1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јовева: Не е фер Македонија да се споредува со Србија

6 ноември 2025

Европратеничката Ирена Јовева вели дека Северна Македонија има реален напредок и не треба да се споредува со Србија и БиХ, додека министерот Муцунски бара јасни гаранции за европскиот пат на земјата.

Жена со бело палто (европратеничката од Словенија, Ирена Јовева) дава изјава во Европскиот парламент
Европратеничката од Словенија, Ирена Јовева дава изјава во Европскиот парламент, во мај 2025Фотографија: Sanja Kljajic/DW

Не стивнуваат реакциите по извештајот на Европската комисија

Не стивнуваат реакциите по најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија, во кој беше посочено дека корупцијата, судството и енергетиката се трите најголеми предизвици со кои се соочува земјата. Откако лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, оцени дека земјата го добила „најлошиот извештај во последните десет години“, свој став изнесе и словенечката европратеничка Ирена Јовева, која има македонско потекло.

Јовева: Македонија не треба да се споредува со Србија и БиХ

Во изјава за МИА, европратеничката Јовева изјави дека не е фер Северна Македонија да се става во истиот кош со Србија и Босна и Херцеговина кога станува збор за напредокот кон Европската Унија.

„Морам да кажам дека Црна Гора и Албанија, а особено Црна Гора, реално се најнапредни во регионот во однос на реформите и напредокот. Иако не би сакала да ја критикувам еврокомесарката Марта Кос или Комисијата, мислам дека не е фер Северна Македонија да се третира исто како Србија и БиХ“, изјави Јовева.

Напредок постои, реформите мора да продолжат

Јовева, која е дел од либералната група „Да ја обновиме Европа“, смета дека земјата заслужува јасно признание за напредокот.

„Мислам дека земјата напредува и дека е на добар пат во процесот на пристапување кон Европската Унија“, истакна таа, додавајќи дека реформите мора да продолжат.

Во најновиот извештај за напредокот, Европската комисија повторно ја потсетува Северна Македонија дека уште не ги усвоила уставните измени за вклучување на граѓаните од другите заедници, вклучувајќи ги и Бугарите - обврска преземена со заклучоците на Советот од јули 2022 година. „Потребни се брзи и одлучни активности за исполнување на почетните критериуми и отворање на првиот кластер што е можно поскоро“, се наведува во извештајот.

Муцунски: Не е само прашање на уставни измени, туку и на гаранции

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, вели дека главната порака што ја доби земјата од Брисел е дека процесот на проширување треба да се гледа и како прашање на безбедност и геополитика.

Не е само прашањето на уставни измени, прашањето е кои се гаранциите што ќе ги добие државата вели шефот на македонската дипломатија, Тимчо МуцунскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Убеден сум дека доколку државата ги имаше направено уставните измени, извештајот ќе беше поинаков. Но, не е само прашањето на уставни измени — прашањето е кои се гаранциите што ќе ги добие државата за предвидливоста на нејзиниот пат напред“, рече Муцунски за ТВ Сител.

Тој нагласи дека во извештајот има и позитивни оценки, особено во областите на надворешна политика, образование, дигитализација, царинска управа и истражување, додавајќи дека во ниту една област нема назадување, освен во борбата против корупцијата и реформата на судството.

Владата ќе реагира на критиките, процесот останува доверлив

Муцунски најави дека Владата ќе направи сè што е во нејзина надлежност за да ги елиминира забелешките и дека ќе очекува принципиелно постапување од правосудните институции.

„Доколку нема соодветно постапување, Владата ќе мора да преземе дополнителни мерки“, додаде тој.

Во однос на најавите на премиерот Христијан Мицкоски за засилени активности во евроинтеграциите по Нова година и прашањата за комуникацијата со Софија, Муцунски нагласи дека за успех на процесот мора да се задржи доверливоста.

„Ако сакаме процесот да биде успешен, треба да ја штитиме неговата доверливост. Ќе бидеме принципиелни и ќе останеме на јасни позиции, но верувам дека каде што има желба, има и начин - и тоа важи и за ЕУ“, порача министерот.

Северна Македонија останува посветена на европскиот пат

Муцунски увери дека Владата останува посветена на реформите и дека европскиот пат на земјата е неповратен, со цел создавање кредибилно и одржливо решение за иднината на државата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми