1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израел и Хезболах: Загриженост од проширување на конфликтот

Керстен Книп
29 јуни 2024

Ситуацијата на израелско-либанската граница станува сѐ понапната. Двете страни се закануваат една на друга, но, барем засега, бегаат од голема војна. Дали таа може да се спречи?

Израел | Градот Кирјат Шмона
Градот Кирјат Шмона по ракетен напад од Либан, март 2024 годинаФотографија: Ariel Schalit/AP Photo/picture alliance

Крај на фазата на интензивни борби во Појасот Газа - да, но не и крај на војната. Ова го соопшти израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата вечерта (23.06) на израелската телевизија Канал 14. Војната, вели тој, треба да заврши со конечно уништување на терористичката организација Хамас која владее во Појасот Газа. Сепак, крајот на фазата на интензивни борби значи дека е можно да се преместат дел од војниците на север, до граничната област со Либан.

Израелската армија и милицијата Хезболах таму разменуваат оган со месеци. Непосредно по 7-ми октомври минатата година, кога Хамас од Појасот Газа влезе на израелска територија и уби околу 1.200 луѓе и киднапираше околу 240, Хезболах започна со гранатирање.

Израел соопшти дека ќе ги засили напорите за решавање на конфликтот во наредните недели. Пожелно е тоа да се направи преку дипломатски средства, изјави деновиве израелскиот советник за национална безбедност Цахи Ханегби, пренесуваат медиумите. Но, ако тоа не успее, „секој ќе разбере дека тогаш ќе мора да има договор со други средства“, додаде тој.

„Постепена ескалација“

Досега двете страни внимаваа да избегнат отворена војна. Но, пред неколку дена Хезболах објави видео кое би требало да покаже потенцијални цели во Израел. На снимката, направена со дрон, се гледаат различни воени и цивилни објекти, вклучително и оние во израелскиот пристанишен град Хаифа. Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, потоа го предупреди Хезболах на опасноста од „сеопфатна војна“ на израелско-либанската граница, во која тие би биле „уништени“.

„Регистрираме постепена ескалација која стана поинтензивна во последните неколку недели“, вели Михаел Бауер, шеф на канцеларијата на фондацијата „Конрад Аденауер“ во Бејрут. Од страна на Хезболах, ова се рефлектира во заострената реторика и демонстрацијата на сè пософистицирани системи за оружје. Хезболах сѐ повеќе се потпира на прецизно оружје и на сѐ помоќните - сега и оклопни - системи.

Повик до поддржувачите: Лидерот на Хезболах, Хасан Насрала држи говор пренесуван преку видео-врска, април 2024 годинаФотографија: Hassan Ammar/AP

„Нешто лесно може да тргне наопаку“

Хезболах има околу 30.000 активни борци и до 20.000 резервисти, се вели во анализата на Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон од март оваа година. Тие функционираат врз основа на екстремно рамни хиерархии со високи овластувања за одлучување дури и на подредените команданти. Во војната меѓу Хезболах и Израел во 2006 година, на милицијата ѝ беа потребни помалку од 28 секунди за да постави лансирна рампа, да истрела ракети и повторно да се повлече. Оттогаш, потребните вештини се подобрени.

„Значи, сега сме на високо ниво на ескалација“, изјави Бауер за ДВ. „Дури и ако се претпостави дека двете страни не стремат кон целосна војна, нивото на ескалација е многу високо. Нешто лесно може да тргне наопаку.“

Слично размислува и Петер Линтл, експерт за конфликтот на Блискиот Исток во Берлинската фондација за наука и политика (СВП). Досегашните конфликти сè уште не достигнале ниво на регуларна војна. Но, размената на оган станува сѐ почеста и поостра. „Значи, гледаме многу бавно зголемување на конфликтот во насока на можна ескалација“. Не може да се исклучи дека тоа ќе се случи, без разлика што двете страни тоа не го сакаа. „Но, преку овие постојани обиди за меѓусебно одвраќање, како и преку соодветните контрамерки, се разбира, може да се случи во одреден момент да се дојде до еден вид точка од која нема враќање, значи едната страна да каже - мора посилно да реагираме, што потоа ќе ја мотивира другата страна да удри посилно“, оценува Линтл за ДВ. „Во моментов ја гледаме оваа опасност“.

Ретки моменти на радост за децата во Газа

01:03

This browser does not support the video element.

Израелска загриженост

Луѓето во Израел се свесни за опасноста од војна, вели Хајко Вимен, кој, меѓу другото, е одговорен за истражување на Либан во Меѓународната кризна група. Тој неодамна имал разговори со Израелци кои имаат многу добри врски со војската, како што се луѓе кои неодамна ја напуштиле службата. Од нивна гледна точка, војната со Хезболах би вклучувала значителни ризици. „Од нивна гледна точка, крајно опасно е да се нападне противник кој се подготвувал токму за овој напад 20 години. Тие се сомневаат и во идејата да се нападне милицијата со армија која е донекаде исцрпена од неколкумесечните војна со Хамас“. Можен е обид да не се преминат црвените линии на Хезболах во борбата против милицијата. „Но, едноставно не знаете каде се тие. Кога знаете, речиси е предоцна“.

Позицијата на Хезболах

И Хезболах не мора нужно да сака голема војна со Израел, вели Михаел Бауер. Затоа во моментов го покажува својот застрашувачки потенцијал. „Но, ова е порака и до сопствените поддржувачи. Од октомври минатата година, околу 400 нејзини борци веќе се убиени. Тоа е повеќе отколку во војната во 2006 година. Во овој поглед, раководството сака да демонстрира сила и навнатре. Истовремено, веќе сака да се постави во добра позиција за можни преговори“.

Дали Израел е доволно подготвен за војна со Хезболах? На фотографијата - борбен авион Ф-15 од израелските воздухопловни силиФотографија: Ariel Schalit/AP Photo/picture alliance

Меѓународна загриженост за избувнувањето на војната

Ако се следи палестинскиот весник „Ал Кудс“, кој излегува во Лондон, и режимот во Техеран, кој си зададе за цел да го уништи Израел, се обидува да спречи голема војна на Блискиот Исток. Поради оваа причина, тврди весникот, тој им наложил на своите недржавни сојузници, особено јеменските Хути-милиции, малку да ја зголемат ескалацијата на нивна територија. Хутите донекаде ги интензивираа своите напади врз меѓународниот бродси сообраќај во изминатите неколку дена - со цел, како што толкува „Ал Кудс“, Техеран да ги предупреди Израел и Западот за можните последици од поголем конфликт.

Но, она што е најважно е односот на САД, потенцира Хајко Вимен. „Тие сè уште не му дале зелено светло на Израел за напад. А, тоа за Израел е воен предуслов за успешен конфликт: „Доставувањето на оружје од САД во Израел мора да биде неограничено. Без ова, Израел не е способен да води таква војна“.

На актуелните тензии со загриженост се гледа и во регионалното соседство. „Египет и Јордан би можеле да бидат дестабилизирани со таква војна“, вели Петер Линтл. Во Јордан, фундаменталните исламисти добија поддршка како резултат на војната во Газа. „Другите држави - како Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати - се разбира се обидуваат да спречат таква војна колку што е тоа можно. Но, можностите се прилично ограничени. Ова ја прави нивната загриженост уште поголема. Бидејќи војната би била катастрофа и за нив.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми