1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јануарски бран на незадоволство – ССМ повикува на протести

14 јануари 2026

ССМ најавува протести и штрајкови поради непостигнат договор за минимална плата. Бараат 600 евра и зголемување на сите плати.

протести на ССМ во Скопје, Слободан Трендафилов, 02.04.2025
Синдикатите повикуваат на протест за зголемување на минималната плата во МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Незадоволството околу непостигнувањето договор за зголемување на минималната плата ќе резултира со јануарски бран на протести во Македонија. Синдикатите најавуваат дека деновиве излегуваат на улица. Предвидени се штрајкови во повеќе институции и блокади на улици.

Ако повторно нема разбирање од Владата и од работодавачите дека платите мора да растат, не е исклучена можноста за генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор. Барањата се јасни: 600 евра минимална плата и по 100 евра зголемување на сите останати плати.

Владата и работодавачите без решение

Ваквите најави следат откако со месеци наназад нема никаков напредок околу прашањето за зголемување на минималната плата. Владата изминатиот период топката ја префрла кај работодавачите и работниците – оставајќи ги тие да најдат решение за минималната плата.

Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) веќе подолго време укажуваат дека не гледаат излез од ситуацијата.

250 евра за функционерите – 25 евра за работниците

„Функционерите ги оставија работниците сами да се договорат со газдите за зголемување на минималната плата, а од друга страна истите функционери не разговараат со работниците затоа што ќе им се зголемат платите од 200 до 300 евра во месец февруари оваа година“, реагираат од ССМ.

Законот за плата и други надоместоци на пратениците и избраните лица предвидува дека платата на функционер се утврдува врз основа на просечната плата во државата, коефициент и работно искуство. Работното искуство се вреднува со 0,5% за секоја започната година стаж, а најмногу до 20%.

Но, според ССМ, функционерите одбиваат да дадат поддршка за зголемување на минималната плата и останатите работнички плати. Владата планира само усогласување од околу 25 евра од март, што е далеку од барањата на синдикатите.

ССМ бараат поголеми плати и за работниците, а не само за функционеритеФотографија: Andrey Popov/Panthermedia/imago images

Колку изнесува прагот на сиромаштија?

Според ССМ, на едно работничко семејство му се потребни 2,6 минимални плати за да ги покрие основните потреби, односно една синдикална минимална кошница. Еден функционер со својата плата може да си дозволи 2 до 2,5 такви кошници.

„За функционерите можеби е оправдано да не излезат на протест, но колку е оправдано работниците кои не се функционери да не излезат на протест? Моќта е во работниците затоа што работниците ги бираат функционерите, а функционерите одбираат да не ги поддржат работниците“, порачуваат од ССМ.

Синдикатите се повикуваат на најновите податоци на Државниот завод за статистика: стапката на сиромаштија во Македонија во 2024 година изнесувала 21,9%. Прагот на сиромаштија е утврден на 374.400 денари годишно, односно околу 6.100 евра. Тоа значи дека едно четиричлено семејство месечно треба да располага со најмалку 31.200 денари за да не се смета за сиромашно.

Владата смета дека минималната плата треба само да се усогласи за околу 25 евра и да изнесува околу 26.000 денари, што е за 5.200 денари под прагот на сиромаштија.

„Тие сакаат работниците да одат на работа, а да се сиромашни“, децидни се од синдикатот.

Статистика за ниски плати

Директорката на Управата за јавни работи, Елена Петрова, во интервју за „Топ тема“ на ТВ Телма, изјави дека основна плата плус додатоци до 23.000 денари земаат околу 16.000 граѓани. Станува збор за податоци за 11 месеци (заклучно со ноември) во 2025 година.

ССМ смета дека овие податоци се загрижувачки. Тие не бараат само зголемување на минималната плата, туку и на сите останати плати. Според нив, зголемување од 100 евра за големите компании не значи ништо, а за работниците ќе значи дополнителен мотив за поголемо залагање, поголема продуктивност и додадена вредност.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми