1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мирен изборен ден - помал интерес за претседателските избори

ДТЗ
8 мај 2024

Поголем интерес има за гласање на парламентарните, отколку на претседателските избори во Северна Македонија. Претпладне одзивот на претседателските избори беше помал во западниот дел на земјата

Македонија Избори
Изборниот ден поминува мирно, без ицидентиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Гласањето на двојните избори во Северна Македонија генерално се одвива мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Министерството за внатрешни работи нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето, а инциденти или неправилности на гласачките места, кои би имале елементи на кривично дело, не се пријавени ниту на електронската адреса на Јавното обвинителство. Поголем интерес има за гласање на парламентарните, отколку на претседателските избори. 

До 13 часот пристигнати се податоци за излезеност на гласачите за претседателските избори од 2.472 избирачки места. Од вкупно запишани 1.261.526 гласачи на овие избирачки места, гласале 302.158 односно 23.95 отсто, соопшти Државната изборна комисија (ДИК). Најголема излезеност за претседателските избори има во Крива Паланка, со 46.44 отсто. Најмала излезеност за претседателските избори има во Липково - 3.28 отсто. 

Споредбено со вториот круг од претседателските избори во 2019 година има зголемување на излезеноста од 3.49 отсто на овие избори. Додека споредбено со првиот круг од претседателските избори од 24 април годинава, има намалување од 0.7 отсто.

До 13 часот пристигнати се податоци за излезеност на гласачите за парламентарните избори од 2348 избирачки места. Од вкупно запишани 1.207.922 гласачи на овие избирачки места, гласале 312.070 односно 25.84 отсто од граѓаните со право на глас. Најголема излезеност има во Кривогаштани, со 48.65 проценти. Најмалата излезеност за парламентарните избори е во Маврово и Ростуше - 11.91 процент. Во споредба со парламентарните избори во 2020 година има зголемување на излезеноста од 2.03 проценти на овие избори. 

Помал одзив во Западна Македонија  

До 11 часот одзивот на претседателските избори беше помал во западниот дел на земјата, што укажува нативок бојкот, откако во трката за Водно останаа само кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова и противкандидатот од СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски, кој се бори за втор мандат. 

До 11 часот одзивот на претседателските избори беше помал во западниот дел на земјатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во вториот круг на претседателските избори до 11 часот од 2.080 избирачки места гласале 141.087 лица, односно 12,87 отсто. Најголема е излезеноста во Пробиштип - 27,85 отсто, а најмала во Липково - 1,76. За парламентарните избори, пак, излезеноста е 13,69 отсто. На 1.976 избирачки места гласале 140.990 избирачи. Излезеноста е најголема во Кривогаштани, 28,38 отсто, а најмала во Врапчише, 5,2 отсто.

„Во Источна и во Централна Македонија многу повеќе гласачи гласале на претседателските, отколку во Западна Македонија каде што процентот е многу низок“, вели претседателот на ДИК, Александар Даштевски. 

Споредено со парламентарните избори во 2020 година има зголемување на излезноста од 2,69 проценти на овие избори. За парламентарните избори излезеноста во Првата изборна единица е 15,75 отсто, 12,24 отсто во ИЕ 2, ИЕ 3 (16,79 отсто), ИЕ 4 (14,54 отсто), ИЕ 5  (14,1 отсто),  во ИЕ 6 (7,46 отсто). 

На овие двојни избори граѓаните имаат опција да одлучатдали ќе гласаат само за парламентарните или за претседателските избори, или за двете можности кои им стојат на располагање. За вториот круг од претседателските избори да биде успешен, потребно е на гласање да излезат најмалку 40% од вкупниот број на запишани избирачи. Тоа значи дека од вкупните 1 814 317 избирачи, на гласање треба да излезат најмалку 725 727 гласачи. 

Мисијата на ОДИХР за набљудување на изборите има повеќе од 300 набљудувачи на гласачки места низ државатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Пријави за поткуп 

До ДИК досега се доставени вкупно 164 приговори за заштита на лично избирачко право. МВР досега нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето кое генерално се одвива мирно и без проблеми.

„Од отворањето на гласачките места до 11 часот регистрирани се две пријави за поставен штанд на политичка партија во близина на гласачко место во Шуто Оризари, како и за лепење плакати и расфрлани летоци на подрачјето на Чаир во Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случаите. Исто така имаме пријави за агитирање во Тетово, Скопје, Куманово село Баница, струмичко и општина Боговиње, но по преземените мерки од страна на полициските службеници тие наводи до сега не се потврдени“, изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседател на Привремената комисија на Јавното обвинителство за следење на евентуални кривични дела против изборите и гласањето како и други изборни нерегуларности, информираше дека во Основното јавно обвинителство Велес е оформен предмет против две лица, кај кои е пронајдено оружје. На едниот од  нив му е изречен притвор, а  наводите за евентуален поткуп при избори дополнително ќе се проверуваат. Тој информирапе и за сомнежи за поткуп на гласачи за Охрид и Крива Паланка, но досега не е поднесена кривична пријава за ова.

Мисијата на ОДИХР за набљудување на изборите има повеќе од 300 набљудувачи на гласачки места низ државата за следење на процесот на вториот круг од претседателските избори и на парламентарните избори.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми