1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Јовески повикува на истрајност во борбата против криминалот

ДТЗ
25 декември 2023

Љубомир Јовески смета дека обвинителството било мета на неосновани напади, а анкетите давале неточна слика за довербата во правосудсвото.

Љубомир Јовески
Јовески повикува на истрајност во борбата против криминалотФотографија: DW/Petr Stojanovski

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески со писмено обраќање и поуки до обвинителите го завршува шестгодишниот мандат. „Дали во изминатите шест години можевме и подобро и повеќе? Сигурно да, но во ниту еден момент не сум престанал да се залагам за повеќе и за подобри резултати“, вели Јовески, кој смета дека обвинителството било мета на неосновани напади, а анкетите давале погрешна слика за довербата во правосудството, која што тој смета дека е во пораст. 

Цитирајќи го Абрахам Линколн: „Да веруваме дека правото има моќ; и со таа верба да се осмелиме до крај да ја вршиме нашата должност онака како што ја разбираме”, Јовески вели дека со гордост, задоволство и чест во изминатите шест години ја извршувал функцијата државен јавен обвинител. 

Истрајност и решителност

На колегите јавни обвинители им порачува дека стрпливоста и упорноста се столбовите на секоја кариера во правосудството. „Потрагата по правда е маратон, а не спринт трка на кратки патеки и затоа човек мора да одржува темпо и да е истраен. Ве повикувам во секоја можност да ја демонстрирате својата истрајност и решителност во борбата против криминалот. Не дозволувајте поединци да ја извалкаат професијата во која секојдневно се вложувате. Со чесна и напорна работа вашите резултати нема да останат непрепознаени од јавноста“, вели Јовески. 

Реформи

Досегашниот прв човек на репуличкото Јавно обвинителство, оценува дека во изминатите шест години го започнале процесот на трансформација од целосно затворена, кон институција отчетна и достапна за граѓаните.

„Состојбите не се лесни, но сепак покажавме и покажуваме истрајност во реформите, а тоа веќе го препознаваат и сите меѓународни институции. Во последниот извештај на Европската комисија навистина се ниски оценките за борбата против корупцијата во земјава и од тоа не можеме да бидеме задоволни. Но, ниту една критика не е насочена директно кон обвинителството. Напротив, се инсистира државата да ги обезбеди и да ги зголеми ресурсите за непречена работа на Јавното обвинителство“, вели Јовески. Тој смета дека често поради непознавање на реалната состојба или намерно, правосудството, а со тоа и Јавното обвинителство, се цел на неосновани напади.

Јовески смета дека обвинителството било мета на неосновани напади, а анкетите давале погрешна слика за довербатаФотографија: DW/Petr Stojanovski

Неосновани напади

„Со такви интереси секој си правеше анкети и ги презентираше како релевантни. Се создаде атмосфера дека довербата во нашата работа е нереално многу ниска. На пример, покрај другите предмети правосудството постапува и по граѓански, во кои одлуката е во корист само на едната страна. И покрај тоа, во значителен број предмети странките ја прифатиле донесената одлука и не изјавиле жалба. Во јавното обвинителство, пак, бројот на поднесени кривични пријави од граѓани од година во година расте, што исто така е показател дека довербата на граѓаните во нашата работа се зголемува и е многу повисока од презентираната“, вели Јовески.

Доверба

Анкетите, онака како што се прават за политичарите и политичките партии, според него, не се соодветни за мерењето на довербата во работата на Јавното обвинителство.

Тој се повикува на податоци од стручно и релевантно истражување на Светска банка кое деновиве и целосно ќе биде објавено, а се однесува на состојбите со јавната перцепција на правосудството во земјата.

„Во ова длабинско и суштинско истражување, на пример, на прашањето: колку се ефикасни правосудните институции, генерално  позитивна оценка дале 28% од граѓаните и 33% од бизнисмените. Запрашани за ефикасноста конкретно во нивниот предмет за оние што имале такво искуство, 47% од граѓаните и 37% од бизнисмените рекле дека се задоволни“, вели Јовески во писменото обраќање.

На прашањето, пак, колку е фер правосудниот систем, Јовески посочува дека позитивно се изјасниле 24% од граѓаните и 23% од бизнисмените, додека од оние што имале лично искуство позитивна оценка дале 60% од граѓаните и 55% од бизнисмените.

Наследник

Советот на јавни обвинители минатата недела ја избра обвинителката Соња Симовска од Државното јавно обвинителство за вршител на функцијата републички јавен обвинител. Таа на функцијата вршител на должност може да остане до шест месеци.

Во меѓувреме тече постапката за избор на негов наследник. На огласот за нов државен јавен обвинител се пријавија тројца кандидати – Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје и Љупчо Коцевски од Јавното обвинителство на РСМ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми