1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Изборната драма во САД: Кои се „бунтовните“ републиканци?

Катрин Бранд (ард)
5 јануари 2023

Група од 20 републикански пратеници од екстремната десница е бескомпромисна и одбива да го избере Кевин Меккарти за претседател на Претставничкиот дом на САД. Кои се тие и што сакаат?

Американските конгресмени за време на вториот ден од гласањето за избор на претседател на Претставничкиот дом
Американските конгресмени за време на вториот ден од гласањето за избор на претседател на Претставничкиот домФотографија: Andrew Harnik/AP Photo/picture alliance

Да, ова што се случува во Претставничкиот дом е хаотично. Републиканците го признаваат тоа. „Демократијата е хаотична, намерно!“, извикаво микрофонот конгресменот од Висконсин Мајк Галагер.

И ако се прашуваат грст негови колеги, главно од екстремно десничарскиот табор, ќе остане хаотично. Бидејќи тие не сакаат силен претседавач, туку сакаат самите да имаат посилен збор во Претставничкиот дом.

Конзервативна „вжештена глава“ против Меккарти

„Ако сакате да го исушите мочуриштето, не може тоа да го направи најголемиот алигатор.“ Со оваа реченица Мет Гец влезе во секоја информативна програма. Под алигатор тој мисли на Кевин Меккарти, за кого Гец очигледно верува дека е корумпиран. 40-годишниот Мет Гец од Флорида во американските медиуми често се нарекува конзервативна „вжештена глава“, што е пријателски опис. Гец е гласен и екстремен, тој верува дека секој има право да го брани својот имот со оружје, тој тврди дека изборите во 2020 година биле лажирани и тој е поддржан од Доналд Трамп.

Републиканскиот конгресмен од Флорида, Мет Гец го предводи отпорот против изборот на Меккарти за парламентарен спикерФотографија: Alex Brandon/AP Photo/picture alliance

Поддршката на Трамп за Мекарти смени малку

Тој однос би можел да се промени. Човекот, кој сака повторно да биде претседател во 2024 година, ги повика републиканците да го поддржат Кевин Мекарти. Гец потоа твитна дека тоа е најлошата кадровска одлука што ја донел Доналд Трамп, а неговата партиска пријателка Лорен Боберт изјави во Капитол дека обратното би било правилно. Претседателот - таа мисли на Трамп - мора да му каже на Кевин Мекарти дека ги нема потребните гласови и мора да се повлече. За ова имаше свирежи во салата. Лорен Боберт (36), пратеничка од Колорадо, се истакнува и во Претставничкиот дом со своите екстремни иницијативи. На божиќна честитка, таа и нејзините деца позираа со пиштоли, таа е против носење маски против коронавирусот и против истополовите бракови. Покрај тоа, мајката на четири деца би сакала да ја постави црквата над државата. И покрај тоа што е многу омилена во кампот на екстремните поддржувачи на Трамп, нејзиниот реизбор есента беше многу неизвесен.

Самопрогласената „фракција на слободата“ сака помало влијание на владата

Боберт и Гец припаѓаат на пратеничката фракција „Слобода“, коалиција на најдесничарско-конзервативни пратеници на републиканците. Деветнаесет од 20-те кои шест пати во два дена гласаа против Кевин Меккарти се поврзани со оваа слободарска фракција, вклучувајќи го и Бајрон Доналдс. 44-годишниот Афроамериканец од Флорида штотуку го започнува својот втор мандат, а вчера беше промовиран во првиот ред, како противкандидат на Меккарти.

Кевин Меккарти ниту по шест гласања во два дена не го доби потребното мнозинство да биде избран за спикер на Претставничкиот дом на САДФотографија: Jonathan Ernst/REUTERS

Неговата порака: Предолго, премногу нешта во Вашингтон се случувале со акламација. И тоа не е добро за американскиот народ, изјави Доналдс вчера на Си-Ен-Ен. Тој и многу други сакаат федералната влада да престане да прави долгови и воопшто да го загуби влијанието. За возврат, Конгресот и пред сѐ пратениците треба да станат посилни, и во однос на нивниот претседавач. Во иднина повеќе не сакаат да гласаат за големи законодавни пакети, таканаречени омнибуси, туку за поединечни нацрти.

Бескомпромисно десничарско крило

Оваа група е толку бескомпромисна во своите барања што е премногу дури и за колегите од пратеничката фракција „Слобода“, како што е Џим Џордан, првиот претседател на фракцијата. „Разликите што можеби ги имаме избледуваат во споредба со разликите меѓу нас и левицата, која за жал сега ја контролира другата партија“, извика тој во парламентот. Без разлика кој ќе биде избран за спикер на Претставничкиот дом, екстремно десничарското крило ќе му го отежне животот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми