса предизборна кампања, во која Бундесверот игра поголема улога од вообичаено, политичарите се надминуваат меѓусебно во нивните барања за поголеми трошоци за одбраната.

Министерот за економија Роберт Хабек, кандидат за канцелар од партијата на Зелените, смета дека во наредните неколку години е неопходно да се потрошат околу три и пол отсто од економското производство за одбрана. Но, ова не може да се финансира од сегашниот буџет, туку „на среден рок и преку поголемо задолжување“, се наведува во изборната програма на Зелените.

Според Хабек, повисоките трошоци за одбраната може да се финансираат преку ново задолжувањеФотографија: Federico Gambarini/dpa/picture alliance

Дали решението е друг посебен фонд?

Исто така, постојано се разговара за втор специјален фонд за Бундесверот. Министерот за одбрана не е еден од поддржувачите на таа идеја. „За мене би било важно тоа повеќе да не се прави во форма на посебен фонд, бидејќи посебниот фонд никогаш не може да ги одрази зголемените оперативни трошоци за нови набавки“, нагласува Писториус. Ова ги вклучува трошоците за гориво, резервни делови, одржување и персонал што редовно подразбира купување на нови системи за оружје.

За време на Студената војна беше природно Сојузната Република да троши релативно големи суми пари за одбрана. Во просек, три отсто од брутодомашниот производ отпаѓаа на тенкови, борбени авиони и густа мрежа од касарни. Во 1963 година, трошоците за одбрана изнесуваа 4,9 проценти од брутодомашниот производ.

Ваквите вредности изгледаат недостижни со оглед на моменталната буџетска ситуација. Но, едно е сигурно: кој и да победи на изборите, финансирањето на Бундесверот ќе биде една од спорните точки во коалициските преговори.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми