1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаМексико

Мексико ја доби првата претседателка во својата историја

ЖА
3 јуни 2024

Клаудија Шејнбаум станува првата жена претседател на дванаесеттата по големина економија во светот. Пред неа се огромни предизвици - ќе мора да се справи со нарко картелите, миграцијата и долговите.

Клаудија Шејнбаум станува првата жена претседател на Мексико
Клаудија Шејнбаум станува првата жена претседател на МексикоФотографија: Fernando Llano/AP Photo/picture alliance

Со огномет и музика левичарската политичарка Клаудија Шејнбаум ја прослави нејзината јасна изборна победа на претседателските избори во неделата во Мексико. Од 1 октомври владината кандидатка не само што ќе биде прва претседателка на најнаселената земја во која се зборува шпански јазик, туку според официјалните проекции таа ќе добие повеќе гласови од кој било од нејзините претходници во историјата на Мексико.

„Би сакала да им се заблагодарам на милионите Мексиканци кои гласаа за нас на овој историски ден“, рече Шејнбаум. Уште пред да бидат објавени официјалните проекции, илјадници поддржувачи на кандидатката се собраа со мексикански знамиња на плоштадот Зокало во срцето на главниот град, Мексико Сити за да слават.

61-годишната поранешна градоначалника на Мексико Сити, која  важеше за фаворит, според прелиминарните делумни резултати од избројаните две третини од гласовите, добила 57,9 проценти, како што соопшти во понеделникот изборната комисија.  Нејзините двајца ривали од опозициските партии Ксочитл Галвез и Хорхе Алварез го признаа поразот и и` ја честитаа победата.

Објавувањето на резултатите од страна на изборната комисија неколку пати беше одложувано без оправдување, што доведе до ситуација на неизвесност. „Лажете како и секогаш“, напиша конкурентот Галвез на онлајн платформата X пред да бидат објавени податоците.

Ова е првпат жена да победи на претседателските избори во оваа латиноамериканска земја. Шејнбаум е близок доверлив човек на левичарскиот популистички претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор, кому, според Уставот, не му беше дозволено повторно да се кандидира по неговиот шестгодишен мандат. Таа е дипломиран физичар.

Тоа беше најголемиот изборен ден во историјата на втората по големина економија во Латинска Америка, земја со околу 130 милиони жители. Покрај претседателската функција, вкупно беа пополнети повеќе од 20.000 позиции, вклучувајќи ги сите места во Домот на пратеници и Сенатот, како и регионалните и општинските служби. Речиси 100 милиони граѓани имаа право на глас.

Медиумите јавуваат за насилство  пред некои избирачки места. Илјадници војници беа распоредени низ целата земја за да ги заштитат гласачите. Изборната кампања на различни нивоа веќе беше засенета од  масовно насилство.  Во неделата вечерта непознати лица го застрелаа 35-годишниот кандидат Израел Делгадо во западната држава Мичоакан. Десетици други кандидати беа убиени во претходните месеци.  Смртоносното насилство  ги зголеми стравувањата од закана за демократијата од  ривализираните нарко картели.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми