1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоГлобално

Јазикот на „милосрдниот Самарјанин”

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
1 декември 2025

Светот на солидарноста денес е загрозен од разни Масковци, Закерберговци, Безоси и слични. Но, од останатите луѓе зависи дали ќе дозволат принципот на профитот да стане мото и на нивниот живот. Пишува Кица Колбе

Јазикот на „милосрдниот Самарјанин“ – приказна за добрина, солидарност и љубов кон ближниотФотографија: Robert Kneschke/Zoonar/picture alliance

Вчера кај западните христијани беше првата недела од четирите недели пред Божик. Тоа е времето наречено Адвент, што на латински го означува доаѓањето на празникот на Христовото Рождество.

Во овој период се собираат фамилиите и пријателите на средби со божиќни колачи, а за децата тоа е голема предбожиќна радост. Во православната црква, по новиот стил, малку порано од Адвентот почна предбожиќниот пост.

Двете нешта – строгоста на постот и радоста на Адвент – ја изразуваат целината на предбожиќното време.

Евангелието за милосрдниот Самарјанин – Христовата порака за служење

Вчера во православната служба се читаше приказната од Евангелието за „милосрдниот Самарјанин“. Тој не го остава повредениот човек крај патот, откако разбојниците го ограбиле и претепале, како што сториле двајца други минувачи – свештеникот и левитот. Двајцата, во богословското толкување, го симболизираат стариот закон, додека милосрдниот Самарјанин – туѓинецот според тој закон – е Христос, кој се грижи за човекот во неволја, ги преврзува неговите рани и го сместува во гостилница.

Токму затоа најважниот завет на Христа до Апостолите, освен да го проповедаат Евангелието до сите краишта на светот, е љубовта еден за друг, за да видат другите дека тие се Христови, но и да си служат меѓусебно. Зашто, самиот дошол во светот да служи, им вели Христос.

Приказни од семејството – баби и тетки како ангели на добрината

Две мои германски пријателки, доста постари од мене, кои немаат фамилија и деца, еднаш неделно готват за други пријателки што се тешко болни или поосамени од нив и им го носат зготвеното дома. Пријателството за нив значи служење на ближниот.

Тоа ме потсетува на улогата која постарите жени во македонските фамилии во моето детство самите ја избираа, откако ќе останеа вдовици. Тоа беа нашите баби. Како едната од сестрите на мојата баба. Таа живееше кај едната ќерка, а секој ден „трчаше“ неколку улици подалеку, до станот на другата ќерка, за да го среди и да зготви за двете, пред тие да се вратат од работа.

Мојата баба Лета ја паметам секогаш „затрчана“, постојано со блага насмевка и добрина. Кога ќе поминев кај неа, дури и набрзина, таа секогаш ме почестуваше со сутлијач и кафе. Благоста на сутлијачот беше симбол за нејзината блага душа. Тие што ја познаваа ќе го потврдат моето сеќавање.

И сигурно секој од нас имал една таква баба или тетка – ангел на доброволното служење во фамилијата, за комшиите, роднините и пријателите.

Доброволното служење во Германија – пример на солидарност и грижа

Кога пред повеќе од четири децении дојдов во германската фамилија на маж ми, и таму ја најдов мојата баба Лета – во личноста на една од тетките на маж ми. Цел живот немажена, совршено организирана во сè, тетка Тоска живееше служејќи им доброволно на фамилиите на двете свои сестри.

Во времето по војната, за свадбите ја шиела целата облека и за децата и за возрасните. И таа не оставаше да не го нагости со благо случајниот гостин – со чоколаден пудинг и компот од јаболка. Тие вкусови ме потсетуваа на сутлијачот на баба ми Лета во Скопје. Нејзината топлина ја најдов и кај тетката на маж ми.

Кај такви благи луѓе, со огромно срце за ближниот, имате чувство дека тие, дури и кога мајчиниот јазик им е различен, се разбираат со јазик што стои високо над сите јазици. Тоа е јазикот на „милосрдниот Самарјанин“ – благост, добрина и дарување на себеси без граница, без плата и без надомест.

Таа тајна на служење од љубов беше темелот на македонските фамилии што ги паметам од времето кога со нас беа нашите баби и родители – времето пред да настапи „невремето“ на транзицијата, во кое се заборавија многу од темелните вредности на заедничкото живеење.

Се разбира, и денес во македонското општество сигурно има семејства и пријатели што им служат доброволно на ближните, но тие – откако постои светот – никогаш не се гласни, зашто во својата скромност не бараат слава и пофалба.

Верувам дека темелниот ред на животот во македонските фамилии, што го паметам од моето детство, преживеа и во транзицијата, иако е невидлив во суровото секојдневие.

„Момо“ и пораката за време, внимание и љубов кон ближниот

За жал, тоа важи не само за македонското транзициско општество, туку, секако во помала мера, и за германското.

Во колумната за „Ehrenamt“, за доброволната служба, во неделникот „Die Zeit", под насловот „Што ми носи служењето на страдалниците? Со тоа не летам на Марс“, германската новинарка Сабине Рикерт пишува дека поминало времето на солидарноста и настапило времето на „deal-от“, на интересот. Според неа, неопходно е јасно да се застане против овој тренд на егоизмот токму со доброволното служење на тие што се во неволја. Таа раскажува дека нејзините постари сестри, како пензионерки, избрале доброволна служба: да ги посетуваат болните без роднини или пријатели, да им помагаат на децата по наставата со домашните задачи, да делат топол оброк на бездомниците и сиромашните при бесплатниот ручек што го нудат градските управи и црковните заедници.

Сабине Рикерт потсетува на прочуената книга за деца на германскиот писател Михаел Енде (Michael  Ende), „Момо“ (Momo). Во длабоко поетската книга на Енде, деветгодишното сираче Момо го изразува принципот на љубовта кон ближниот во неволја – време, внимание, грижа и солидарност. Тие нешта не носат профит, па затоа „господата во костуми од банката со време“ ги мразат. Тие на луѓето им советуваат да ги прекинат сите активности што не носат материјална корист – никаква грижа за болните, за страдалниците, за осамените. Затоа што, според „банкарите на времето” во книгата на Енде, времето „вложено” во служењето на ближните не „носело” пари, туку било изгубено време.  Со тоа Енде го предвиде слоганот на нашето сурово време.

Затоа пораката од „Момо“ од 1973 година е многу актуелна и за македонската стварност, во која „хероите“ не се „милосрдните Самарјани“, туку новите олигарси – банкарите од „Шпаркасе за време“.

Светот на солидарноста денес е навистина загрозен од разни Масковци, Закерберговци, Безоси и слични типови на модерниот капитализам. Но, сепак, од останатите луѓе зависи дали ќе дозволат принципот на профитот да стане мото и на нивниот живот.

Солидарноста денес – предизвици и закани од модерниот капитализам

Генерациите што ја градеа македонската државност по војната ја познаваа сиромаштијата, но и силата на доброволното служење – во христијанска смисла, како кај нашите баби, но и во социјалистичка смисла, како идеологијата на „братство и единство“. Се разбира, таа идеологија беше замена за христијанската религија, но со својата обединувачка порака ги надминуваше етничките разлики во етиката на граѓанската солидарност која се пропагираше како еднаквост и рамноправност. Затоа во слоганот „братство и единство“ сѐ уште преживуваше и пораката на „милосрдниот Самарјанин“ – во време кога црквите беа музеи, а на службите одеа само две-три бабички.

Денес, православните цркви во Македонија се преполни, но, за жал, во нив неретко се води повеќе грижа за политичките и етничките, отколку за етичките прашања: да се нахранат гладните, да се вдомат бездомниците, да се служи на настраданите – на тие што лежат крај патот, занемарени од „банкарите со време“, кои денес и во црквите имаат „поважни“ геостратешки работи од заветот да им служат на најбедните со сочувство и пожртвуваност.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми