1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГлобално

Ја губи ли Западот војната во Украина?

23 февруари 2024

Денес не живееме во поствоен свет, туку во предвоен. За да имаме слобода, треба да сме подготвени да се бориме за истата. Изборот за Западот е јасен: Ако изгуби Украина - губи и Западот. Пишува Ивор Мицковски

Украински војници во ДоњецкФотографија: Diego Herrera Carcedo/Anadolu/picture alliance

24 февруари ќе биде запишан во книгите по историја исто како и падот на Берлинскиот ѕид или нападот врз Кулите близначки. Последиците и реперкусиите од руската инвазија врз Украина имаа длабоко влијание врз разни аспекти од геополитиката или меѓународната безбедност. На две години од почетокот на руската инвазија, конфликтот длабоко ја обележа меѓународната панорама со реперкусии кои излегуваат надвор од границите на само земјите во конфликт. 

Несомнено, руската инвазија предизвика сериозно преуредување на светскиот поредок забрзувајќи ги и онака веќе силните геополитички трансформации, принудувајќи бројни земји да ги преиспитаат своите сојузи и сопствените безбедносни стратегии.

Во однос на руско-украинскиот конфликт, Западот ја промени својата постура. Новиот пристап, оперативно трансформиран преку воена, финансиска и хуманитарна помош за Украина, сосема неочекувано се претвори во огледало за состојбата и солидноста на демократските системи. Западот дефинитивно сфати дека војната започната од Русија го има за цел растурањето на украинската државност и уништувањето на светскиот поредок преку кој Западот наметна систем базиран на конституционализмот и меѓународното право. Одговорот на Западот, особено на ЕУ и САД, демонстрираше зајакнување на трансатлантската соработка и солидарност, но просведочи и за подемот на длабоки поделби во рамки на самите западни општества, помеѓу самите земји сојузнички, предизвикувајќи и растечка глобална поларизација. 

Две години подоцна сведоци сме на една војна на исцрпување (ако сме оптимисти), на замор кај европската и западната јавност, како и кај самите политички елити од поддршката за Киев, на растечкиот подем и поддршка на западната десница за Путин, како и на опасноста и непознаниците од евентуалното враќање на Трамп во Белата куќа. Се поставува прашањето, дали Западот ги научи лекциите од руската експанзионистичка и империјалистичка офанзива и дали две години подоцна почнуваме да ја губиме војната?

Најубавите денови на диктаторот Путин

Гледајќи го Путин оваа зима Западот би требало да го залазат одредени морници. На месец од претседателските избори, кои е сигурен дека ќе ги добие, односно, дека без противкандидати ќе триумфира, и благодарение на кои ќе остане на власт подолго од Сталин, со можност да се кандидира и во 2036-та, во главата на Путин во овие моменти сигурно превладува задоволство и слобода да се фокусира на сегашноста.

Навални е мртов,  и колку и Царот да не сака да си признае дека опозиционерот и од сибирскиот затвор му предизвикуваше страв, и каде без разлика дали Путин го убил или починал од други причини, пораката за неговите непријатели е истата: Кој го напаѓа Путин - умира! Во Украина, во истиот момент додека се гаси животот на Навални, руското знаме се подига над Авдијивка, додека украинската војска се повлекува. Кога ли започна - сигурно си размислува Путин - ова чувство на сила и воскресение?!

Минатиот август, кога Путин го елиминираше „предавникот“ Пригожин и откако стана јасно дека украинската контраофанзива се искрши и дефинитивно пропадна на руските мински полиња, во Западот се појавија првите симптоми од замор во продолжување на помошта за Киев. Хамас, финасиран од Иран и добар пријател на Москва, создаде корисна дистракција од европскиот фронт со војната во Газа, додека Трамп неодамна изјави дека кога би бил претседател, Путин би можел да прави што сака со европските членки на НАТО, доколку не плаќаат да бидат бранети. Единствената утеха е дека делириумот на семоќ на диктаторите ќе ги принуди да го потценат противникот, но настрана веселите мисли, Путин ги живее најубавите денови на неговото крваво, диктаторско и империјалистичко владеење.

Лекциите на Западот

Сега на Западот не му останува да се потсети дека враќањето на војната на Стариот континент, го поставува пред тежок избор и предизвик: доколку победи Украина ќе биде одржан системот на вредности и меѓународни закони кој Западот погрешно ги мислеше за вечно освоени и неотуѓиви.  Доколку Украина загуби,  тоа ќе ги отвори вратите на хаосот. Авторитарните режими како Русија, Кина, Иран, Северна Кореја ќе можат да ги диктираат новите правила. Ваквата ситуација ги порекнува розевите предвидувања на Фукујама, за неизбежниот триумф на демократијата после распадот на СССР и ни ја потврдува исправноста на песимизмот на Ками во неговото дело „Чумата“. Односно, дека секоја наводна победа над тоталитаризмот не треба да нѐ залажува. Семето на злото/чумата, колку и да е ослабнато, секогаш лежи во заседа и чека подобри услови за повторно да го нападне општествениот огранизам. Тоа е првата и последна лекција за Западот, дека поразот на Украина е нејзин пораз и затоа треба да се издржи во борбата.

Изборот за Западот е јасен: Ако изгуби Украина - губи и ЗападотФотографија: Ozge Elif Kizil/Anadolu/picture alliance

Втората лекција е дека е недозволиво големи политички сили, било од левицата или десницата, под закрила на еден предавнички пацифизам, да играат во корист на Путин и Русија. Третата лекција е дека Украинците може да победат на терен, но имаат  потреба од помош, особено во муниција. Подеднакво е потребно позади себе да имаат обединет фронт на поддршка, кој за жал, сѐ помалку постои.

Четвртата лекција е дека мора да се има војска која е во состојба да ги брани слободните земји и нашите демократии. Вооружените сили треба да се вратат во позиција да бидат воени инструменти и оваа максима особено важи за  ЕУ и европските земји.  Под итно мора да се создаде заедничка европска одбрана која ќе има сила да ги одврати потенцијалните агресори. Агресијата врз Украина ги активираше воените машини на авторитарните земји, не само на Русија, туку и на Кина, Иран и Северна Кореја. Тоа ја принудува Европа да ја зголеми потрошувачката за одбрана и да не живее во заблудата на светскиот и мировен поредок поставен после Втората светска војна. Станува збор за соочување со суровата реалност без заглавување во надминати идеализми од стариот кантовски и илуминистички концепт за „перпетуален мир“.

Петта лекција: Потребно е  зајакнување на НАТО  каде Европа ќе биде поголем протагонист, за која цел пак ќе инвестира во интегрирана одбранбена индустрија, напуштајќи ја постоечката фраментирана и некоординирана статегија. Таквата трансформација дополнително политички би ја обединила Европа и би ги адресирала стравовите на источните членки, многу поразлични и подиректни од оние кај западните земји. Тоа би ги намалило и идните тензии со Русија, затоа што би се намалил стравот и притисокот од Полска или Балтичките земји, за поригорозни политики кон Москва. Парадоксално, но долгорочниот интерес на САД е во некоја иднина да го поврати безбедносниот систем базиран на соработка со Русија, а вистински начин тоа да се постигне е да се зајакне европското воено присуство на источните граници. Токму Вашингтон би имал интерес да поддржи сличен процес, намалувајќи ја тежината на својот воен и економски влог во Европа, охрабрувајќи ги Европејците да ги зајакнат своите воени сили и својот придонес за безбедноста на континентот. За ова се потребни најмалку 10 години, а Европа опасно касни.

Шеста лекција е дека Западот треба да е секогаш подготвен да разговара за прекин на огнот, но никако да претрпи ултиматуми или предлози за унилатерално предавање. Не смее да се заборави што би се случило со Европа или НАТО доколку Русија освои тотална победа во територијално најголемата европска земја. Ништо не би било како порано. Особено што, кога авторитарните режими се кладат на територијална експанзија, многу ретко застануваат во своите походи.

Последна лекција е еднаква на првата. Европа и Западот да се освестат од досегашните заблуди и да излезат од автолезионизмот каде повторно дозволуваат војна во срцето на Европа. Како во 1917-та, така и после 1991, Западот и` дозволи на Русија да се реконстурира и повторно да го загрози светскиот поредок и мирот во Европа. Западот, наместо да живее во дефетистичките приказни на Трамп и европските десници, треба да си ја поврати гордоста за себе, или да престане со каењето и чувството на грижа затоа што се западњаци. Треба да излезе и од демократската хипокризија, каде едно се зборува, а друго се прави, да се ослободи од своите авторитативци и стабилократии и верно да се потпре на своите вредности и принципи.  Украинците без никакви гаранции  тоа веќе го прават. Денес не живееме во поствоен свет, туку во предвоен. За да имаме слобода, треба да сме подготвени да се бориме за истата. Изборот за Западот е јасен: Ако изгуби Украина - губи и Западот. Или поточно, да се биде или не - прашањето е сега!

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми