1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вархеји бара резултати во борбата против корупцијата

ДТЗ
12 октомври 2022

Еврокомесарот Вархеји ги поздрави направените реформи, но порача дека тие треба да продолжат. Пендаровски смета дека извештајот претставува патоказ за натамошната работа на институциите

еврокомесар за проширување Оливер Вархеји
Борбата против корупцијата мора да продолжи. Ова е пораката која што ја испрати еврокомесарот за проширување, Оливер ВархејиФотографија: EU/Gent Shkullaku

„Северна Македонија демонстрира решеност и континуиран напредок во реформите, но тие мора да се интензивираат и да се искористи сиот потенцијал за да се забрзаат реформите. Борбата против корупцијата мора да продолжи“. Ова е пораката која што ја испрати еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, кој пред Европскиот парламент ги презентираше извештаите за земјите од Западен Балкан и за Турција. 

Во однос на извештајот за Северна Македонија, тој укажа дека се потребни напори за реформи и во јавната администрација.  „Северна Македонија направи многу добар напредок и во однос на заедничката надворешна и безбедносна политика и сега е во целост усогласена со европските ставови за војната во Украина, вклучувајќи ги и санкциите за Русија. Со тоа Северна Македонија ја покажа својата одлучност да оствари напредок на патот кон ЕУ како кредибилен партнер“, рече Вархеји, потсетувајќи дека минатата година беше важна за Северна Македонија - започна пристапниот процес и беше одржана првата меѓувладина конференција. 

Власта и опозицијата да соработуваат 

Известувачот на Европскиот парламент (ЕП) за Северна Македонија, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук порача дека власта и опозицијата треба  да соработуваат за доближувањето на Северна Македонија до ЕУ.

„Јасно е дека Северна Македонија е членка на НАТО, но би сакал да ги видам опозицијата и владата да соработуваат кога станува збор за остварување на приоритетните цели и доближувањето до ЕУ. Тие соработуваат кога станува збор за сузбивање на корупцијата и другите мерки, но кога станува збор за клучните реформи и иднината на земјата треба тесно да соработуваат во интерес на сопствените граѓани“, рече Ќучук. 

Патоказ 

Шефот на Делегацијата на ЕУ во земјата, амбасадорот Дејвид Гир, денеска му го предаде на претседателот Стево Пендаровски извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Северна Македонија за 2022 година. Станува збор за прв извештај по почетокот на пристапните преговори со ЕУ и почетокот на скринингот.

Пендаровски смета дека извештајот дава детална слика за состојбите во општеството, но претставува и патоказ за натамошната работа на институциите и областите во кои ќе треба да се посвети поголемо внимание. Отворањето на преговорите со Северна Македонија е добра можност ЕУ да ја демонстрира својата посветеност кон интеграцијата на земјите од Западен Балкан, како најдобар одговор на растечкиот евроскептицизам во регионот, вели претседателот. 

 

Пендаровски смета дека извештајот дава детална слика за состојбите во општеството, но претставува и патоказ за натамошната работа на институциитеФотографија: President of North Macedonia

Критики и насоки за регионот 

Европската комисија препорача условен статус на кандидат за полноправно членство во Европската унија за Босна и Херцеговина. Од БиХ се очекува да усвои закон за судовите во земјата, да донесе закон за спречување на судир на интереси, да се преземат одлучни чекори за зајакнување на превенцијата и борбата против корупција и организиран криминал и да се унапреди работата на обезбедување на ефикасна координација на сите нивоа за управување со границите.

Добра оценка за усогласеноста со надворешната политика на ЕУ доби Црна Гора, а се поздравува и усогласеноста на Косово со одлуките на ЕУ што се однесуваат на руската агресија во Украина. Што се однесува до Србија, Вархеји посочи дека Белград продолжува со реформите поврзани со интеграцијата во ЕУ и додаде дека од земјата се очекуваат поенергични напори околу слободата на изразување и имплементацијата на акцискиот план во делот на медиумите.

„Го препознаваме прогресот на Србија во одредени области, но мора да сметаме на неа како на искрен партнер на ЕУ и сојузник и земјата мора да ги постави своите позиции во надворешната политика на иста линија со ЕУ, што подразбира декларации и санкции против Русија“, рече Вархеји. 

Во однос на Албанија, оценката е дека направила добар прогрес. Реформите во правосудството и ветинг-процесот кој продолжува да напредува со стабилно темпо се пример за добар прогрес. „Земјата покажа посветеност на зајакнување на владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Албанија покажа целосна усогласеност со Заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, рече Вархеји. Но, во земјата треба да продолжи реформата во правосудството и борбата против корупцијата, а се очекува подобрување и во однос на слободата на медиумите.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми