Израелска офанзива во Газа: „Мислам дека е грешка“
16 септември 2025
Ова не може да заврши добро, вели Хези Нехама, додека на парче хартија ги црта контурите на Појасот Газа - со градот Газа на крајниот север. Никогаш порано, вели поранешниот бригаден командант, израелската армија не се борела во толку густо населена област како сега. „Многу е опасно. Хамас се крие меѓу населението. Не им дозволуваат да си одат и ги користат како човечки штитови“, вели Нехама. Би загинале цивили и многу војници. „Сето ова е лудо. Мислам дека е грешка.“
Се вели дека и раководството на армијата се изјаснило против операција во градот Газа. Сепак, нивната загриженост не наиде на „отворени уши“. Началникот на Генералштабот на армијата, Ејал Замир, постојано предупредуваше дека операцијата ќе претставува значителен ризик за животите на заложниците, делумно затоа што не е јасно каде точно се наоѓаат тие. Но, израелската армија го гранатира градот Газа со денови. Сето ова се случува затоа што така сака Врховниот командант, премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Нема ефикасна стратегија
Експертите за урбано војување се сомневаат дека Израел ќе биде успешен со таква офанзива. Џулијан Вернер спроведува истражување на оваа тема на Универзитетот на Бундесверот во Минхен. Тој вели дека градот Газа е преголем, а бројот на израелски војници не е доволно голем. „Откако ќе бидат освоени населбите, тие мора да продолжат понатаму.“ Вернер се сомнева дека израелската влада има ефикасна стратегија. Воениот експерт вели дека Нетанјаху постојано ги остава своите војници да удираат со глава во ѕид.
„Операцијата ќе го уништи последното упориште на Хамас“
Џон Спенсер, исто така, истакнува дека Израел нема доволно војници за намерата. Тој се смета за водечки светски експерт за урбано војување. Сепак, обидот на Хамас да му се одземе неговото последно големо упориште е она што, според Спенсер, треба да се направи. „Фактот дека се распоредуваат пет дивизии е јасен знак дека Израел е сериозен во врска со контролата на градот Газа.“
Сепак, малку е веројатно дека тие ќе останат таму подолго и дека ќе го окупираат градот. „Израелското општество не го сака тоа, а нема да функционира ниту со резервистите, кои се повикуваат само за одреден временски период.“ Тој сепак додава: „Распоредувањето ќе го уништи последното упориште на Хамас. Потоа тие ќе ќе имаат значително полоши карти в рака.“
Воен експерт се залага за опсада
Поранешниот командант на бригадата Нехама го отфрла ова. Тој има сосема поинаков предлог: Армијата прво мора да обезбеди цивилното население да може да го напушти градот Газа во безбедна зона со доволно храна. Потоа Израел треба да го прекине снабдувањето на градот со вода. Изгладнување наместо борба. „Го ставаме градот каде што се наоѓа Хамас под опсада. Верувам дека најдоцна по три недели, илјадници терористи ќе дојдат на контролните пунктови затоа што се жедни.“ Тоа, според него, е единствениот начин да се победи Хамас.
Со денови, илјадници војници надвор од Појасот Газа тренираат урбана војна. Набљудувачите очекуваат армијата значително да ја интензивира својата офанзива во наредните денови.
Автор на текстот: Јерг Попендик, АРД