1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прислушување: Дали било следено и семејството на Мицкоски?

ДТЗ
9 септември 2025

Опозициската СДСМ притиска за декласифицирање на документите за наводното следење на премиерот Христијан Мицкоски, кој се сомнева дека биле следени и неговите деца.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски
Јавни обвинувања за тајни документи на АНБ: ќе има ли декласификација на досиеја?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Не стивнуваат обвинувањата за прислушување на владини функционери, новинари и бизнисмени во Македонија. Премиерот Христијан Мицкоски изрази сомнеж дека биле следени и неговите деца, поради што порача дека мора да има одговорност за незаконското следење. Опозициската СДСМ, пак, повторно побара декласифицирање на документите со цел да се открие вистината за „случајот АНБ“.  Според премиерот, не е прашање дали материјалите ќе се декласифицираат, тука прашање е како да се спречи ваквата злоупотреба и повеќе да не се повтори.

„Ме следеле мене, но и моите деца“

„За ова сум сведок и јас лично, гледајќи го материјалот поврзан со мене, а богами и со моето семејство. Ајде разбирам јас, ама децата?! И тука сакам да подвлечам: не е прашањето дали ќе се декласифицираат материјалите-тоа е сосема ирелевантно и на таквите работи гледам како на страв и паника на оние кои повикуваат на такво нешто, и како на изговор за дефокусирање од вистинските дилеми“, рече Мицкоски во обраќањето по повод 8 Септември – Денот на независноста. 

Осврнувајќи се на случајот со прислушкувањето, тој рече дека се следи и прислушкува од 90-тите години и една иста структура, речиси исти луѓе и оперативци, блиски до некоја мината власт, оперираат со системот. „Со ваквите чекори се удира по основите на демократијата, се удира по уставниот поредок, а последиците на таквиот извитоперен систем не само што уништуваат генерации луѓе, туку и ја доведуваат во опасност целата држава, каде на тацна го ставаат безбедносниот систем“, оцени премиерот.  Според него, вистинското прашање е како да се спречат злоупотребите и повеќе ова да не се повтори.

„Тоа ќе се случи само и само кога ќе има одговорност. А, одговорност мора да има. Сите материјали од институциите и сознанија за незаконското следење се предадени на обвинителството. Ги знаеме нивните слаби капацитети и за жал ниската доверба во нив, но овој случај ќе го следиме одблиску и само да знаат дека оваа работа нема да се стави под тепих“, рече Мицкоски.

Кој се плаши од документите?

Според портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, ваквата изјава на премиерот е потврда дека нема намера да ги декласифицира документите кои би ги докажале неговите наводи дека нелегално бил следен. СДСМ прашува од каде толкав страв од објавувањето на содржината на материјалите од наводното следење.

„Ако СДСМ прислушувала, како што тврди власта, зошто се плаши да ги декласифицира документите. Дали овие документи содржат докази за соработка на Мицкоски со странски непријателски служби, дали тој работел на штета на интересите на државата за странски пари, дали имал комуникација со руски агентури кои финансирале екстремизам и дестабилизација на државата? Дали овие документи содржат наводи за нелегално финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ, поврзано со „Делчевски ниви“?“, прашуваат од опозициската партија. 

Кузеска, пренесувајќи го ставот на СДСМ, го повика и директорот на АНБ, Бојан Христовски да ги декласифицира документите, и на тој начин да го стави државниот интерес, пред интересот на партијата. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми