1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборите распишани - кандидатите уште „тајни“

ДТЗ
14 февруари 2024

Претседателот на Собранието, Јован Митрески ги распиша двојните избори. Претседателски избори треба да се одржат на 24 април, а на 8 мај се закажани парламентарните избори.

Nordmazedonien | Kommunalwahlen
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателот на Собранието Јован Митрески ги потпиша решенијата со кои се распишуваат претседателските и парламентарните избори во 2024 година. Седмите претседателски избори треба да се одржат на 24 април, а на 8 мај се закажани парламентарните избори, кога е и вториот круг на изборите за претседател.

„Верувам дека во изборниот период што претстои, сите надлежни институции, но и сите инволвирани субјекти ќе дадат свој придонес да имаме фер и демократски изборен процес, на ниво какво што заслужува една демократска држава, членка на НАТО, држава која го оди патот кон полноправно членство во Европската Унија“, рече Митрески.

Тој оцени дека земјата во последните изборни процеси покажа дека има капацитет да организира демократски избори, во согласност со европските вредности и принципи. „Како држава воспоставивме стандарди кои мора само да ги унапредуваме и надградуваме и во никој случај не смееме да дозволиме да се вратиме назад. Гласањето на избори, односно можноста граѓаните преку гласачкото ливче да го искажат сопствениот став, е врвен чин на демократијата. Тоа е можност граѓаните со својот глас да ја определат својата иднина. Убеден сум дека и на овие избори граѓаните ќе го направат вистинскиот избор и ќе изберат иднина каква што посакуваме и каква што нашата држава заслужува“, рече Митрески. 

Откако решението за изборите ќе биде објавено во Службен весник, треба да заседава Државната изборна комисија која ќе усвои роковници со што и официјално ќе почнат да течат изборните дејствија.

Изборите ќе ги организира техничката влада, на чело со првиот премиер Албанец во Македонија - Талат Џафери, која што беше избрана на 28 јануари годинава, на 100 дена пред изборите. 

Според Изборниот законик, решенијата за распишување на изборите, ќе бидат доставени до Државната изборна комисија (ДИК). Кампањата за претседателските избори се очекува да започне на почетокот на април и неколку дена да се совпадне со кампањата за парламентарните избори. Во овој период не може да има вработувања, унапредувања и инвестиции

Законски ограничувања

Согласно членот 8а од Изборниот законик, од денеска до завршување на изборот на претседател и пратеници во Собранието и изборот на Владата, не може да се започне со изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности како училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот.

Исто така не може да се вршат исплати на надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, ниту да се отуѓува државен капитал или да се потпишуваат колективни договори. Нема да може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи. 

Во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборната кампања се до завршување на изборот на претседател и пратеници во Собранието и изборот на Владата, не може да се одржуваат јавни настани  за изградба или пуштање во употреба на објекти изградени со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал. Министерството за финансии е должно сите буџетски исплати, освен редовни плати, пензии и комунални трошоци, да ги објавува јавно на интернет страна во посебна база за буџетски трошоци во изборен период.

Претседателот на Собранието Јован Митрески го потпиша правниот акт со кој се распишуваат претседателските и парламентарните избори. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Имињата на кандидатите „тајни“

Иако се стеснува просторот до изборите, партиите се уште не ги откриваат имињата на кандидатите со кои ќе настапат на претседателските избори, ниту пак плановите за коалицирање на парламентарните избори. 

Единствено Левица деновиве го промовираше својот претседателски кандидат. Станува збор професорката Билјана Ванковска, која најави дека започнува со собирање на потребните 10.000 потписи за нејзината кандидатура.

Во интервју за Слободен печат, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски неодамна кажа дека постапката за избор на претседателски кандидат на СДСМ се одвива на едно исклучително високо демократско ниво, и дека кон крајот на месецот ќе се знае точно име со кое партијата ќе настапи на претседателските избори. Запрашан за тоа дали Стево Пендаровски повторно би бил кандидат на СДСМ за претседател на државата, Ковачевски упати пофални зборови за сегашниот претседател, но додаде дека конечната одлука ќе биде донесена наскоро.

Пендаровски денеsка од Тетово најави дека одлуката дали ќе се кандидира ќе биде донесена за околу пет до десет дена.

Претседателот Стево Пендаровски за десетина дена ќе каже дали ќе се кандидира за втор мандат Фотографија: President of North Macedonia

Кој со кого на избори?

СДСМ најавува дека ќе оди на избори заедно со коалицијата со која веќе има пратеници заедно во парламентот. На прашањето дали на листата ќе бидат вклучени и други политички партии кои во минатото не биле дел од коалицијата со која настапувале, Ковачевски вели дека тоа ќе зависи од одлуките на партија, но и на партиите кои би се приклучиле.

„Со ДИУ и Алијанса за Албанците сме во коалиција, владина коалиција постизборна коалиција, така планираме да продолжиме и во иднина после 8 мај, кога ќе извојуваме победа и кога повторно ќе ја предводиме проевропската коалиција со која до 2030 година ќе станеме земја членка на ЕУ. Но, дали на листите ќе бидеме предизборно заедно тоа се уште не е дефинирано и финализирано“, изјави деновиве лидерот на СДСМ.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ распишано оглас кој завршува на 21 февруари, а се очекува на партиска конвенција на 2 март да го избере својот кандидат за шеф на државата. Претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, вели дека независно од тоа, тие во моментов мерат рејтинзи на не повеќе од три имиња.

Лидерот на БЕСА и градоначалник на Тетово, Биљал Касами станува се поактуелен во јавноста по најавите дека би можел да биде претседателски кандидат на албанската опозиција. 

„Овој пат се одлучивме тој да биде политичка фигура, во игра е Таравари, во игра сум јас, набрзо ќе дознаете. Албанците имаат историска шанса нивниот кандидат да влезе во вториот круг на претседателските избори. Тоа го кажуваат моменталните бројки и рејтинзи на партиите“, рече Касами во емисијата „Клик плус“ на телевизија 21.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми