1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Јулија Навалнаја: новото лице на руската опозиција?

Алексеј Стрелников
23 февруари 2024

Јулија Навалнаја сака да ја продолжи борбата на нејзиниот покоен сопруг, Алексеј Навални. Која е таа? Какви шанси има против режимот на Путин во Русија?

Јулија Навалнаја
Јулија Навалнаја сака да го исполни сонот на нејзиниот мртов сопруг, Алексеј Навални: сонот за Русија „полна со достоинство, правда и љубов“Фотографија: Yves Herman/AP/picture alliance

Три дена по смртта на Алексеј Навални, неговата сопруга Јулија јавно објави дека ќе го преземе управувањето со фондацијата на нејзиниот сопруг, посветена на борбата против корупцијата. Таа инсистира дека смртта наАлексеј Навални всушност била убиство планирано од Владимир Путин, убиство зад кое, како што вели, стојат конкретни сторители. Таа додаде дека нивните имиња ќе ги дознае со помош на луѓе кои биле блиски со покојниот Навални. 

Јулија Навалнаја потврди дека планира да спроведе сопствена истрага за околностите на смртта. Според набљудувачите, таа всушност ја најавила својата политичка кариера. Некои дури велат дека една силна жена би можела дури и да ја обедини опозицијата - и во Русија и во странство. 

Јулија Навалнаја не сакаше да се занимава со политика 

Јулија Абросимова се запознала со Алексеј Навални во 1998 година, за време на одмор во Турција. Тие се венчаа во 2000 година, а една година подоцна ја добија ќерката Дарија. Синот Захар е роден во 2008 година. Навалнаја дипломирала на Факултетот за меѓународни односи на Универзитетот Плеханов во Москва, а стажирањето го завршила во Данска, на високото деловно училиште. Таа всушност не планирала да има своја кариера, од самиот почеток ја поддржувала кариерата на својот сопруг.

Брачната двојка пред дваесетина години се приклучи на партијата Јаблоко. Бидејќи нејзиниот сопруг со текот на времето станал сè поважен политичар, Навалнаја му помагала со преводи или изготвување бизнис планови. „Бев невидлив помошник“, изјави таа во 2014 година за магазинот „Афиша“ , кој на својата насловна страница, покрај нејзината фотографија, напиша: „Посилниот пол“. 

Од изборната кампања за градоначалник на Москва во 2013 година, Јулија Навалнаја се појавува покрај нејзиниот сопруг како „прва дама на опозицијата“ (фото од февруари 2017 година)Фотографија: Sefa Karacan/AA/picture alliance

Алексеј Навални претходно се појави во медиумите. Во декември 2011 година, една година по воспоставувањето на неговиот антикорупциски проект „Роспил“ кој беше финансиран од донации, полицијата го приведе по протестот на кој учесниците бараа слободни избори. После тоа, Навалнаја, заедно со другите опозиционери, започна потрага по нејзиниот сопруг во московските затвори. Но, без успех. 

„Првата дама“ на руската опозиција 

„Најдраматичниот ден“, како што еднаш рече Јулија Навалнаја, сепак се случи во 2013 година. Тоа беше денот кога нејзиниот сопруг беше осуден на пет години затвор - за наводна проневера. Како што е обвинет, во текот на 2009 година, како тогашен советник на гувернерот на областа Киров, ја оштетил локалната државна компанија за преработка на дрво „Кировлес“ за околу 33.000 евра. Сликите од судницата од тоа време покажуваат дека Јулија Навални ја гледа постапката со наведната глава. Таа тогаш, како што откри, била подготвена на сите можни исходи. Но, откако јавноста протестираше, судот ја промени затворската казна во условна.

Подоцна, Навалнаја рече дека се помирила со ризиците од политичката работа на нејзиниот сопруг: „Луѓето веруваат во него, им светат очите, излегуваат на улица иако се заплашени, иако им се заканува затвор“. Прекрасно е“, нагласи таа во интервју за магазинот „Афиша“ .

Јулија Навалнаја зачекори на политичката сцена дури во 2013 година. Стануваше збор за изборната кампања на нејзиниот сопруг, кој во тоа време се кандидираше за градоначалник на Москва. Навални се залагаше за транспарентност во политиката, вклучувајќи ги неговите приходи, неговиот имот и се што е поврзано со неговото семејство. Така, Навални се позиционираше како спротивност на старомодните политичари. На изборите за градоначалник освои околу 27 отсто од гласовите и со тоа заврши на второто место, зад победникот Сергеј Собјанин. Јулија Навалнаја на тој начин стана „прва дама“ на лидер на опозицијата.

Новиот тест со кој се соочи Навалнаја беше труењето на нејзиниот сопруг во летото 2020 година во Омск. Докторот Александар Полупан за ДВ вели дека Навалнаја се однесувала сталожено во таа стресна ситуација, покажала силна волја, била самоуверена. Полупан смета дека токму нејзината упорност значително придонела за префрлањето на Навални во Германија, односно тоа што случајот добил толкаво медиумско и јавно внимание. Имено, Навалнаја потоа испратила апел до рускиот претседател Владимир Путин да дозволи лекување на нејзиниот сопруг во Германија. Путин подоцна изјави дека лично побарал од Државното обвинителство да му дозволи на Навални да ја напушти земјата. И тоа го направил веднаш откако го замолила сопругата на опозицискиот лидер. 

Алексеј Навални беше отруен во Омск во 2020 година и се лекуваше во Берлин; по третманот, двојката се врати во Русија во јануари 2021 годинаФотографија: Mstyslav Chernov/AP Photo/picture alliance

„Симбол на моралниот отпор“ 

Алексеј Навални сега е мртов, а неговата сопруга сака да го наследи. „Паметна, убава жена. Жена која зрачи. Жена која, како што се плашам, нема што повеќе да изгуби“, пишува политикологот Дмитриј Орешкин за Јулија Навалнаја. Тој верува дека Навалнаја може да се покаже како важен симбол на отпорот против „машката“ тиранија во Русија. Додека мнозинството од машката популација цврсто верува во приказната за нападот на НАТО врз Русија, жените за тоа време треба да решат конкретни проблеми, тој вели: „Нивните сопрузи се убиени, нивните браќа мора да се приклучат на војската, а нивните синови се испраќаат во смрт во Украина“. Мислите на жените во Русија не се вртат околу ниту една идеологија, тие само сакаат членовите на нивните семејства да се вратат дома. Имиџот на Навални може да делува како обединувачки фактор за опозицијата и во земјата и надвор од неа“. 

Андреј Колесников од организацијата „Карнеги фонд за меѓународен мир“ од Вашингтон, пак, смета дека Јулија Навалнаја би можела да стане „морален симбол на отпорот“. Тој додава: „Ако некогаш сме во ситуација да биде номиниран демократски претседателски кандидат, Јулија ќе биде најдобриот кандидат во секој случај, според мислењето на милиони луѓе“. 

Навалнаја ја продолжува борбата на нејзиниот сопруг 

Јулија Навалнаја, како што вели и самата, уште како мала се интересирала за општествениот и политичкиот живот, односно медиумите: „Од мојот 18-ти роденден одев на сите избори“, потенцираше тогаш. Брачниот пар Раиса и Михаил Горбачов ги сметаше за семеен идеал во светот на политиката, за пар кој „секоја вечер после работа одеше заедно на прошетка“. Навалнаја беше на мислење дека нејзината врска со Алексеј, и покрај сите ризици, им дава сила на двајцата. Како што вели, имала и свои идеи кои подоцна ќе се најдат во говорите на Навални. Тој беше некој на кој можеше да се потпре, рече таа.

Сега ситуацијата е поинаква, призна таа во видео порака по смртта на нејзиниот сопруг: „Со убиството на Алексеј, Путин уби половина од моето битие, половина од моето срце, ми уби половина од душата“. А, другата половина, која остана, сега е, вели таа, полна со „бес, гнев и омраза“ - работи што ќе ја турнат напред, за да го оствари сонот на нејзиниот сопруг: изградба на Русија „полна со достоинство, правда и љубов“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми