1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Заврши времето на пораки во дипломатски ракавици

29 мај 2023

Сѐ почестото упатување пораки за состојбите во Македонија без дипломатски „ракавици“, многу повеќе говори за нас отколку за оние кои ги праќаат, вели доцентот по уставно право Денис Прешова.

 Зошто Холандија ставила во мирување голем проект поврзан со Судскиот совет?
Зошто Холандија ставила во мирување голем проект поврзан со Судскиот совет?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Откажани биле две конференции, а било откажано и веќе договорено учество на повеќе членови на Судскиот совет на стручна програма во Холандија во мај. Она што го знаеле членовите на Судскиот совет, јавноста го дозна од интервју на Дирк Јан Коп, амбасадор на Кралството Холандија во Северна Македонија: Холандија ставила во мирување голем проект поврзан со Судскиот совет.

„МАТРА" е името на проектот што се спроведува повеќе години со поддршка од Кралството Холандија, а беше насочен кон зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот Совет.

Неговото ставање во мирување открива дека „водата дошла до гуша“. Холандскиот амбасадор отворено укажа дека причина за тоа е влошувањето на состојбите во правосудството, а по последниот преседан со разрешување и именување на претседател на Судскиот совет, Коп ова тело го нарече „нелегитимно“.

Ваквите оценките не оставаат простор за рамнодушност, туку се црвен аларм за длабоко преиспитување. 

„Сѐ почестото упатување на директни пораки од дипломатите за состојбите во државата без типичните дипломатски ‘ракавици’ многу повеќе говори за нас, државата, отколку за оние кои ги праќаат овие пораки. Очигледно дека поинаку не може да се допре до клучните актери во државатa“, вели Денис Прешова, доцент по уставно право на Правниот факултет при УКИМ.

„Состојбите во правосудството само го потврдуваат мислењето и стравот дека една форма на заробување се заменува со друга. Токму и поради тоа не треба посебно да нѐ изненади фактот дека се замрзнува холандски проект за градење на капацитетот и подобрување на транспарентноста на Судскиот совет, кога сѐ она што се случуваше околу разрешувањето или, официјално, изгласувањето недоверба на претходната претседателка, беше пример за нетранспарентност и противправност. Тоа е очигледна порака до оние кои целосно ги поткопуваат заложбите на странските партнери. Воедно, ми се чини дека треба повеќе да бидеме загрижени за потенцијалните ‘вета' поради реалните состојби во различни клучни сектори и отсуството на одржливи реформи, отколку за билатералниот проблем со Бугарија, иако последниот е иницијалната пречка во овој момент и допира посебно сензитивно, идентитетско, прашање“, оценува Прешова.

Состојбите во македонското правосудство, зачестено се цел на критики од странските дипломатиФотографија: DW/P. Stojanovski

Еден по еден тонат случаите на СЈО 

Според холандскиот амбасадор, состојбата во правосудството не само што не се подобрува, туку се влошува.

„Во минатите две години мислевме дека видовме напредок, подобар менталитет, независно поставување на судии во Судот, но исто така сега повторно гледаме дека работите се влошуваат. Гледаме знаци на политичко влијание кај изборот на Обвинителството за гонење организиран криминал, гледаме знаци на политичко влијание во изборот на кандидати во Академијата на судии и јавни обвинители, гледаме знаци на политичко влијание практично во сите судови, и да, тоа е многу загрижувачко, се натрупува едно по друго“, рече во интервју за РСЕ холандскиот амбасадор.

Тој потсети дека причината поради која Холандија се согласила со одлуката за почеток на пристапни преговори на РСМ со ЕУ, било токму гарантирањето дека ќе се процесуираат предметите на поранешното СЈО. 

„Дозволете да ве потсетам дека во февруари 2020 година, кога Парламентот донесе закон со кој гарантираше процесуирање на случаите на СЈО, случаите со масовното прислушување, тоа беше единствениот настан што направи мојата земја да се согласи за членство на Северна Македонија во ЕУ, а потоа и Советот на ЕУ се согласи со тоа во март 2020 година. Тоа е централно прашање и го следиме внимателно. Тоа е дел од поглавјето „Темели“ кое прво се отвара, а последно се затвора и ќе остане од висока важност во целиот процес. Но она што ние напротив го гледаме, е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој. А сега го имаме и случајот со Судскиот совет, кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан, Холандија сега стави во мирување еден голем проект поврзан со Сускиот совет. Ситуацијата е многу сериозна“, потенцираше холандскиот амбасадор.

Реагираше и Агелер 

Ова не е прва отворена оценка за разочараност од состојбите во правосудството, искажана од дипломати. Во април амбасадорката на САД, Анџела Агелер, испрати писмо до институции на извршната и судската власт во РСМ, во кое ја изразила нејзината и загриженоста на САД за состојбите со правосудството.

 „Секој ден сум сѐ повеќе загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од висок профил) кои Апелациониот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги процесуираат предметите низ судската постапка и нивното префрлање напред-назад меѓу Апелација и Основниот суд дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите“, било наведено во писмото од Агелер.

Таква беше „судбината“ на предметот „Трезор“, но и на „Таргет- Тврдина“ (за масовното прислушување и уништување на опремата со која било извршено кривичното дело) капиталниот предмет заради кој и беше формирано СЈО.

А последните тензии во Судскиот совет се случија токму во пресрет на иницијативата за утврдување одговорност на апелацискиот судија Енвер Беџети, за кого беше констатирано дека девет месеци го чувал предметот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“. Дел од челновите на СС наводно барале таа иницијативата да се стави на седница, а други - да се стопира. Епилогот беше разрешување на претседателката на СС, Весна Дамева, во незаконска постапка, и ни збор за посочената иницијатива за одговорност на судијата.

Амбасадорката на САД во Скопје, Анџела Агелер изрази загриженост за состојбите во македонското правосудствоФотографија: Reg. Nordmazedonien

Ветингот како услов 

Овој, но и други случаи претходно, беа причина за драматично намалување на довербата во правосудството. За темата се говори често, но без видливи дејства во насока на промени. Поради тоа, едно од барањата со кое партијата ДОМ ја условила поддршката на Владата, е иницирање процес на ветинг во правосудството.

„Започнување со активности за ветинг во првите 100 дена од изборот на реконструираната Влада, беше еден од условите за ДОМ да ја поддржи Владата. На последната лидерска средба на коалициските партнери, која се одржа на 19-ти мај, ги реафирмирав барањата на ДОМ за една изборна единица и за ветинг во правосудството“, вели претседателката на ДОМ, Маја Морачанин.

Таа објаснува дека тогаш било договорено да се формира група за изработка на законско решение за ветинг. Вели дека во Програмата на ДОМ (2022-2026) усвоена на петтиот конгрес на партијата во ноември лани, еден од врвните партиски приоритети е ефикасната борба против корупцијата и организираниот криминал.

„Нашиот став е дека за таа цел неопходно е да се спроведе ветинг во правосудството. Иако во изминатите години се усвоија многу законски измени во делот на правосудството, со кои требаше да се обезбеди спроведување на принципите на владеење на правото, неселективна правда и ефикасна борба против корупцијата, гледаме дека резултатите изостануваат. Скандалозните случувања во врвните правосудни институции во изминатите месеци, кои дополнително ја намалуваат и онака веќе поразително ниската доверба на граѓаните во правосудството, потврдуваат дека потребни се темелни реформи, како што е ветингот“ вели Морачанин.

Според ДОМ, проверката на имотната состојба, стручната способност и интегритетот на судиите и обвинителите треба да бидат суштината на ветингот. А за да имаат доверба во процесот сите засегнати чинители, како и севкупната јавност, од ДОМ предлагаат вклучување на експерти по право од земјите од ЕУ и од САД.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми