Изборните кавги погласни од изборните програми
8 октомври 2025
Изборната кампања влезе во втората половина, реториката станува пожестока, секоја секунда се користи за реакции и контреакции, а во нивна длабока сенка остануваат изборните програми за општините.
Комуниколози постојано посочуваат дека „црна кампања на никого не му донела резултати“, но нивниот глас останува како ехо во пустина. На политичкиот терен тоа што за некого е ‘црна кампања’, за друг значи обврска ‘нештата да се кажат со вистинските зборови’. И така тргнува лавината.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја обвини власта дека прибегнува кон црни кампањи поради недостиг на визија и резултати.
„Кога нема визија, кога нема работа, кога нема план, кога нема резултати и кога граѓаните се на последно место е тогаш се прибегнува кон спинови, лаги и црни кампањи. Секој ден ја гледаме црната кампања против СДСМ“, рече Филипче од трибина во Валандово.
Такви оценки партијата искажа во повеќе наврати, на што од ВМРО-ДПМНЕ претходно одговорија: Негативна кампања води токму СДСМ.
„Нека си ги види Филипче Фејсбук профилите и Тик ток кампањата на негови соработници и луѓе кои ги плаќаат, каде најбрутални лаги и гадости пишуваат и измислуваат, па после нека глуми мајка Тереза“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Без ракавици, но со мерка
Граѓаните се со поделени мислење околу начинот на кој партиите ја водат кампањата. Дел сметаат дека кампањата е токму за тоа - „без ракавици“ да се кажат многу нешта, но со мерка, без да се пласираат измислици, навреди или не дај Боже инциденти. Во разговор за ДВ некои од граѓаните признаваат и дека немаат увид во кампањата, бидејќи поучени од минатото, решиле дека е подобро додека таа трае - да следат филмски или музички тв-канали. Други, пак, сметаат дека од гласните кавги многу малку се слуша за програмите на кандидатите.
„Не разбрав кој што ветува дека ќе гради во нашава општина, ама точно до детаљ знам што си кажаа опонентите еден за друг. Тоа побрзо стигнува до нашите уши“, иронично коментира инженер од Скопје.
„Во некое друго време ќе речев дека медиумите имаат голема одговорност да не пренесуваат секакви валканици, но денес, во време на социјални мрежи, не може да се спречи тие да ‘течат’ од сите страни“, вели тој.
Откако вчера во оружен инцидент во Куманово беше повреден лекарот и носител на советничката листа на ДУИ во Општина Липково, Зекирија Шаини, (чин што го осудија сите партии), СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, со оценка дека тие инциденти покажуваат распад на безбедносниот систем.
„Последниот вооружен инцидент во Куманово е најсериозен инциден во пресрет на локалните избори кој внесува сериозна загриженост за јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните (...) Ова што се случува во континуитет е за секаква осуда и недозволиво. Македонските улици се претворија во Див Запад“, се вели во соопштението на СДСМ и се бара оставка од министерот за внатрешни работи.
За вас политиката е шоу, за нас е одговорност
„Нема да си поднесам оставка“, одговори Тошковски преку објава на неговиот фејсбук-профил.
„Напротив - додека вие се занимавате со спинови и конструкции, ќе продолжам со решавање на проблеми и расчистување со нередот кој го оставивте. За вас политиката е шоу, за нас е одговорност“, напиша министерот.
На СДСМ му порача дека осум години уништување на државата и страв од одговорност за истото, не се бришат со папагалско повторување на зборот „оставка".
„Помина повеќе од една година, во која секојдневно активност на прес-центарот на СДСМ не е ништо друго освен папагалско повторување на зборовите: „Оставка за Тошковски!“ (...) Еден ден тоа е безбедноста, друг ден животната средина, третиот парното во зграда. Нема да бидам изненаден ако СДСМ утре излезе со итно соопштение дека јас сум лично одговорен и за недостигот на сончеви зраци во Скопје“, коментира министерот.
Се осврна и на инцидентот во Куманово, со оценка дека СДСМ веднаш го претворил во нова доза политичка хистерија.
„Пред да заврши увидот, пред да се појават првичните наоди, тие веќе бараат оставка. За нив секој трагичен настан е средство за политичка пресметка и наместо за момент да покажат барем минимална човечност и почит, веднаш трчаат пред камери. Тоа не е грижа за државата, тоа е очај маскиран во политика“, напиша Тошковски.
На социјалдемократите им постави неколку прашања.
„Толку ли многу ви смета што покренавме кривични постапки против корумпирани судии и обвинители? Толку ли многу ви смета што расчистивме 14 криминални банди кои се занимаваа со дрога, трговија со луѓе и тешки убиства, токму додека министер за внатрешни работи беше човек од СДСМ? Толку ли многу ви смета што уапсивме членови на терористички ќелии? Толку ли многу ви смета што поднесовме кривични пријави против поранешен министер за култура, поранешен директор на ЕСМ, поранешен директор на затвор, поранешни градоначалници, корумпирани директори на здравствени и други државни институции кои сметаа дека и оваа власт ќе продолжи исто како вас да го поддржува, а не да се бори со криминалот и корупцијата?“, праша Тошковски.
Отворена истрага за случајот во Виница
За да нема шпекулации за инцидентите, важни се постапките на надлежните институции. Основното јавно обвинителство Кочани вчера донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од Виница за кривично дело - тешка телесна повреда. Осомничениот 37-годишник, на втори октомври, на паркинг простор пред ресторан во Виница, со умисла тешко телесно повредил едно лице и му го довел во опасност животот.
Како што претходно беше објавено, нападнатиот е Имит Скопко, кандидат за советник на претстојните избори од редовите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во еден момент осомничениот со камен го удрил оштетениот во задниот дел од главата и тој од ударот паднал во бесознание. Му била нанесена тешка телесна повреда - скршеница на черепот на главата, поради која оштетениот се наоѓа во кома и е неконтактибилен, а животот му е доведен во опасност“, соопшти Обвинителството.
По формалното отворање на истрагата, надлежниот јавен обвинител до Судот доставил предлог за определување редовен притвор за осомничениот во траење од 30 дена.