Kонгресот на Зелените донесе содржинско освежување
4 декември 2006Заминувањето во опозиција по поразот на предвремените избори пред една година на тридневнот конгрес се одрази и во фактот што внатре-партиската дебата наликуваше на голема какофонија. Копретседателката Клаудија Рот, која беше реизбрана на функцијата, во врска со тоа оцени:
“Сметам дека тоа се должи пред се‘ на фактот што во партијата имаме внатрешно политизирање на ебатата. Не сме повеќе на власт каде моравме стратешко политички и под притисок на владината одговорност да дејствуваме, туку сега слободно дискутираме. Тоа во потполност одговара на нашата интерна политичка култура.“
Една година по поразот на изборите и крајот на црвено-зелената коалиција под канцеларот Герхард Шредер, општ впечаток е дека Зелените конечно сфатија оти се во опозиција – смета Ралф Бозен во следниот коментар.
Една година по заминувањето од власт – Зелените на викендот повторно ја повратија самодовербата. Бројните говорници во трите дена не се заморија од истакнување на сите добри и успешни концепти што ги донела нивната партија. Тоа секако и‘ е наменето на јавноста и избирачите, но зад кулисите останува суштинското прашање: донесе ли навистина нешто ново овој конгрес за партијата, имаше ли напредок?
Во содржински смисол – одговорот гласи да! Во Келн беа поставени важни и добри насоки. Пред се‘ враќањето на централната тема на Зелените: заштитата на човековата околина. Таа веќе поодамна влезе во репертоарот и на другите партии, па затоа Зелените мораа да направат чекор напред за да се разликуваат. Партијата така меѓу другото се реши да се бори за ограничување на брзината на германските автопати на 130 км на час, што веќе како идеја се граничи со екстремизам. Со ваквиот радикализам Зелените им ја испраќаат следната порака на избирачите: зошто да се задоволите со копии, кога го имате на располагање оргиналот (се разбира, што се однесува до еколошките заложби). Општествената конјунктура за засилено профилирање на ова поле е во секој случај поволна. Загревањето на Земјината атомосфера е се‘ поголем и посериозен проблем за светот, па и за Германците.
Освен тоа Зелените се решија да се ангажираат поинтензивно и за подобро згрижување на децата, за родителите да можат послесно да го спојат семејниот со професионалниот живот. Со оглед на ниската стапка на наталитет и оваа заложба е сосема оправдана. Во врска со странците во земјата, Зелените ќе се ангажираат уште поинтензивно за нивна интеграција во општеството. Ова беше и до сега една од заложбите што и‘ носеа позитивни поени на партијата и го остреа нејзиниот профил.
Значи, на содржински план Зелените на конгресот во Келн докажаа дека го чувствуваат пулсот на општествените текови. Она што и‘ недостасува на партијата, тоа е внатрешно единство, како во базата, така и во партиското раководство. Без тоа не може да се игра поважна улога во политиката. Една година по поразот на изборите и по заминувањето од политичкиот живот на партискиот патријарх Јошка Фишер – Зелените се наоѓаат во опасност да потонат во хаос. Тоа мора да го изменат, се‘ едно дали сакаат да играат улога на силна партија на опозицијата или имаат амбиција повторно да дојдат на власт!