1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израел по 7 октомври: Од солидарност до длабоки поделби

7 октомври 2024

Нападот од 7 октомври до срж го потресе Израел и предизвика силно чувство на солидарност меѓу Израелците. Но, по многу кратко време се вратија старите поделби, сега фокусирани на заложниците што ги држи Хамас во Газа.

Протест во Тел Авив, Израел
Протест во Тел Авив, Израел за договор за ослободување на заложницитеФотографија: Mostafa Alkharouf/Anadolu/picture alliance

Во израелскиот финансиски и културен центар Тел Авив, голем број од облакодерите се обвиени со израелски знамиња и до нив испишани два хебрејски збора „Beyachad Nenatze'ach“, или во превод  „Заедно ќе победиме“.

Но, доколку се фрли повнимателен поглед на улиците на градот се отвора сосема поинаква слика. Од една страна има плакати од семејствата на  заложниците во Газа,  кои повикуваат на постигнување  договор за нивно враќање дома,  макар и по цена на завршување на војната против Хамас.

Од друга страна, има плакати на загинатите војници и барања да се продолжи војната сѐ додека не се постигне „апсолутна победа“ во име на загинатите.

Ова ја илустрира актуелната поделеност во израелското општество, која ја тресе земјата до срж. Дали вреди да се стави крај на војната за  враќањето на заложниците  дома?

Општество во длабок шок

Уште месеци пред нападите од 7 октомври, израелското општество не беше обединето. Имаше повеќемесечни протести против судските реформи  што ги предложи десничарската влада.

Потоа се случија нападите од Хамас на 7 октомври, при што беа убиени околу 1.200 луѓе, главно цивили, а повеќе од 250 беа земени како заложници во Газа од страна на исламистичката група, која Германија, САД, ЕУ и други ја категоризираат како терористичка организација.

Една од целите на нападот на Хамас на 7 октомври - музички фестивал, преку 300 загинати Фотографија: Alexi J. Rosenfeld/Getty Images

Израелското општество се најде во состојба на тотален шок. На многумина им се чинеше дека тамошната влада не е во состојба да се справи со кризата и затоа многу цивили ја презедоа задачата да управуваат со земјата во свои раце. Никнаа цивилни центри за итни случаи, во кои се организираше сѐ, од собирање пари за набавка на борбена опрема за војниците, до обезбедување хотели и сместување за илјадниците граѓани кои мораа да ги напуштат своите домови, или пак најмување на работници за земјоделскиот сектор како замена за сезонските работници-имигранти кои заминаа од Израел поради војната.

Во одредена смисла, граѓанското општество и приватните иницијативи ја презедоа улогата на владата, во смисла на тоа дека беа единствените кои ја одржуваа земјата.

Горчливи поделби во Израел

Една година подоцна многу малку е преостанато од таквиот дух на заедништво. Се појавија старите поделби, иако овој пат се вртат околу војната и заложниците во Газа. На крајот, поддршка за барањата да се постигне договор за ослободување на заложниците се поистоветува со отфрлањето на политиките на владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху во однос на војната.

Навредите упатени кон членовите на семејствата на заложниците станаа вообичаена појава, како на социјалните мрежи, така и на улица, каде се покажуваат дури и во форма на физички напади.

Зборот со кој многумина ги навредат членовите на семејствата е „Smolanim“, односно човек од левото крило, израз кој одамна стана навредлив во многу делови од израелското општество.

Според многу поддржувачи на крајно десничарската влада на Израел, кампањата за  ослободување на заложниците  ја презеле елементи на општеството кои посакуваат пропаст на актуелната влада.

Гил Дикман, братучед на убиената Кармел Гет и добро познат лик во кампањата на семејствата на заложниците, во објава споделува од коментарите што ги добивал на социјалните мрежи по убиството на братучетка му.

Израелците во многу наврати протестираа барајќи договор за ослободување на заложницитеФотографија: Mostafa Alkharouf/Anadolu/picture alliance

„Тие велат дека јас сум виновен за убиството на Кармел... Смртта на Кармел им е забавна и продолжува да генерира уште повеќе напади“, посочува тој.

Во многу од коментарите против семејствата на заложниците се вели дека кампањата за ослободување на нивните роднини на Хамас и дава чувство дека може да ги засили своите барања во  преговорите со Израел.

Според Дикман, ваквите коментари му служат само на еден човек - премиерот Нетанјаху. „Тоа е насилство врз семејствата на заложниците управувано од продолжената рака на владата“, вели Дикман.

Што воопшто е преостанато за консензус?

Шмуел Роснер е новинар во израелскиот јавен радиодифузен сервис.

Во својот подкаст, Роснер ја дебатира „сферата на договор“, односно нивото на кое Израелците со различни политички ставови се способни меѓусебно да се договорат за основни прашања. Фундаменталните прашања што ја дефинираат таквата сфера, вели Роснер, се сменети по 7 октомври.

„Од една страна, има прашања кои сега ја напуштија сферата, како присуството на израелската војска на Западниот Брег и во Газа“. Тој објаснува и дека со нападите од Хамас на многу Израелци им станало јасно дека таквото присуство е нужно за безбедноста на земјата. Тоа значи дека окупацијата на Западниот Брег, која се смета за нелегална според меѓународното право, сега поголем дел од јавноста ја смета за неопходност, за разлика од времето пред 7 октомври.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху - поддршка, но и мета на критики од ИзраелцитеФотографија: Ohad Zwigenberg/AP/picture alliance

Од друга страна, војната им даде можност на радикални групи во израелското општество да легитимираат одредени идеи кои претходно се сметале за табу, посочува Роснер и како пример го наведува т.н. трансфер, односно присилна миграција на Палестинците од целата територија од реката Јордан до Средоземното Море. „Таквите идеи претходно беа на маргините на израелското општество, а сега стана легитимно да се зборува за нив“, вели Роснер и додава дека резултатот е враќање на конфликти кои што многумина Израелци мислеа дека веќе се зад нив. „Ова го отежнува создавањето сфера на договор“, заклучува новинарот.

Израелците не се чувствуваат безбедно

По една година од најстрашниот терористички напад врз Израел до сега, војната со Хамас во Газа, многуте заложници кои сè уште ги држи Хамас, десетици илјади Израелци кои не можат да се вратат дома во северниот дел од земјата и навидум неизбежната војна со Хезболах во Либан, се поставува едно клучно прашање: дали Израелците се чувствуваат покомотни во однос на тоа како нивната влада се справува со ситуацијата?

Анкета од септември 2024 година спроведена од израелскиот Институт за национални безбедносни студии покажува дека тоа едвај е така.

Според анкетата, 31% од Израелците имаат „ниско“ или „многу ниско“ чувство на безбедност, а само 21% изјавиле дека нивното чувство на безбедност е „високо“ или „многу високо“.

Бројот на Израелци што ја напуштаат земјата беше во пораст дури и пред 7 октомври, а статистиките на Централното статистичко биро на Израел покажуваат дека поголем број Израелци ја напуштиле земјата во 2023 година во споредба со 2022 година. Прелиминарните бројки за 2024 година укажуваат на тоа дека таквиот тренд е уште понагласен.

Сепак, среде политички пораки и жестоки дебати, улиците на Тел Авив се исто така полни со помали, помалку видливи налепници. На нив има ликови, имиња и приказни. Тоа се лицата на убиените на 7 октомври, или за време на војната во Газа. Нивните приказни можеби се последното нешто околу што може да се поврзе израелското општество.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми