1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборно изненадување во Баден-Виртемберг: победа на Зелените

9 март 2026

На изборите за покраински парламент во југозападната германска покраина Баден-Виртемберг, Зелените за влакно ја победија ЦДУ. АфД двојно ги зголеми добиените гласови, а СПД потона.

Џем Оздемир и членови на Партијата на зелените по покраинските избори во Баден-Виртемберг
Тешко е да се поверува, ниту за него, ниту за неговите поддржувачи: Џем Оздемир веројатно ќе стане новиот шеф на владата во Баден-ВиртембергФотографија: dts-Agentur/picture alliance

Ваквиот исход од изборите во Баден-Виртемберг е сензација. Откако со месеци во анкетите безнадежно заостануваа зад конзервативната ЦДУ со нејзиниот кандидатот Мануел Хагел, на крајот Зелените, според неофицијалните резултати, освоија победа со 30,2 проценти, а ЦДУ - 29,7 проценти. Така, поранешниот сојузен министер од редовите на Зелените, Џем Оздемир, со голема веројатност ќе стане следниот покраински премиер на Баден-Виртемберг.

Прв покраински премиер со турско потекло

Оздемир во тој случај би бил првиот покраински премиер во историјата на  Сојузна Република Германија, чии родители  не се родени во Германија,  односно дошле од Турција во 60-тите години на минатиот век. 60-годишниот политичар од  Зелените,  кој потекнува од околината на Штутгарт, веројатно ќе владее со  ЦДУ - како помал коалициски партнер налик на неговиот сопартиец Винфрид Кречман, кој исто така владееше во коалиција со ЦДУ и не се кандидираше за реизбор. Во своето првично обраќање, Оздемир видливо трогнат зборуваше за брилијантен спринт во финалето од изборната кампања. На првата германска програма АРД рече дека подгреале „многу очекувања кај луѓето во Баден-Виртемберг, дека сме посветени на благосостојбата на покраината, а не на партиските интереси. Јас стојам зад тоа. Така сакам да ја водам покраината."

 

Платформата на Зелените се викаше Оздемир

Победата на Оздемир е  резултат на избори  кои, како малку кои пред нив, беа одлука за еден единствен кандидат. Цели 50 проценти од оние кои гласаа за Зелените, навеле дека тоа го сториле заради  нивниот кандидат Оздемир.  Тоа произлегува од резултатот на анкета спроведена со повеќе од 22 илјади граѓани од институтот Инфратест димап на денот на изборите. Ретко има толку високо ниво на поддршка за едно лице на избори во Германија, во која гласачите всушност се водат според партиските програми.

Избор фокусиран на кандидатите од Зелените и ЦДУФотографија: Silas Stein/AFP/Getty Images

Големо незадоволство од работата на сојузната влада

Оздемир во Баден-Виртемберг е многу попочитуван и попознат од неговиот противник од ЦДУ, Мануел Хагел, кој мораше да се бори и против широко распространетото незадоволство од работата на сојузната влада под водство на канцеларот Фридрих Мерц (ЦДУ). 78 проценти од анкетираните се согласиле со изјавата дека коалициската влада на Христијанските демократи и Социјалдемократите во Берлин ветила премногу, а исполнила премалку. А, токму  СПД  тоа го почувствува и на своја кожа – изборниот резултат за партијата беше катастрофален. Претседателката на СПД, Бербел Бас, која е сојузен министер за труд во кабинетот на Мерц, главната причина за овој оскуден резултат ја лоцира во дуелот меѓу Оздемир и Хагел. „Тој едноставно ги повлече сите гласови, мора така да се каже, оти имаше двобој на двајцата кандидати“, рече Бас.

Вајдел: гласачите сакаат коалиција од десниот центар

Во делови десничарската  Алтернатива за Германија  (АфД) освои помалку гласови отколку што се надеваше, но значително повеќе отколку на изминатите избори пред пет години. Единствените можни коалициски партнери, конзервативците, сепак многу порано ја отфрлија можноста за соработка со десничарските популисти. Претседателката на АфД, Алис Вајдел, за АРД рече дека гласачите гласале за влада од десниот центар, но дека тоа се игнорира. „Сега ќе бидеме опозиција“, додаде таа.

Либералите и Левица не се застапени во новиот состав

Либералите (ФДП) и Левицата беа тотално прегазени на овие избори и нема да бидат застапени во новиот покраински парламентарен состав. Тоа е особено горчлив пораз за Либералите бидејќи Баден-Виртемберг со децении важеше за упориште на партијата, која до есента 2024 година беше составен дел од власта на сојузно ниво во време на канцеларот Олаф Шолц. По распадот на коалицијата, ФДП речиси и да нема успеси и веќе не е застапена ниту во Бундестагот во Берлин.

Баден-Виртемберг: средиште на автомобилската индустрија

Со нешто повеќе од единаесет милиони жители, Баден-Виртемберг важи за една од економски силните германски покраини. Пред сѐ автомобилската индустрија во криза, таму има свои подружници, меѓу кои и на Порше и Мерцедес. Но, покраината е обележана и од голем број помали семејни бизниси. На запад Баден-Виртемберг граничи со Франција, а на југ со Швајцарија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми