Јотова: Да не се поврзуваат технички барања со политика
8 јули 2026
Додека секое барање на Софија во однос на Бугарите во С. Македонија се става во графата „човекови права“, кога станува збор за регистрирање на здруженија на Македонците во Бугарија - тоа се третира како „техничко барање". Ова станува јасно од одговорот на бугарската претседателка Илијана Јотова, по нејзината средба со генералниот директор за човекови права и владеење на правото при Секретаријатот на Советот на Европа, Џанлука Еспозито. Во разговорот учествувал и раководителот на Одделот за извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), Фредерик Долт. Во кусото соопштение од прес-службата на Јотова се наведува и темата за разговор.
„За време на средбата беше разговарано за конструктивниот дијалог и за ангажираноста на нашата земја во исполнување на одлуките на Европскиот суд за човекови права во групата на дела ‘ОМО Илинден против Бугарија’“, се вели во соопштението по средбата од трети јули.
Процесот за регистрација бил „либерализиран"
Премиерот Христијан Мицкоски во повеќе наврати потсетуваше на бројните пресуди на ЕСЧП (минимум 14) со кои Бугарија се обврзува да дозволи регистрација на ОМО Илинден-Пирин, но досега Софија одбиваше да го направи тоа. Одговорот што го дала бугарската претседателка на средбата со Еспозито и Долт, открива во која насока ќе продолжат работите.
„Бугарија ги создаде неопходните услови за гарантирање на правото на здружување, преземајќи законодавни, институционални и практични мерки кои им олеснуваат на граѓаните во регистрацијата на здруженија", изјавила Јотова.
Таа се осврнала на развојот на оваа тема од 2006 година до денес, ја забележала „интензивната и континуирана контрола од страна на Комитетот на министрите“, па оттаму и очекување дека е време таквиот мониторинг да заврши.
„Илијана Јотова изрази очекување за скорешно завршување на мониторингот врз спроведувањето на одлуките, со оглед на напорите што ги вложи нашата земја и исполнетите мерки за либерализирање на процесот на регистрација. ‘Неприфатливо е да се поврзуваат технички барања со политички толкувања', изјави шефот на државата“, се вели во соопштението од прес-службата на бугарската претседателка.
Можност која се случува еднаш во генерацијата
Дали ова ќе биде една од темите за кои ќе се разговара денеска во Скопје, ќе се знае по претстојната средба напладне и по прес-конференцијата (по 13 часот) на еврокомесарката за проширување, Марта Кос и премиерот Христијан Мицкоски. Пораката со која Кос доаѓа во С. Македонија, е дека по примерот на силните реформски чекори, треба да се направи и прогрес во пристапните преговори.
„Покажавте силни перформанси во рамките на реформската агенда. Доаѓам во Скопјe за да ја охрабрам Владата да го стори истото тоа и во пристапните преговори, затоа што сега имаме можност која се случува еднаш во генерацијата, да го оствариме проширувањето", изјави еврокомесарката во интервју за МИА пред посетата на Скопје.
„Сега имаме можност која се случува еднаш во генерацијата, да го оствариме проширувањето. Ова доаѓа со јасни избори - оние што ги исполнуваат своите обврски напредуваат. Ова го гледаме најјасно во Црна Гора и Албанија. Оние што не ги исполнуваат своите обврски, заостануваат. Во моменти на забрзување, застојот значи фактичко назадување“, изјави Кос, одговорајќи на прашањето дали има предвид нова иницијатива за деблокада на македонската евроинтеграција.
Да се прифати реалноста - гаранции нема
Еврокомесарката укажува дека напредокот во преговорите за пристапување бара клучен елемент: доверба меѓу земјите кандидати и земјите членки.
„Според моето искуство, таквата доверба првенствено се гради врз два елемента: исполнување на обврските и ставот на земјите кандидати кон ЕУ и нејзините земји членки. Ова почнува со добрососедски односи. Кога меѓусебната доверба расте, процесот на пристапување станува побезбеден. Убедена сум дека ова би било случај и за Северна Македонија“, оценува Кос.
Притоа напоменува дека досега немало случај на давање гаранции на земја кандидат.
„Вистината е дека ниедна земја кандидат никогаш не добила гаранција дека нема да се појави друг спор за време на процесот на пристапување, сè до моментот кога и последната земја членка ќе го ратификува договорот за пристапување. Ова е начинот на кој функционира проширувањето на ЕУ. Важно е да се прифати оваа реалност", нагласува Кос.
Се очекува таа денес да посети студентски дом во Скопје реновиран со средства од ЕУ, да разговара со младински организации за можностите што ги нуди поблиската интеграција со ЕУ, вклучително и преку програми како што се „Хоризонт Европа“ и „Еразмус+“, и да се сретне со претставници на организациите на граѓанското општество и медиумите, во разговор за спроведувањето на клучните реформи поврзани со ЕУ.