Израел и САД го нападнаа Иран
28 февруари 2026
Израел, според сопствени наводи, започнал превентивен напад врз Иран. Израелскиот министер за одбрана Израел Кац соопшти дека целта е да се отстранат заканите за државата Израел. Како што јавува израелскиот радиодифузен сервис, воените сили таргетираат објекти на исламското раководство и на армијата.
Според иранските државни медиуми, во центарот на Техеран биле слушнати неколку експлозии и се гледале два столба густ чад. Иранската новинска агенција Исна објави дека еден од столбовите чад се гледал во близина на кварт во центарот на градот каде што се наоѓа резиденцијата на врховниот верски водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, како и претседателската канцеларија.
Според ирански официјални информации, Хамнеи не се наоѓа во Техеран, туку бил пренесен на безбедна локација.
Во Техеран има долги редици на бензинските пумпи, а голем број луѓе го напуштаат градот, велат очевидци за новинската агенција Ројтерс.
Владата во Техеран реагира со нова закана
Иранската влада одговори на нападот со остри зборови. „Ве предупредивме. Сега тргнавте по пат чиј исход повеќе не е во ваши раце“, изјави претседателот на Комисијата за безбедност, Ебрахим Азизи.
Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, претходно се закани со „сеопфатна војна“ доколку Хамнеи биде нападнат.
Напад само два дена по последната рунда преговори
Во Израел е вклучена воздушна тревога за населението да се предупреди од можен одмазднички напад од Иран, соопшти израелската војска. Израелскиот воздушен простор е затворен за цивилен воздушен сообраќај. Во целата земја е прогласена вонредна состојба.
Цивилната заштита објави и нови упатства за граѓаните. Во целата земја треба да се одвиваат само неопходни активности. Училиштата и другите образовни институции засега остануваат затворени. Треба да се избегнуваат големи собири. Исклучок е секторот за витално снабдување. Новите мерки засега треба да важат до понеделник навечер.
Израел минатата година водеше војна против Иран. Новиот напад доаѓа само два дена по уште една рунда преговори меѓу САД и Иран за контроверзната нуклеарна програма на Исламската Република. На разговорите во Женева не беше постигнат пробив.
САД се вклучени во нападот
Според американскиот претседател Доналд Трамп, САД се вклучени во воениот напад врз Иран. Тој соопшти дека американските вооружени сили започнале голема борбена операција во Иран.
Владата во Вашингтон сака да спречи раководството во Техеран да дојде до нуклеарно оружје. Иранската влада неодамна покажа подготвеност да ја ограничи својата нуклеарна програма, но за возврат бара укинување на строгите економски санкции. САД се најважниот сојузник на Израел.