1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Извршна автократија

19 јануари 2023

Клучната поента на настапот на „Огнените“ и концентричните бранови кои ги предизвикаа, кои секој ден добиваат во сила, е длабочинското пореметување на односите помеѓу извршната и законодавната власт. Пишува Арсим Зеколи.

„Огнените“ од ДУИ драматично ја разнишаа фасадата на Али Ахмети. Фотографија: Petr Stojanovski

Некаде раните девеесети, на почетокот на новотариите наречени парламент и демократија, во едно наше гратче се собрале на седенка сопругите на пратениците од една поголема партија. По пречекот со кафе и локум, домаќинката почнала да се „жали” колку често нејзиниот сопруг, пратеник, се обраќа во Собранието. За да ја одбрани честа, постарата гостинка возвратила со „оној мојон, три пати вчера зема збор”. Се вклучила и младата невеста, со пискав глас и низ тенки усни при филџан „либено мое, и во Собрание, и комисии се утепа зборејќи”. Седната во ќошот, домаќинката на еден од помолчаливите пратеници трпеливо ги ислуша госпоѓите пратенички, и со очи вперени во локумот тивко ќе утврди: „да, тие зборат, а маж ми кутриот, оќораве од што цела ноќ им ги пишува говорите”. 

Анегдотава може да е „заснована врз вистински настан”, може да не е, но агонијата низ која минува Али Ахмети деновиве е во директен пренос и саглам тру стори. За разлика од анегдотата, сега Ахмети е во улога на читач на говорите пишувани од сопартиски неговите, но демократски, отуѓените пратеници и функционери од огнената страна на ДУИ. Поттикнати од цензурата во партиското претседателство, на Меџити, Бејта, Беџети не им требаа повеќе од неколку дена за да - неволно, но одлучно - со редица изјави го срушат митот за политичките вештини, снаодливоста и итроманштината на Ахмети. Давајќи до знаење дека успешноста на ДУИ помалку се должела на способностите на лидерот а повеќе на дипломатичноста, пробивноста, снаодливоста и политичката итроштина на неговите најверни и најстари сопартијци. Внимателни да не го понижат, но сепак принудени во самодобрана да излезат од зад завесата, „Огнените“ драматично ја разнишаа фасадата на Али.  

Длабочинско пореметување

За оние кои поблиску и поредовно ја следат ДУИ и го познаваат Ахмети, сведоштвата на Меџити и Бејта за позадината на успесите на партијата и не се некоја голема новост. Она што беше понеочекувано се редицата реперкусии на потезите на „Огнените“ кои ги надминуваат партиските и владините параметри. Имено, настапот на „Огнените“ ја разоткри порозноста на подршката за кабинетот на Ковачевски токму кога премиерот и Ахмети уверуваа дека ги имаат бројките потребни за уставни промени. Ја разголи демагогијата на Арбер Таравари и Африм Гаши како фиктивни опозиции и фактички камуфлирани фигурички во рацете на ДУИ, т.е. Груби. Ја стави на увид стихиската природа на македонската опозиција, нејзината безидејност, статичност, носталгична заробеност и немање благ поим што всушност се случува на сцената и во мизансценот на политиката во земјата. Ја разоткри подземната спрега помеѓу лажните „граѓански опции” на Заев и „реформските” политики на Мицкоски. Со полни сали, раздвиженост на теренот и интерес на граѓаните, „Огнените“ докажаа дека апатијата и безволноста на гласачкото тело е само привид делумно наметнат од естаблишментот и немањето избор помеѓу четирите нијанси на истото сивило низ партиите. Но клучната поента на настапот на „Огнените“ и концентричните бранови кои ги предизвикаа и со секој ден добиваат на сила е длабочинското пореметување на односите помеѓу извршната и законодавната власт. 

Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

Колку и да им се мотивите за настап егоистични или поттикнати од приватни интереси, Меџити и компанијата го сторија токму она што павле-лиле-миле сателит-партиичките на СДСМ и ВМРО го верглаа со години низ медиуми, но без усул да го применат во реалноста. Да ја раздвижат умртвената парламентарна демократија и оспорат неприродната, недемократска доминација на извршната власт која во име на веќе безбројни „итни неопходности и евро-интеграции” се привикна на гушење на Собранието, со неслужбен амин или под диктат на меѓународната заедница. Повторно, би било сосема лесно и логично аргументите на Меџити да се отфрлат како профитерски, љубоморни или егоистични, доколку истите не наидоа на широка подршка во партијата и доколку неговите аргументи не ја одразуваа непријатната вистина за целосната елиминација на парламентаризмот од домашниот политички систем. Но, за чудо, за разлика од општеството кое ја увидува елиминацијата на парламенаризмот, партиите од опозицијата небаре молчешкум како да ја имаат прифатено таа игранка на власта. Свесно и кукавички сведувајќи го Собранието на ниво на политичка менувачница за бројот на пратеници со подршка за власта или за уривање на истата. Не, не верувам дека намерата на „Огнените“ била таа, да ја илустрираат загушената парламентарната демократија кај нас. Но тоа не ја намалува битноста на нус-ефектот и нивниот клучен придонес во разголувањето на апсурдната состојба во која сме ставени. 

Орбанизација на демократијата 

А таа состојба е евидентна со години и не само кај нас. За разлика од етно-македонското општество држено во едно-димензионална состојба благодарение на медиумската „јавност”, етно-албанското општество лесно ја препозна сличноста помеѓу сценаријата во Албанија, Косово и Црна Гора на првично рушење на опозицијата, следствено апсолутистичка доминација на извршната власт и финално рушење на влијанието на парламентаризмот во име на „обезбедување единство во испорачување неопходни реформи”. Индикаторите на сличностите се толку очебијни што веќе никој нема сомнеж дека станува збор за координирана, со надворешна команда и домашна екзекуција спроведена политика на наметнување своевидна „извршна автократија” за испорачување резултати во чие име улогата на Парламентите е оценета како оптоварувачка, излишна па дури и непожелна. Накратко, процесот на Орбанизација на демократијата во Западниот Балкан ескалира до ниво на култно подаништво на новата ергела „млади, надежни реформисти” селектирани низ фондации и амбасади за глумење „промени” во кои ќе најдете се и сешто – освен реални промени согласно барањата на граѓаните. 

-Огнена група на огнената линија

Во таа неприродна мимикрија на парламентаризмот и инсталирање на „строго контролирана демократија” ќе ја препознаете и причината за чудниот феномен на враќање на довербата кон несовршените, но препознатливите ликови како Меџити и Бејта, како Ристо Пенов па дури и популарноста на Никола Груевски, особено во помладата популација. Кога наметнувате негативистички пристап на елиминација на салонски демократи наметнати „од горе”, сосема е логично да општеството возврати со негативистичка одбојност и одговори со реставрација на подршката за старите теренски кадри со подршка „од доле”. Тој нов судир, кој е јасно видлив и транспарентен во ДУИ, се случува во сите партии без исклучок. Во СДСМ низ безбројните фракции на заевисти, тачевисти, шеќераши, бранковисти, соросоиди и еврократи; во ВМРО помеѓу груевисти, мијалковисти, мицковисти, николовисти, комити и банкари; во Алијанса помеѓу верните зијадинци и клиентелата на Таравари: во Алтернатива помеѓу ахметовци на али, ахметовци на давутоглу и умислени ердоганисти од ЈуТјуб. Секаде актери со различни ликови, но под диктат на една реалност – од една страна оние со подршка од општеството, од другата страна оние со подршка од домашниот и странски естаблишмент. Доминацијата во извршната власт засега е во рацете на вторите, но моментумот на општеството се врти во полза на првите. 

Дел од членовите на „Огнената група“ во Демократската унија за интеграцијаФотографија: Petr Stojanovski

Протоколарна демократија 

Огнените го поставија прашањето пред граѓаните: да ли прифаќате протоколарна демократија во која ќе гласате за безвредни бројлер-пратеници сведени на машинерија за избор на непопуларни, неспособни и недемократски наметнати функционери; или ќе се определите за реставрација на парламентарна демократија во која контролата врз функционерите ќе биде во рацете на гласачите? Власта и опозицијата, очигледно, се определени за првата, извршно комотна апсолутистичка неказнливост. Таа определба потврдува дека прашањето одамна веќе не е за некој Груби, Османи, Бектеши, ниту пак за некој Маричиќ, Спасовски, Тупанчевски, ниту за некои идни теледиригирани коњанички на ВМРО, вртикапи од Алијанса или вревливи гремлини на Левица. Колку и да не им беше намерата, огнените принудно ја отворија темата за природата на лидерството како политички инструмент стекнат од граѓаните. И токму тоа е факторот кој Али Ахмети го препозна и изнервира. Но истата порака ја имаат примено и Димитар Ковачевски, Христијан Мицкоски и секој партиски лидер, се до шефот на државата. Одамна прифатената констатација дека во Македонија доминира криза на лидерството веќе не е тема на теоретски дебати, туку е веќе процес на конкретна емпириска демонстрација, соочување со проблемот и дејствување во правец на промена на нештата. 

Мисионерски позирања и Огнени реалности

Прашањата за претставителноста, изборниот легитимитет на функционерите и лидерската реформа се сржта на проблематиката, завиткана во целофан на битките меѓу фракциите. Присутни во сите партии, но најжестоко отворени токму од страна на ДУИ, обвинувана за недемократичност, примитивност, незнаење и било која инаетчиска пацка вперена од правосвештенството на интелектуалната импотенција. Прашање како предизвик: зошто повторно ДУИ ја презема палката на промени? 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми