1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израелската армија користи Палестинци како жив штит?

АРД
9 септември 2024

Палестински цивили наведуваат дека израелските војници ги принудувале облечени во униформа со камери да извидуваат опасни локации во Појасот Газа. На една организација за човекови права ѝ се познати ваквите наводи.

Тунел на терористичката организација Хамас во Појасот Газа
Израелски војници во тунел на терористичката организација Хамас во Појасот ГазаФотографија: IDF/Xinhua/picture alliance

Мохамад С. седи во шатор во Кан Јунис, вториот по големина град во Појасот Газа, и раскажува како израелски војници го присилиле да учествува во операции против Хамас и други исламистички милитанти во Појасот Газа.

Војната меѓу Израел и исламистички организации, кои се класифицирани како терористички организации од Германија, Европската Унија, САД и други земји, тука беснее веќе единаесет месеци. Повод беше до сега невиден терористички напад врз Израел на 7 октомври 2023 година, во кој, според израелските информации, исламистичките милитанти убиле повеќе од 1.200 луѓе и  киднапирале 251 како заложници во Појасот Газа.

Израел тврди дека Хамас го користи цивилното население во Газа како жив штит. На пример, како доказ беа презентирани слики од оружје и муниција пронајдени  во училишта и болници.  Но, Мохамад С. Раскажува и за една поинаква реалност.

„Тие (војниците на Израел, забелешка на ред.) ни ги врзаа очите и ни ги врзаа рацете зад грб. Нѐ одведоа со нивните џипови во една куќа. Следниот ден насилно нè земаа и ни рекоа дека или ќе дојдеме со нив, или ќе не убијат“, вели Мохамад С. Тоа траело 15 дена. Неговата задача била да оди напред кога се заканувала опасност.

„Насочување преку слушалки“

Тој продолжува да раскажува дека „мене и уште еден друг нѐ испратија и ни тутнаа камера во рацете, покрај камерата што беше на кацигата. Преку слушалки нѐ наведуваа и кажуваа застани овде, оди таму, сними ја оваа куќа, застани на оваа улица“, продолжува Мохамад С.

Доколку неговите изјави се вистинити, израелската армија го користела како жив штит. Според неговите наводи, тој морал да влегува во куќите пред да влезат војниците, преземајќи ги врз себе опасностите на кои израелските војници не сакале да се изложуваат.

Надав Вајман, директор на израелската невладина организација Breaking the Silence, ги потврдува ваквите наводи. Од декември, војници кои учествувале во војната во Газа постојано го контактираат и наведуваат дека палестински цивили се користат како жив штит. Израелските вооружени сили ги земаат Палестинците од таканаречените хуманитарни зони и ги носат кај борбените трупи во Газа, во различни единици, вели Вајман. Во армиска униформа, делумно опремени со камери на гради или на шлемот, цивилите морале да пребаруваат тунели или куќи - и да проверат дали има бомби, стапици или слично.

Надав Вајман од невладината организација Breaking the Silence добива повеќе извештаи од израелски војници за користење на цивили како жив штит Фотографија: Jan Christoph Kitzler/ARD

На многу места во Појасот Газа израелските војници откриле влезови во тунелите од кои дејствуваат борците на Хамас. Влегувањето во нив е голем ризик за војниците. Тоа исто така важи и за многу делови на Појасот Газа каде борби се водат од куќа во куќа.

Неколку пријави неделно

Израелската невладина организација Breaking the Silence добива неделно две до три нови пријави од војници. За директорот Вајман ова е доказ дека не се работи за изолирани случаи, туку дека праксата да се испраќаат  палестински цивили во опасни ситуации  е широко распространета - со месеци, во различни израелски единици во  Појасот Газа.

Вајман ги прераскажува сведоштвата на војниците. „Во една единица, офицерот ни рече: Не треба да размислувате за воени злосторства, јас сум ваш офицер. Не треба да размислувате, туку само извршувајте наредби“, вели Вајман и додава дека на друго место велеле „дали повеќе би сакал да умреш? Ние претпочитаме да умре Палестинецот“.

Во случај на сомнеж стануваат мета

Мохамад А., исто така, се плашел дека ќе умре. Како и Мохамад С., и тој тврди дека од израелските војници под закана со насилство бил принудуван да влегува во згради и дека тоа траело цели 15 дена. Бил облечен во израелска униформа за да стане тој мета во случај на опасност, а не израелските војници. Можел да падне како жртва на скриени борци на Хамас, вели, или да загине од бомба или стапици. Тој раскажува како морал да влегува во многу куќи пред да влезат војниците. Внатре морал да ја сними и отвори секоја врата, раскажува тој во студиото на германскиот јавен радиодифузен сервис АРД во Тел Авив. Понекогаш, кога влегувал во куќите, со него имало и дрон, вели А.

Постојани кошмари

Израелските војници го пуштиле во април. Тој сè уште има кошмари, на пример од една операција во болница што морал да ја претресе за израелските војници. „Тоа беше ужас, бидејќи во болницата Насер насекаде имаше лешови. Не ми се верува како излегов од таму жив. Сè уште имам кошмари и се будам ноќе“, раскажува Мохамад А.

Палестинците кои според наводите биле користени во Газа, се невини цивили. Во прилог на тоа оди и фактот дека подоцна повторно се пуштени на слобода.

Израелската армија на прашањето на АРД даде стандардизиран одговор. Во него се вели: „упатствата на ИДФ (израелските одбранбени сили, забелешка на ред.) забрануваат употреба на заробени цивили во Газа за воени мисии што ги доведуваат во опасност. Обвинувањата се проследени до одговорните за истрага“.

Политичка војна?

За Надав Вајман од навладината организација за човекови права, ваквите наводи не само што се во спротивност со меѓународното хуманитарно право, туку всушност ги прекршуваат и етичките стандарди на израелската армија. „Ние сметаме дека ни треба војска и дека треба да се одбраниме. Но, она што го гледаме во Газа не е самоодбрана, туку  политичка војна“,  посочува Вајман. И кога се разговара за политичко решение, секако дека е клучно да се открие како дејствува израелската војска во Газа, смета тој.

Мохамед С. сè уште има завој на градите од неговата последна мисија. Повторно бил испратен во извидница. Потоа се чул истрел. Тој подоцна се разбудил во болница – но барем ја преживеал мисијата за израелската армија.

Автор: Јан-Кристоф Кицлер, АРД 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми