Јандроковиќ: Сиви облаци над НАТО и ЕУ
6 март 2025
„Над ЕУ и НАТО се надвиснуваат сиви облаци, што е можеби најголемата пресвртница од формирањето на овие две организации. Не знаеме каква ќе биде нивната иднина, поради што е важно да се вложи многу за остварување траен светски мир“, порача во своето обраќање пред пратениците во македонското Собрание, претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ, које е во дводневна официјална посета на Северна Македонија.
Руската инвазија врз Украина, вели тој, неповратно го промени светот, кој стана многу поопасен и место на остварување на незамисливи сценарија.
„Последните месеци сведоци сме дека на двете страни од Атлантикот постојат различни визии за тоа како треба да изгледа еден мир. Времето ќе покаже во која мерка е возможно да се воспостави заедничка визија за тој мир. Нам ни е важно тој мир да биде одржлив и праведен, а не да биде неизвесна иднина“, рече Јандроковиќ.
Нема мир во Украина без учество на Украинците
Тој е дециден дека не може да се зборува за мир во Украина без учество на Украинците, бидејќи тоа ја доведува во прашање нивната сувереност и територијален интегритет.
„Тоа би бил сериозен удар врз меѓународното право и врз светот кој се гради од Втората светска војна наваму. Не може да се размрда тој поредок, бидејќи тоа ќе биде невиден преседан којшто ќе создаде нестабилност. Почитувањето на меѓународното право, почитувањето на територијалниот интегритет и суверенитет е во сржта на меѓународните односи“, дециден е Јандроковиќ.
Поддршка за европскиот пат
Гордан Јандроковиќ, које е во дводневна официјална посета на земјата, во своето обраќање пред пратениците во македонското Собрание, потсети дека одлуката за отворање на преговорите со Албанија и Северна Македонија беше донесена за време на хрватското претседавање со Унијата во март 2020 година.
„Но, за жал и по 5 години вашите преговори сè уште не се формално отворени. Тоа не е коректно. Имајќи го тоа предвид, го разбираме нетрпението на вашите граѓани. Хрватска високо ги цени вашите постигнувања и смета дека заслуживте многу поголем напредок и ќе ве поддржи на европскиот пат. И ние поминавме многу напорен пат до членството, и врз основа на нашето искуство, ви велиме дека треба да истраете“, вели тој.
Јандроковиќ кој во четвртокот (06.03) пристигна во земјата, со највисоки државни и воени почести беше пречекан од неговиот колега, претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши. Тој имаше средба и со македонскиот премиер, Христијан Мицкоски.
„Хрватска останува важен партнер и пријател на Северна Македонија, а заедничките иницијативи меѓу двете земји ќе продолжат во духот на стабилност, просперитет и заемна поддршка“, вели Мицкоски по средбата со Јандроковиќ, со кој разговарале за унапредување на билатералните односи и поддршката на европскиот пат на Македонија.