Со години си играме брканица со изборниот модел. Во текот на овој период, се појавија безброј различни идеи, кои постојано ги менуваме, со кои постојано дел од партиите не се согласуваат, а притоа немаме никаква стручна дебата или анализа за тоа кои промени навистина се потребни, а кои се политички мотивирани. И така, како мени на желби, секој пат кога се актуелизира дебатата за изборниот модел повторно, секоја партија си пријавува свој сопствен список на желби, по правило дизајнирани така да им одговараат политички, наместо да одговараат на демократскиот развој на изборите како институција, што де факто го блокира донесувањето на промените. Сега ја имаме последната епизода на оваа шпанска серија, но со истото сценарио – повторно разни идеи, условувања, и никаков инклузивен политички дијалог, да не зборуваме за некаков стручен консензус. А врв на секоја шпанска серија е – се знае – кога Хорхе ќе дознае дека сам себеси си е мајка.
Совршен модел не постои
Најпрво малку околу принципите за промена на изборниот модел. Изборен модел не се менува во пресрет на избори, па дури ни последната година пред избори. Секоја промена на изборниот модел претставува нови правила на игра, на кои учесниците во изборниот процес треба да се адаптираат, за полето за натпревар да биде познато и еднакво за сите, да не зборуваме за тоа дека и институциите кои ги спроведуваат изборите треба да остварат некоја правна пракса за новите правила.
Понатаму, изборниот модел не треба да биде пиши-бриши, да се актуелизира и менува премногу често, односно секојпат кога некој ќе помисли дека таквата промена ќе му донесе политички профит. Кај изборните модели има и нешто што се нарекува традиција, воспоставено систем, кој зборува за стабилна демократија. Во САД, на пример, имаат еден анахрон изборен модел, во кој е дури возможно (Клинтон-Трамп), еден кандидат да освои повеќе гласови, а другиот да победи, па повторно, не го менуваат моделот. Совршен модел не постои, но стабилноста на изборните правила зборува и за стабилноста на демократскиот систем. Затоа, потребни се можеби повеќе консултации и дијалог, но кога еднаш ќе го усвоиме новиот модел, понатаму не треба да се чепка.
Различна математика
Околу идејата за една изборна единица – идејата е статистички добра, но има и свои политички импликации. Ако целта на изборниот модел е математички најпрецизно да го преслика расположението на електоратот во составот на Собранието, една изборна единица е добра математичка формула, зашто ќе ја изедначи вредноста на гласот низ целата држава, правејќи да бидат потребни еднаков број гласови за избор на пратеник насекаде. Тука доаѓаме до дебатата за изборен праг. Македонија има природен изборен праг од 2-3% по изборна единица (околу 300,000 гласови по изборна единица, а за избор на пратеник се потребни 6,000 – 9,000 гласови), колку што е потребно да се избере најмалку еден пратеник. Но, 2-3% на триста илјади гласови, и 3-5% на целиот електорат, не е иста математика. Предлозите кои циркулираат во моментов, за изборен праг од 3% од вкупно запишаните избирачи, или 5% од излезените, го ставаат изборниот праг на 50-55 илјади гласови, за воопшто да влезете во изборниот барабан. Овие бројки можат да ги постигнат партии кои се бројат на прстите на една рака, а голем дел од помалите партии ќе останат со куси ракави, што мислам дека е ограничувачки услов.
Политичките импликации кои се цитираат – најчесто дека пренизок изборен праг би го фрагментирал Собранието премногу, правејќи ги политичките коалиции нестабилни – не сум сугирен дека е вистински аргумент. Прво, ако електоратот е расцепкан, такво треба да биде и Собранието, и тука не е работа на законодавецот да ја „коригира“ изборната волја. Второ, нашето Собрание и сега е „хотел промаја“, со лесно менување на политички лојалности – не гледам што би изгубиле со низок изборен праг.
Ѓаволот е во деталите
Околу идејата за отворени листи - тоа е можеби најважната промена за која треба да се бориме. Отворените листи, каде гласачите, а не партиските шефови, го утврдуваат редоследот на листата (кој прв, а кој последен ќе влезе во парламентот или локалниот совет), ќе направат избраните функционери повеќе да ги слушаат своите конституенти одошто партиските шефови, па со тоа да не се однесуваат само како гласачка машина во Собранието, што е можеби решение за проблем кој македонската демократија го има веќе со децении.
Сепак, тука ѓаволот повторно е во деталите – дали целата листа ќе биде отворена, или само еден дел, дали ќе се гласа за сите понудени на листите, или гласачите ќе добијат ограничен број т.н. „преференцијални“ гласови. И на крајот, како ќе се спроведе? Имајте предвид дека со една изборна единица, на секое ливче би се нашле сите 120 пратеници. Ако треба за сите да се гласа на отворени листи, гласањето може да трае една недела.
Гласање на далечина
Потоа, околу гласањето на дијаспората – ние прво треба да утврдиме што значи дијаспора, во смисла на изборниот модел. Не би требало еден ист гласач, кој можеби живее во странство, но се води на избирачкиот список со адреса во Македонија, да може да се регистрира и да гласа и во странство, зашто би се нарушило правилото на еден човек – еден глас. Имајќи предвид дека сите кои имаат право на глас веќе се водат во избирачкиот список, можат да гласаат во сопственото оригинално избирачко место без ограничувања, и со тоа да учествуваат во изборниот процес, прашањето се сведува само на тоа колку далеку треба да патуваат – дали до најблиското ДКП (кое може повторно да биде на илјадници километри од нивното живеалиште во странство), или до Македонија, каде би гласале онаму каде што се водат по избирачки список. Затоа, можеби најдобро решение е да се размисли за некаков механизам за гласање на далечина – со регистрација и по пошта или по електронски пат.
Тоа не води до вистинската дебата, која ги вклучува сите претходни дебати – зошто не се обидеме да воведеме електронско гласање, кое со еден потег би ги решило сите претходни проблеми? Срамота е, за земја толку мала како Македонија, во 21 век, сѐ уште да зборуваме за стари, изветвени решенија. Мислам дека треба да се обидеме оваа шпанска серија да ја прескокнеме со иновативни предлози – ако трошиме милијарди на други работи, секако можеме да си дозволиме модерен, современ гласачки систем.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.