1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

Израел, Хамас, Газа: што предвидува меѓународното право?

Матијас фон Хајн
21 октомври 2023

Израел на теророт на Хамас одговара со бомби, блокада на Појасот Газа и можеби копнена офанзива. Што вели меѓународното право за тоа, каде започнуваат воените злосторства?

Газа
Масовно уништување во Појасот Газа: меѓународното право дозволува самоодбрана, но поставува и границиФотографија: YAHYA HASSOUNA/AFP/Getty Images

Војната е сурова, бидејќи значи насилство. Поточно, тоа е употреба на организирано насилство за постигнување политички цели. Спречувањето на тоа насилство со правила е целта на меѓународното право. Но, кога тоа ќе се судри со валканата реалност во Израел и Газа, работите стануваат комплицирани. 

Ситуацијата е јасна кога станува збор за бруталниот напад на 7 октомври, кога милитантите на Хамас влегоа во Израел, убија повеќе од 1.300 луѓе и киднапираа речиси 200 цивили, земајќи ги како заложници. За Штефан Талмон, експерт за меѓународно право од Бон, тоа пред се е „масовно убиство“. Но, со оглед на повеќедецениската борба меѓу Израел и Палестинците, тој доаѓа до следниот заклучок: „Имајќи ги предвид димензиите и интензитетот на нападот од 7 октомври, меѓународното право претпоставува дека се работи за вооружен конфликт“. 

Десетици луѓе беа убиени во масакрот на Хамас во Кибуц Кфар АзФотографија: Ohad Zwigenberg/AP/picture alliance

Следствено на тоа, израелскиот премиер прогласи воена состојба. Еден ден по масакрот на југот на Израел, Бенјамин Нетанјаху јасно стави до знаење дека сите места од кои дејствува Хамас или каде што се кријат неговите членови, ќе бидат претворени во урнатини. Израел оттогаш ја бомбардира Газа, а британски „Економист“ пишува дека  за шест дена биле испукани околу 6.000 бомби.

Портпаролот на израелската војска, Даниел Хагари вели дека „стотици тони бомби“ се фрлени врз Газа, додавајќи дека „акцентот е ставен на уништувањето, а не на прецизноста“. Според палестинските податоци, оттогаш најмалку 3.000 луѓе загинале, а стотици илјади избегале на подрачје од само 365 квадратни километри - што одговара на областа на град како што е, на пример, германски Келн. Последиците од бомбардирањето беа опишани во твит на хуманитарната организација Норвешки совет за бегалци, во кој се наведува дека до 17 октомври е уништена четвртина од станбените згради во Газа.

Правото на самоодбрана не е неограничено 

Правото на Израел на самоодбрана од вооружен напад, според член 51 од Повелбата на Обединетите нации, е неспорно. Сепак, тоа е ограничено со меѓународното хуманитарно право. Во исто време, еден од најважните принципи е „принципот на дистинкција“: конфликтните страни мора да прават разлика помеѓу цивили и борци, меѓу цивилни објекти и воени цели. Меѓутоа, тоа само значи дека цивилите, т.е. цивилните објекти, не смеат свесно да бидат цел на напад. Затоа, убивањето цивили е забрането само ако може да се докаже дека тоа е направено намерно.

Во пракса, како што објаснува професорот по меѓународно право Талмон, тоа значи следново: „Ако Хамас постави ракетен систем во цивилна станбена зона, Израел има право да го неутрализира, дури и со ризик од она што се нарекува „колатерална штета“, што имплицира жртви меѓу цивилното население. Во зависност од воените цели, колатералната штета може да биде многу висока“. 

Газа: една од најгусто населените области во светот - и без излезФотографија: Maxar Technologies/AP/picture alliance

Сепак, да се направи разлика меѓу цивилните и воените цели во Појасот Газа, што е императив на меѓународното право, е речиси невозможно. Тоа е едно од најгусто населените области во светот. Тунелите на Хамас минуваат и под станбени згради, а позициите на Хамас понекогаш се наоѓаат во станбени и комерцијални згради. Меѓународното право малку води сметка за тоа. 

„Ако Хамас е стациониран во училишта, џамии или болници и има свои командни центри таму, тогаш тоа се легитимни воени цели“, објаснува Штефан Талмон. Тој додава дека поставувањето позиции и стационирањето на Хамас во цивилни објекти исто така се смета за воено злосторство. 

Забрана за колективно казнување 

Израел воведе сеопфатна блокада на Појасот Газа. Израелскиот министер за одбрана Јоав Галан најави целосна опсада во која Газа ќе биде исклучена од снабдувањето со електрична енергија, вода, храна и гориво. Со оглед на размерите на воздушните напади и блокадата, израелската организација за човекови права го обвинува Израел за воени злосторства. Организацијата за хуманитарна помош „Лекари без граници“ зборува за колективно казнување во Газа, што е кршење на меѓународното право.

Според професорот Талмон, мнозинството експерти за меѓународно право сметаат дека целосна блокада, односно прекин на снабдувањето со храна, вода за пиење, гориво и медицински производи, не е покриена со меѓународното право. „Во меѓународното право, сепак, постои забрана за т.н колективна казна, во овој случај колективна казна на целото палестинско население од Појасот Газа. Не сите Палестинци се членови на Хамас и не се сите одговорни за нападот врз Израел, но тие беа погодени од воениот одговор на Израел и тоа беше неселективно“.

Покрај тоа, меѓународното право експлицитно забранува насочено изгладнување на цивилното население. „Ако се воведе целосна блокада, во еден момент нема да има храна или вода за пиење, а потоа ќе има глад. Ова е забрането со меѓународното право“, вели Талмон. 

Штефан Талмон, професор по меѓународно право од Универзитетот во БонФотографија: Volker Lannert

Евакуацијата е легална, раселувањето е незаконско 

На 13 октомври, израелската армија нареди повеќе од милион цивили од северниот дел на Појасот Газа - што е речиси половина од вкупното население - да бидат евакуирани на југ . Истото важи и за меѓународните организации. Хамас, од друга страна, ги повика Палестинците да останат и, според израелската армија, дури и ги спречил да побегнат.

Со оглед на тоа што инфраструктурата во Појасот Газа е уништена и нема место за толку луѓе, Обединетите нации сметаат дека евакуацијата е невозможна. Меѓународниот комитет на Црвениот крст, како и Јан Егеланд, поранешниот министер за надворешни работи на Норвешка, а денес претседател на хуманитарната организација Норвешки совет за бегалци, сметаат дека израелската наредба за евакуација е кршење на меѓународното право.

Сепак, и на оние кои ја послушале наредбата и се евакуирале, никој не им гарантира безбедност, бидејќи бомбардирањето продолжува. На видеата до кои дојде весникот „Вашингтон пост“ се гледаат луѓе, меѓу кои и деца, кои очигледно биле убиени во израелски напад во петокот додека бегале на југ.

Во принцип, како што објаснува Штефан Талмон, повикот за евакуација на цивилното население од страна на окупаторската сила е дозволен според меѓународното право. „Ова е направено со цел да се обезбеди заштита и безбедност на населението и да се овозможат воени операции“. Според Талмон, Израел во тој поглед не дејствува незаконски.

Меѓународно хуманитарно право: „архаично право“? 

„Меѓународното право би го забранило обидот на Израел да го протера населението од целиот Појас Газа, но на територијата на непријателот, секако е дозволена евакуација или принудно преселување на населението заради нивна заштита и безбедност“, резимира експертот за меѓународно право Штефан Талмон. .

Сумирано, меѓународното хуманитарно право или меѓународното воено право, како што претходно се нарекуваше, е архаично, вели Штефан Талмон. „Тоа е напишано од држави кои претпоставувале дека еден ден навистина ќе водат војна. Затоа не сакале себеси да си ставаат окови, односно да наметнуваат правила кои не би можеле да ги почитуваат“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми