1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Израелска офанзива во Рафах: „Кошмар на преживување“

Тања Кремер
25 мај 2024

Палестинците од Појасот Газа прво мораа да се засолнат во Рафах, а потоа Израел нападна и таму. Оние кои не успеаја да преминат во Египет, сега живеат во секојдневен пекол, велат за ДВ тамошни луѓе.

Рафах, Израел, Појасот Газа
Оштетени куќи кај Рафах во израелски напад и луѓе кои се обидуваат да спасат што можатФотографија: AFP/Getty Images

Непосредно пред израелската армија да ја преземе контролата врз палестинската страна на граничниот премин Рафах на 7 мај како подготовка за „ограничена“ воена операција, затворајќи ги главните порти на Појасот Газа за луѓето и испораката на помош од Египет, Ајман Мгамис и дел од неговото семејство успеале да се преселат во соседна земја.

Сепак, тоа не му успеало на целото семејство. Неговата мајка и брат  морале да останат во Рафах,  каде што семејството се засолнило во последните месеци, исто како и повеќе од милион раселени Палестинци.

„Планот беше сите да ја напуштиме Газа. „Сѐ за што размислувам во моментов се мајка ми и брат ми и како тие ќе излезат од Газа, особено по затворањето на преминот“, вели Мгамис од Каиро, каде што семејството се обидува да се снајде во  новата бегалска ситуација  и неизвесноста дали некогаш ќе се вратат дома.

Немале доволно пари за да го платат спасувањето на целото семејство. Во последните месеци се плаќаат огромни суми на туристичките агенции и посредници за ставање на листата на одобрени патници.

Мгамис успеал да собере најголем дел од парите со помош на странци преку групно финансирање.

Но, сега тој може само оддалеку да гледа како израелската војска ја проширува својата  копнена офанзива во Рафах  со извештаи за интензивно гранатирање и обновени борби во многу од посеверните области на Газа.

Лоша комуникација и постојана загриженост

„Комуницирам со нив на секои два до три дена, често нема интернет или стабилна телефонска врска. Тоа е исцрпувачки“, вели Мгамис.

Овој хип-хоп музичар од градот Газа бил постојано раселуван за време на војната и неодамна поминал неколку месеци во шатор во Ал Маваси во Западен Рафах. „Ние сме тука, тие се таму и можам само да се надевам дека ништо лошо нема да им се случи. Мојот ум е окупиран само со тоа“, ни напиша тој во порака.

Тој за ДВ изјави дека никогаш не сакал да ја напушти Газа, но дека војната го натерала да донесе тешка одлука која ја донел само заради своите деца.

Израелски тенкови при заземањето на граничниот премин РафахФотографија: Israeli Army/AFP

Претходно оваа година, израелската војска им нареди на жителите на источен Рафах да се евакуираат во Ал Маваса, песочна област на западниот брег на Газа, за која хуманитарните агенции велат дека е несоодветна за сместување на илјадници раселени лица.

Оттогаш, Обединетите нации проценуваат дека 800.000 луѓе ја напуштиле областа, вклучително и многу од областите кои сè уште не се под наредба за евакуација и тоа поради израелскиот воен напредок и гранатирање.

„Секојдневниот кошмар на преживување“

Халил Хаири (74) од градот Газа, кој неколку пати бил раселен со своето семејство, исто така морал да се врати од Рафах во Нусеират, бегалски камп во центарот на Појасот Газа, кој датира од арапско-израелската војна во 1948 година.

„Бевме шокирани кога израелската армија влезе во Рафах, а преминот Рафах беше затворен. Чекав во близина неколку дена, подготвен за патување, додека не се најдат нашите имиња на списокот“, ни рече тој телефонски од Нусеират.

Над 1.000 деца во Газа со ампутирани нозе

01:03

This browser does not support the video element.

Хаири и неговото семејство пристигнале во Рафах во март. Некои членови на семејството успеале да го напуштат Појасот Газа во претходните недели, но тој останал со сопругата, еден од неговите синови и внуците.

„Живеам во кошмар на секојдневно преживување. Јас сум стар човек, но моите деца и внуци би требало да бидат на подобро место“,  вели тој.

Пред само две недели, продолжува тој, се надевал дека двете страни ќе постигнат договор за прекин на огнот. Но, тогаш индиректните преговори меѓу Израел и Хамас во Каиро завршија без резултати.

Израел продолжува и покрај меѓународниот притисок

Иако постои меѓународен притисок врз Израел да се воздржи од инвазија на Рафах, тоа не ја спречи израелската војска да го прошири своето продирање во областа во последните денови.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху  повеќе пати изјави дека армијата мора да влезе во Рафах за да го собори Хамас од власт, велејќи дека милитантите се кријат меѓу локалното население.

Во речиси осум месеци војна, повеќе од 35.500 луѓе наводно биле убиени во Појасот Газа. Податоците потекнуваат од Министерството за здравство, кое е во рацете на Хамас.

Околу 80 проценти од населението на Појасот Газа, од вкупно 2,3 милиони жители, се постојано раселени, а се верува дека големи области на Газа се целосно уништени.

Израел ја започна офанзивата откако Хамас, кој е класифициран како терористичка организација од многу земји, вклучувајќи ги Израел, Германија и САД, направи упад во Израел на 7 октомври 2023 година и уби речиси 1.200 луѓе, главно цивили, и киднапираше околу 240 луѓе.

Неодамнешниот израелски упад во Рафах и обновените борби во северниот дел на Газа доведоа до дополнителни  драматични ограничувања на пристапот до основните потреби  како храна, вода и здравствена заштита.

„Сите мрачни предвидувања за последиците од операцијата во Рафах се остваруваат. Речиси нема храна, а хуманитарната помош е на минимум“, изјави шефот за хуманитарна помош на ОН, Мартин Грифитс.

„Апсолутно застрашувачка“ ситуација

Критичната хуманитарна ситуација одигра голема улога во одлуката на Карим Кан, главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, да поднесе барање за издавање  налог за апсење на Бенјамин Нетанјаху  и израелскиот министер за одбрана Јоав Галант под обвинение за злосторства против човештвото.

Меѓу обвинувањата се „изгладнување на цивили како метод на војување“ и „намерни директни напади врз цивилното население“.

Хашкото обвинителство бара и налози за апсење на водачот на Хамас Јахја Синвар и уште двајца претставници на милитантната група под обвинение за воени злосторства.

Камион со хуманитарна помош за Газа кај граничниот премин ЕрезФотографија: Ilia Yefimovich/dpa/picture alliance

Во последниве недели, израелските власти отворија два премини во северниот дел на Појасот Газа, Ерез и Ерез Запад, но хуманитарните агенции велат дека треба да се направи повеќе за да се обезбеди доследна испорака на храна и стоки до  населението на работ на глад.

Во петокот, 300 палети со помош за првпат влегоа во Газа преку привременото пристаниште изградено од САД, соопшти израелската војска. Сепак, преминот Рафах сѐ уште е затворен.

Џон Калер, педијатар од Чикаго и соосновач на хуманитарната организација МедГлобал, секојдневно е во контакт со неговиот палестински медицински тим во Рафах.

Калер требало да замине во Газа на својата трета медицинска мисија кога преминот Рафах ненадејно беше затворен. Поголемиот дел од работата на меѓународната помош беше концентриран околу Рафах и сега поради израелската инвазија таа помош беше принудено насочена кон други области.

„Всушност, штотуку ме информираа дека ќе треба да го преместиме нашиот примарен здравствен центар и центар за стабилизација на исхраната на југ, кој штотуку беше назначен како една од областите за евакуација“, рече Калер по телефон, загрижен за безбедноста на персоналот во Рафах.

„Тоа е апсолутно застрашувачко“, вели тој. „Морате да верувате дека напаѓачите внимаваат на координатите што им ги давате."

Тој рече дека клиниката МедГлобал до сега била безбедна, но неодамна била погодена од шрапнели од експлозија во близина.

Недостаток на основни потребни нешта

Според Калер, ситуацијата на опколената територија, на која беше сведок од прва рака во претходните мисии, е „дистописка“. Истакнува дека недостатокот на основни потреби го ограничува во помагањето на децата.

„Станав свесен дека буквално сто проценти од советите што ќе им ги дадам на родителите на тие деца, тие едноставно не можеа да ги следат“, рече тој, наведувајќи го целосниот недостаток на чиста вода, пелени и лекови.

Според палестинската Црвена полумесечина, во неделата во воздушните напади врз бегалскиот камп Нусеират загинале најмалку 27 лица.

Хаири, кој побара засолниште во таа област, веи дека не се гледа крај на борбите. „Оваа луда војна мора да престане. Политичарите мора да најдат решение кое ќе стави крај на страдањата на народот“, рече тој.

„Не знам како, но тоа е она што го сакаат сите луѓе во Газа, вклучувајќи ме и мене."

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми