1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Зошто Иран најверојатно ќе остане воздржан

Тагесшау (АРД)
1 октомври 2024

Иако од Техеран постојано доаѓаат гласни закани, Иран досега избегнува директна конфронтација со Израел. Зошто? Ова главно се должи на сопствените слабости.

Иран | Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан на воена парада
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан на воена парада во Техеран, 21 саптември 2024 годинаФотографија: Vahid Salemi/AP/picture alliance

Кога на почетокот на јануари 2020 година, во американски напад на аеродромот во Багдад, беше убиен Касем Сулејмани, командант на иранските Ал Кудс бригади во Ирак, духовниот водач на Иран, ајатолахот Хамнеи, тоа го нарече објавување војна и се заколна на одмазда. Следеше ирански воздушен напад врз ирачката воздухопловна база Ал-Асад и врз воената база Ербил во северен Ирак, која ја користеа Американците. Беше причинета главно материјална штета, загинати немаше.

Громогласни најави - мали последици

Кога Израел го бомбардираше Појасот Газа како резултат на терористичкиот напад од Хамас на 7 октомври 2023 година и бројот на жртвите меѓу Палестинците се зголемуваше сѐ повеќе, иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахијан се закани дека доколку Израел продолжи со нападите врз беспомошното население во Појасот Газа, никој нема да може да гарантира дека конфликтот нема да се прошири. Со други зборови тоа значеше дека Иран може да интервенира во вооружениот конфликт. Наместо некаква мобилизација на иранската војска, новинската агенција Ројтерс во март 2024 година објави дека либанската милитантна организација Хезболах по координациите со Иран објавила дека самата ќе се бори против Израел, односно дека Иран нема да учествува во борбените дејствија. Дури откако на 1 април, во насочуван напад врз иранската амбасада во Дамаск беа убиени седум членови на Иранската револуционерна гарда, Хамнеи даде дозвола да се испукаат ракети врз Израел. Сепак, Техеран јасно го најави овој напад, па дури и ја информираше владата во Вашингтон. Само неколку часа по нападот, кој Израел во голема мера го пресретна, Иран рече дека прашањето „може да се смета за затворено“. Едвај и да имаше информации до кој степен воопшто била успешна акцијата.

Дури откако во насочуван напад врз иранската амбасада во Дамаск беа убиени седум членови на Иранската револуционерна гарда, Хамнеи (д.) даде дозвола да се испукаат ракети врз Израел (архивска фотографија)Фотографија: AP Photo/picture alliance

Воздржаност и покрај големото понижување

Кога на 31 јули 2024 година, во атентат што му се припишува на Мосад, за време на посетата на Техеран беше убиен Исмаил Ханија, водач на терористичката организација Хамас, Исламската Република гласно најавуваше одмазда. Таа сè уште се нема случено - мулите очигледно не сакаат или не можат да ги спроведат во дело своите многубројни јасни закани. Понижувањето во Техеран веројатно е големо и по убиството на Хасан Насралах, но и покрај тоа е многу неизвесно дали Хамнеи смртта на својот најважен приврзаник ќе ја одмазди со воени дејствија. Особено што неговите зборови звучеа прилично резервирано во споредба со претходните изјави, бидејќи тој рече дека „ционистичките злосторници“ се „премногу безначајни за да можат да ѝ нанесат сериозна штета на силната структура на Хезболах во Либан“.

Антииизраелски протести во Техеран по убиството на Хасан Насралах (27.09.2024)Фотографија: Morteza Nikoubazl/picture alliance/NurPhoto

Мала поддршка од сопственото население

Постојат две главни причини зошто мулите се воздржуваат од воени дејствија. Од една страна, им недостасува поддршката од сопственото население, бидејќи мнозинството Иранци сакаат крај на Исламската Република и се жалат дека огромни суми пари се инвестираат во поддршка на нивните сојузници, додека голем дел од луѓето во нивната земја живеат под прагот на сиромаштијата. Затоа веќе со години режимот од делови од иранската јавност на демонстрации слуша: „Ниту за Газа, ниту за Либан. Јас го жртвувам мојот живот за Иран!“

Од друга страна, во случај да го нападне Израел, Иран ќе мора да смета на жестоки повратни напади кои ќе го ослабат наместо да го зајакнат исламистичкиот режим во Техеран. Не само што Израел е воено супериорен и поизверзиран, туку дури и да нема напади врз станбени области, туку само врз снабдувањето со електрична енергија и вода, мулите мора да сметаат на тоа дека дел од погоденото население повторно ќе излезе на улица и ќе се побуни. Настрана од фактот дека Израел веројатно би ги таргетирал - делумно подземните - нуклеарни објекти и би можел да користи и бомби за разбивање бункери, како во нападот врз седиштето на Хезболах. Од оваа перспектива, ајатолахот Хамнеи и неговите следбеници треба внимателно да одмерат како ќе одговорат на смртта од Хасан Насралах и дали воопшто сакаат воена конфронтација со Израел.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми