1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборна кампања во финален круг - ред ветувања, ред навреди

ДТЗ
13 октомври 2025

Кампањата досега наликува на претходните - со многу ветувања, но без конкретни решенија за проблемите коишто ги мачат граѓаните. Тие паднаа во сенка на високата политика.

Изборна кампања во Македонија
Изборната кампања влегува во финалниот круг - ред ветувања, ред навредиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Изборната кампања во Македонија влегува во финалниот круг. Партиите и кандидатите за градоначалници ги подготвуваат завршните митинзи, а надлежните институции ги прават последните подготовки пред гласањето на локалните избори на 19 октомври. Во игра се 22 партии, 19 коалиции и 119 независни кандидатури. Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје – 16. Меѓу нив има само една жена - кандидатката на СДСМ, Каја Шукова. 

Многу ветувања - малку очекувања

Во досегашниот тек на кампањата гласачите можеа да слушнат лепеза на ветувања за подобар живот, почиста животна средина, поефикасен јавен превоз, нови улици, решавање на комунално проблеми, но и ветувања за брз транспорт, возови, подземни улици, конгресни сали и забавни паркови.

Додека партиите земаат „голем залак“ со изборните ветувања, граѓаните со протести во Скопје во текот на целата кампања бараат чист воздух и здрава животна средина за своите деца.

Кандидатите за градоначалници на Скопје ветуваат дека ќе го исчистат градот и ќе го вратат неговиот сјај. Во меѓувреме социјалните мрежи се преплавени со фотографии од преполни контејнери со ѓубре, а градот се гуши во нечистотија, проблеми со јавниот превоз и дефекти во системот - кои често го оставаат без капка вода. 

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски ветува дека, ако стане градоначалник, за 72 часа ќе го реши проблемот со комуналниот отпад во главниот град. Но, кандидатот за градоначалник на Општина Ѓорче Петров од СДСМ, Костадин Ацевски, им порача на Мицкоски и Орце Ѓорѓиевски да не чекаат избори и да го исчистат градот сега, бидејќи ситуацијата со хигиената е алармантна. 

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски ветува дека, ако стане градоначалник, за 72 часа ќе го реши проблемот со комуналниот отпад во главниот градФотографија: Petr Stojanovski/DW

Некој со маска, друг со камион во кампања

Професорот Горан Марковски се појави на прес-конференција со маска од диносаурус. „Ќе изумреме како диносаурусите, ако не се справиме со загадувањето“, рече Марковски на 4 септември, како кандидат за градоначалник на Скопје од граѓанската платформа „Независни заедно“ на прес-конференција во близина на депонијата Вардариште.

Кандидатката за градоначалничка на Битола, пак, Габриела Илиевска, од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“, изборната кампања ја започна возејќи камион. Таа праша: „Кој рече дека жените не можат да возат камион, да водат град и да ги решаваат проблемите во градот?“

Илиевска најави дека со тој камион тргнуваат да си ја вратат Битола, па заедно со кандидатите за советници од Поинаку ќе го посетат секое маало, секоја улица и секоја рурална средина за да ги слушнат проблемите на граѓаните.

Шеговити ветувања

Кандидатот за градоначалник на Вевчани на Работничката партија, Господин Попоски, како на претседателските избори во 2024 година, така и на овие локални избори излезе со шегобијни ветувања за своите сограѓани. 

„Првиот проект за Вевчани. Ќе ја зголемиме популацијата на Вевчани. Невести за сите неженети и разведени вевчанци“, најави тој неодамна. Вториот проект за Вевчани, вели тој е „ казани за ракија за секоја куќа, вевчанецот да форлат карадачка“.

Попоски ветува и „по 100 евра на секој што ќе отиде на Голина за Петровден, нови автобуси за линијата Вевчани - Струга со неговиот лик, како и жичара до црквата Св. Спас Горни“. 

Попоски лани, според податоците на ДИК, имаше обезбедено 19 потписи и беше втор од позади на листата на 11 кандидати, со најмала поддршка на претседателските избори.

Кампања на Фејсбук

Кампањата досега наликува на претходните - со многу ветувања за инфраструктурни проекти, градинки, поволности за постарите лица и младите, но со недоволно конкретни идеи за решавање на локалните проблеми. Секојдневните проблеми коишто ги мачат граѓаните паднаа во сенка на високата политика.

Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Христијан Мицкоски и Венко Филипче го украдоа „шоуто“, па целата изборна дебата се пресели во рингот на високата политика – со препукнувања околу црвените линии, „куферчиња“, „стикови“и „бонбона – бизниси со Бугарија“. Остри стрели беа упатени и на адресата на ДУИ, а пораките за испраќање во „политичка пензија“  на Али Ахмети, беа пречекани со незадоволство и бурна реакција на „интегративците“.

Во кампањата провејуваат и обвинувања за корупција, како и најави за коренити промени во судството. ВМРО-ДПМНЕ најавува ресет на системот, а СДСМ будење, мобилизација и борба за државата.

Ако кампањата на владејачката партија започна со сомнежи за хибридни напади и „тајни странски центри”, потоа прерасна во обелоденување на наводна „тајна коалиција“ и договори под маса меѓу СДСМ, ДУИ и Левица, со цел да и се нанесе штета на владејачката гарнитура.

Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје – 16. Меѓу нив има само една жена - кандидатката на СДСМ, Каја Шукова. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

СДСМ овие избори ги гледа како шанса за збивање на редовите и враќање на довербата кај разочараните гласачи, додека ВМРО-ДПМНЕ цели кон убедлива победа и отворање врата кон евентуални предвремени избори напролет, коишто би ја зацементирале водечката позиција на партијата и во наредните четири години.

Левица, откако беше исклучена од можноста за платено политичко рекламирање, кампањата ја насочи на социјалните мрежи, но и со директни средби со граѓани, особено во Тетово, Гостивар и Струга. 

Токму ова предизвика реакција кај ВМРО-ДПМНЕ кои сметаат дека Левица им фрла гума за спасување на ДУИ, со тоа што кандидираат свои кадри во општините Тетово, Гостивар и Струга, иако смета дека тие немаат ниту теоретски шанси да победат таму. Ваквите тези на владејачката партија беа отфрлени како несериозни. ДУИ отиде дотаму што коментираше дека Мицкоски сака да ја избрише нивната партија од политичката сцена.

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, пак, со досетки на Фејсбук му одговори на премиерот Христијан Мицкоски за обвинувањата за тајна коалиција со ДУИ. Порача дека „Градот убав пак ќе никне“ и побара поддршка за нивниот кандидат за Град Скопје.

Најгласна кампања во албанскиот блок

Се чини дека најагресивна кампања во албанскиот блок е онаа којашто ја водат кандидатите за градоначалници на Чаир, поранешниот министер за надворешни работи од ДУИ, Бујар Османи и актуелниот министер за животна средина од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити.

Некогашните сопартијци, а сега лути ривали, се тркаат кој повеќе да понуди за жителите на Чаир, за што најавија дека ќе бидат ангажирани и странски архитекти, коишто ќе го изменат ликот на овој дел на градот.

Османи ветува подвозник и модерен плоштад „Лирија“, финансиска помош за пензионерите и картичка „Златни години“ со кои ќе добиваат попусти во аптеките, додека Изет Меџити ќе ја заживува Старата скопска чаршија, а кај Плоштадот Скендербег планира да се гради подземен паркинг на два ката. Иако на социјалните мрежи се „пецкаат“ за дуел, тој уште не се случил. 

Локалните избори во 2025 година се осми од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Ќе се гласа на 3.480 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети или за вкупно 10.490 кандидати.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми