1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

Израел: Кац бара исклучување на Турција од НАТО

ЕМФ / дпа
30 јули 2024

По заканите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кон Израел, израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац повика Турција да биде исклучена од НАТО.

Израел Кац, министер за надворешни работи на Израел
Израел Кац, министер за надворешни работи на ИзраелФотографија: Gili Yaari/NurPhoto/picture alliance

Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац оцени дека „Ердоган ја направи Турција членка на иранската оска на злото“. Турција, според него, е домаќин на исламистичката терористичка организација Хамас. Кац ги повика сите земји-членки на НАТО „веднаш да ја исклучат Турција“.

Шефот на израелската дипломатија Кац рече дека Турција ги прекршила принципите на НАТО со „закана дека ќе влезе во демократска западна земја без провокација“. САД и западниот свет мора „да го осудат Ердоган и да ги запрат неговите деструктивни активности“, побара Кац, кој претходно изјави дека Ердоган „ги следи стапките на Садам Хусеин“. Тој му препорача на турскиот претседател „само да се сети што се случи таму и како се заврши“.

Турскиот претседател Ердоган претходно му се закани на Израел со воена интервенција. „Како што влеговме во Нагорно-Карабах, како што влеговме во Либија, ќе го направиме истото и со нив“, рече тој во неделата (28.07) на настан што го одржа неговата владејачка партија АКП во Ризе, на Црното Море. Ердоган притоа мислеше на конфликтот во Нагорно-Карабах, каде тој, меѓу другото, му даде поддршка на Азербејџан со беспилотни летала. Во Либија, Анкара ја поддржува меѓународно признатата влада со воена опрема и персонал.

Американските трупи влегоа во Ирак во 2003 година. Воената операција доведе до соборување на тогашниот ирачки диктатор Садам Хусеин. Три години подоцна, Хусеин беше погубен поради масакри врз Курдите и шиитите.

Од почетокот на војната во Газа односите помеѓу Израел и Турција драстично се влошија. Ердоган го нарече исламистичкиот Хамас „ослободителна организација“ и го спореди израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху со Адолф Хитлер. На средината од јули Ердоган соопшти дека неговата земја во иднина нема веќе да ја одобрува соработката помеѓу НАТО и неговиот партнер Израел сѐ додека не се постигне траен мир на палестинските територии.

Од НАТО засега нема одговор на изјавите на Кац, јавува агенцијата ДПА. Во најголемиот светски одбранбен сојуз во основа не постои процедура која предвидува санкции или исклучување поради несакано однесување. Покрај тоа, Турција се смета за важен сојузник и покрај честите разлики во ставовите. Земјата, меѓу другото, е важна база за борба против терористичката милиција Исламска држава (ИД) и по САД има втора по големина армија од земјите членки на Алијансата. Поради стратешки важната местоположба на Црното Море и на границите со Ирак и Сирија, генералниот секретар Јенс Столтенберг радо да ја опишува Турција како „клучна земја за европската безбедност“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми