1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израел го предупредува Хезболах од прекршување на примирјето

ЕМФ / дпа
28 ноември 2024

Израелската армија ригорозно го спроведува прекинот на огнот во Либан. Во меѓувреме, продолжува со акциите во Газа против Хамас.

Либан бегалци
Либански бегалци се враќаат дома, 27.11.2024Фотографија: MAHMOUD ZAYYAT/AFP

Израелската армија на првиот ден од примирјето во Либан уапси осомничени лица кои им се приближиле на израелските трупи кои сѐ уште се стационирани во јужниот дел на таа земја, изјави вчеравечер (27.11) портпаролот на израелската армија Даниел Хагари. Според Хагари, биле убиени повеќе „терористи“. Присуството на вооружени лица во тој дел претставува кршење на договорот за примирје, вели портпаорлот на израелската армија, додавајќи: „На секое прекршување на прекинот на огнот ќе биде одговорено со оган“. Тој нагласува и дека секое вооружено лице ќе биде „неутрализирано“ или уапсено. Од цивилите во Либан, Хагари побара да причекаат со враќање во тој дел од земјата.

Договорот за прекин на огнот предвидува Хезболах, во согласност со резолуција на ОН, да се повлече зад реката Литани, околу 30 километри северно од израелско-либанската граница. Сепак, останува нејасно кој одлучува дали повратниците во јужните области се борци на Хезболах, симпатизери или цивили. Копнените трупи на Израел треба постепено да се повлекуваат од Либан во рок од 60 дена.

Акциите во Газа продолжуваат

Во меѓувреме, израелската армија продолжува со своите акции против Хамас во Појасот Газа. Од медицински извори и палестински меидуми доаѓаат информации за жртви во израелски напади во градот Газа и Беит Лахија. Израелската армија соопшти дека ќе продолжи со напади во Беит Лахија и Џабалија, на северот од Појасот Газа.

Хамас сè уште има околу 100 заложници во свои раце, кои по терористичкиот напад врз Израел на 7 октомври 2023 година беа земени од Израел и однесени во Појасот Газа. „Ние сме решени да ги вратиме дома“, вели Хагари. Се проценува дека само околу половина од киднапираните се сè уште живи.

Египетски безбедносни кругови соопштија дека САД се во контакт со Египет, Турција и Катар за да се постигне договор за ставање крај на војната во Газа. Хамас ја потврди својата генерална подготвеност да ги прекине борбите, но како што изјави претставник на исламистите за агенцијата ДПА, тие инсистираат на нивните услови за прекин на огнот. Одлуката на Хезболах се почитува, но палестинскиот народ не е подготвен да се откаже од отпорот против Израел и покрај страдањата во Појасот Газа, изјави претставникот на Хамас за ДПА.

Од почетокот на војната во Газа, условите на терористичката организација останаа непроменети. Хамас во замена за ослободување на израелските заложници бара, меѓу другото, ослободување на голем број палестинските затвореници од израелските затвори и целосно повлекување на израелската армија од Газа. Меѓутоа, Израел, пак, сака да ги задржи своите трупи на стратешки позиции во оваа област.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми