Израел го прогласи за мртов Мохамед Деиф, воен шеф на Хамас
1 август 2024Израелската армија соопшти дека го убила воениот шеф на Хамас, Мохамед Деиф во воздушен напад во Појасот Газа на средината од јули. „ИДФ (израелската армија) информира дека на 13 јули 2024 година борбени авиони на ИДФ нападнале во регионот Кан Јунис и по анализата на разузнавачките информации може да се потврди дека Мохамед Деиф бил елиминиран во тој напад“, се вели во соопштението на армијата објавено денеска (1.08).
Деиф, како што соопштува израелската армија, „го иницираше, планираше и го изврши масакрот на 7-ми октомври“. Тој, како што се вели, е одговорен и за бројни други напади врз Израел. Според израелските информации, Деиф, заедно со заедно со политичкиот шеф на Хамас, Исмаил Ханија, кој беше убиен вчера во Иран и Јахја Синвар, за кој се верува дека е во Појасот Газа, бил еден од главните организатори на големиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври.
Деиф беше водач на бригадите Еседин ал Касам, кои се вооружено крило на Хамас. Тој речиси три децении е меѓу најбараните лица во Израел. САД го ставија на листа на барани „меѓународни терористи“ во 2015 година. Деиф работеше заедно со Јахја Синвар, кој се смета за шеф на Хамас во Појасот Газа.
Според израелските информации, во големиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври, биле убиени 1.197 луѓе, а 251 лица биле киднапирани како заложници во Појасот Газа од страна на борци на Хамас и други милитантни палестински групи. Израел одговори на нападот со масовна воена операција во Појасот Газа. Според податоците на исламистичкиот Хамас, кои не можат независно да се проверат, оттогаш во Појасот Газа се убиени повеќе од 39.400 луѓе.