Украина под притисок - нов американски мировен план?
20 ноември 2025
Украина е под притисок заради мировен план, наводно тајно преговаран меѓу раководството на САД и Москва. Нацрт-договорот бара големи отстапки од нападнатата земја, наведува весникот „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори вклучени во разговорите. Украина би требало целосно да се повлече од регионите Доњецк и Луганск и да ја преполови својата армија. Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска треба да се сретне со американска воена делегација во Киев во светло на ваквите наводи. Во Брисел пак, министрите за надворешни работи на ЕУ се состануваат на консултации. На агендата се очекува да се најдат и нови мерки против т.н. руска флота во сенка, која се користи за заобиколување на санкциите за енергетиката.
Раководството во Киев наводно информирано за планот
Новинскиот портал „Аксиос“ од Вашингтон објави дека планот бил договорен кон крајот на октомври од страна на специјалниот претставник на Доналд Трамп, Стив Виткоф, и претставникот на Москва, Кирил Димитриев. Според порталот, Виткоф го информирал шефот на украинскиот Совет за безбедност, Рустем Умјеров, за плановите. Во Москва портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека нема нови предлози меѓу Русија и САД за ставање крај на војната и дека и натаму важи тоа што шефот на Кремљ, Владимир Путин, и Трамп го разгледувале на самитот во Алјаска во август годинава. Според „Фајненшл тајмс“, новиот план во голема мера соодветствува на познатите руски барања кон Киев.
Москва бара рускиот да биде официјален јазик
Според наводите, Москва би требало да ги добие деловите од Доњецк и Луганск кои сè уште не успеала да ги освои, но областите треба да бидат демилитаризирани. Јужната линија на фронтот која се протега низ регионите Запорожје и Херсон, треба во голема мера да биде замрзната.
На Украина ѝ се закануваат и ограничувања на дострелот на оружјето. Според извештајот, се бара и рускиот јазик да биде признаен како официјален јазик и да ѝ се дозволи на православната црква, која порано беше верна на Москва, повторно да се отвори. Раководството на Киев се обидува оваа црква да ја забрани како безбедносен ризик. Трамп и порано зборуваше за воено повлекување на Украинците, нарекувајќи го размена на територии. Но, во изминатите недели тој беше сè поразочаран од неподготвеноста на Путин за преговори. Трамп вториот самит во Будимпешта го откажа и воведе болни санкции против главните руски извозници на нафта, Роснефт и Лукоил.
Украина во двојна неволја
Наводното повторно приближување меѓу Вашингтон и Москва ја погодува Украина во несоодветен момент од две причини. На источниот фронт, падот на градот Покровск, околу кој долго се водеа битки, е само прашање на време. Украинската армија мораше да ги напушти позициите и појужно од градот. На внатрешен план Зеленски е под притисок поради корупциски скандал кој допира и до најблискиот круг луѓе. Двајца министри веќе мораа да поднесат оставка. По враќањето на Зеленски од патување во странство, денес се очекуваат натамошни разговори во парламентот и во владата за персонални последици. Во Киев се дискутира и за разрешување на Андриј Јермак, кој се смета за моќен шеф на претседателскиот кабинет.
Зеленски: само Трамп може да стави крај на војната
Директна реакција од Украина на американско-рускиот план немаше, но Зеленски го замоли Трамп да се заложи за праведен мир. „Само претседателот Трамп и САД имаат доволно моќ да ја завршат оваа војна“, пиша тој на социјалните мрежи. По разговори во Анкара, Зеленски му се заблагодари на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за континуираната подготвеност на Турција да биде домаќин на преговори. Но, најважното за ставање крај на крвопролевањето и постигнување траен мир, според него е силен и ефикасен ангажман на САД. Во Анкара, Ердоган повика на нови разговори меѓу Киев и Москва во Истанбул. Како и со мировната иницијатива на Трамп за Газа, според „Аксиос“ Катар и Турција исто така треба да бидат дел од планот за Украина.
Европејците до сега не се вклучени
Во европските престолнини малку се знаело за планот. Од кругови на ЕУ во Брисел наведуваат дека САД водат разговори со двете завојувани страни, но дека ЕУ сè уште нема увид во новиот план. Во моментов се чини дека Русија има поголем интерес за ширење на ваквите вести. Тоа е еден вид тактика за одвлекување внимание, бидејќи притисокот од санкциите на САД против руската нафтена индустрија е зголемен. Новинскиот портал „Политико“ цитира неименуван претставник на администрацијата на Трамп кој вели дека Зеленски под притисокот на домашен терен морал да попушти на фронтот и дека предлозите биле разумни. Европските сојузници притоа речиси и да не се земени предвид. Зеленски денеска во Киев се среќава со американска воена делегација предводена од Даниел Дрискол, заменик-министер за одбрана на САД задолжен за војската. На разговор одржан во средата, украинскиот министер за одбрана Денис Шмихал се обиде да ја прикаже Украина како сигурен партнер на кој САД може да се потпрат. Неговата земја имала што да понуди во технологијата за беспилотни летала.