САД очигледно за првпат нападнале цел во Венецуела
30 декември 2025
Според изјавите на претседателот Доналд Трамп, САД нападнале наводен „центар за претовар на дрога“ во Венецуела. „Дојде до голема експлозија во пристаништето каде што се товарат бродовите со дрога“, рече Трамп пред средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неговата резиденција Мар-а-Лаго во Флорида. Тој не даде дополнителни детали, како што се точната локација или можните жртви.
Според телевизијата Си-Ен-Ен, нападот бил извршен од ЦИА со дрон уште пред две недели. Трамп првпат го спомена нападот без детали пред неколку дена во еден подкаст, но дури откако повторно го спомена вчера, веста привлече внимание. Се чини дека со тоа разоткри тајна операција на ЦИА. Си-Ен-Ен цитира извор кој тврди дека нападот на пристаништето бил повеќе симболичен, бидејќи има голем број такви места за претовар на дрога по должината на брегот на Венецуела. Во минатото, Трамп повеќепати најавуваше дека ќе ја прошири својата наводна војна против дрогата во Венецуела на цели на копното.
Првпат е нападната копнена цел
Ова би бил првиот официјално познат случај дека САД, од почетокот на акциите против владата на претседателот Николас Мадуро, нападнале цел на копното. Засега не е јасно која цел била погодена.
На прашањето дали ЦИА е одговорна, Трамп рече: „Знам точно кој е, но не сакам да кажам“. Нема реакција од Венецуела, ниту пак има независни извештаи за таков инцидент. ЦИА, Белата куќа и Пентагон одбија да коментираат.
Тензии меѓу САД и Венецуела
Досега, акциите на САД главно се фокусираа на воени напади врз бродови за кои тврдат дека се користат за транспорт на дрога. Во повеќе од 20 вакви напади во Карибите и во источниот Пацифик досега загинаа повеќе од 100 луѓе. Администрацијата на Трамп, исто така, распореди масовно воено присуство во Карибите со повеќе од 15.000 војници. Венецуелскиот претседател Мадуро смета дека целта на тој потег е да предизвика промена на власта во земјата. Оваа акција предизвика контроверзии и во американскиот Конгрес. На почетокот на декември, високи американски воени претставници ги информираа парламентарците за инцидентот во септември, кога 11 лица беа убиени во американски напад. Преживеаните беа убиени во втор напад кој го наредил адмиралот Френк Бредли. Демократските конгресмени доведоа во прашање дали вториот напад е во согласност со меѓународното право.