1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаГерманија

Каде да живеат бегалците во Германија?

Сабине Кинкарц
27 јули 2023

Во летото 2023 година сè уште има бегалци кои во Германија живеат од 2015 година, а сѐ уште не нашле сопствен стан. Експертите зборуваат за „криза на иселување“ во сместувалиштата.

Бегалци Германија Ајзенхитенштат
Само секој втор барател на азил добил можност да остане во ГерманијаФотографија: Patrick Pleul/dpa/picture alliance

Повиците на општините за помош не престануваат. Голем број од нив бараат помош бидејќи имаат малку или никаков простор за сместување на нови баратели на азил и воени бегалци од Украина.

Најсвеж пример: областа Фулда во сојузната покраина Хесен. Градовите и општините се „апсолутно на границата на нивниот капацитет“ да ги сместат луѓето „барем половично пристојно“, се вели во писмото до покраинската и сојузната влада, што општинскиот совет го усвои со големо мнозинство во средината на јули.

„Ни треба ограничување на имиграцијата“, вели окружниот администратор Бернд Војде (ЦДУ). „Не само што недостасуваат опции за сместување, туку има и ограничени капацитети во делот на згрижување деца, во училиштата, при медицинската нега и многу други области.“

Во 2023 година мора да се смета со 300.000 баратели на азил

Во Германија сега доаѓаат само мал број Украинци, а бројот на баратели на азил се зголемува. Сојузната служба за миграција и бегалци за периодото од јануари до јуни 2023 година изброила повеќе од 162.000 барања за азил. Најмногу луѓе дошле од Сирија (околу 44.000), потоа Авганистан (околу 28.000) и Турција (околу 19.000). Барање за азил поднесле и околу 20.000 бегалци од африканските земји.

Сместувалиште за украински бегалци во Радолфцел на Боденско ЕзероФотографија: Felix Kästle/dpa/picture alliance

За 2023 година треба да се очекуваат околу 300.000 баратели на азил, вели Борис Кин од Истражувачката група за миграциска политика на Универзитетот Хилдесхајм. Тие се распоредени низ Германија според одреден клуч, таму им е доделено сместување и мора да останат на истото место. Проблемот е што повеќето од сместувачките капацитети се постојано зафатени, честопати едноставно нема веќе места.

Има „криза на иселување“

Истражувачите на миграција Борис Кин и Јулијан Шлихт, координатор на „Помош за бегалците“ во Тибинген, во истражувањето на состојбата со домувањето на бегалците објаснуваат зошто е тоа така. Има т.н. „криза на иселување“. Во моментов, 25 отсто од луѓето кои дошле во Германија во 2015/2016 година сѐ уште живеат во сместувалишта за бегалци.

Постои еден вид застој во системот за прием на бегалци. За бегалците со признат статус е особено тешко да дојдат до сопствен стан во регионите каде на пазарот има малку станови. Тоа за новопристигнатите баратели на азил значи дека тие често наместо неколку дена, во почетните прифатни центри треба да останат со недели. А, и тие центри имаат ограничен капацитет.

Релативно поволно може да се градат модуларни сместувалишта од готови бетонски делови - како овде, во БерлинФотографија: Joko/Bildagentur-online/picture alliance

Полесно им е на оние кои се подготвени

Притоа постојат регионални разлики. Кин и Шлихт забележуваат дека под притисок се особено градовите и општините каде по бегалскиот бран во 2015/16 година, бил намален персоналот во одделите за интеграцијата или социјална работа, како и структурите како што се мрежите и тркалезните маси. Онаму, пак, каде што тие се развивале, биле подобро подготвени за новиот предизвик во 2022 година.

Многу од работите се прашање на политичка волја или политички приоритети. „Иако сместувањето на бегалците е задолжителна задача, спроведувањето остава простор за маневрирање во рамките на локалната самоуправа“, се вели во студијата.

Предизвик, но не и преоптовареност

„Всушност изгледа малку отрезнувачки“, пишуваат авторите: „Следува фаза на смиреност, по втор пат за неколку години - брза изградба на засолништа за итни случаи, итни апели од администрацијата и конечно дискурс за преоптовареност.“

Диселдорф е еден од градовите каде работите се поинакви. Во главниот град на покраината Северна Рајна-Вестфалија во 2022 година за кратко време пристигнаа 10.000 украински бегалци. „Тоа беа толку бегалци колку што имаше во 2015/2016 година заедно“, вели Миријам Кох од одделот во градот за култура и интеграција. „Сепак, не бевме преоптоварени, туку само се соочивме со предизвик“.

Летото 2021 година во базата Рамштајн, во југозападна Германија, беа поставени шатори за луѓето кои беа евакуирани од АвганистанФотографија: Senior Airman Jan K. Valle/US AIR FORCE/REUTERS

Сепак, не поминало сѐ без проблеми. „Но, успеавме повторно да ги придвижиме структурите што ги создадовме во 2015 година.“ Ова вклучувало соработка на различни тела „и искуство како градот може да добие станови“.

Повеќе флексибилност при сместувањето

Во Диселдорф се практикува управување со иселувањето, што значи дека градот проактивно бара станови за изнајмување за бегалците кои имаат признат статус на бегалци. Ова вклучува и убедување на приватните сопственици на станови да прифатат бегалец како потстанар. Тоа честопати е тешко. Кох раскажува за сопственици кои сакале да примат само Украинки и деца. Во многу случаи е потребно убедување за да се „смират стравовите и грижите“ на сопствениците, вели Кох, и треба да се понудат концепти како „пробно домување“.

Мрежа во покраината Баден Виртемберг, во која неколку градови ги здружија силите за да најдат простор за живеење, го прави истото. Некои општини таму дури плаќаат и грантови за реновирање за да ги оспособат празните локации за живеење, други им нудат на сопствениците на станови компензација доколку се случи загуба од киријата или пак склучуваат договор за изнајмување за неколку години. Целта е жителите по неколку години сами да склучат договор за закуп.

Сепак, дури и менаџирањето на иселувањето не е од којзнае каква помош во градовите со акутен недостиг на станови.

Во многу германски градови, како овде, во Ахен, сместувањето во контајнери стана трајно решениеФотографија: Sabine Kinkartz/DW

Секое второ барање за азил се одбива

Сѐ повеќе општини сега бараат да им се доделуваат само бегалци кои имаат можност да останат. Тоа се посакува и во округот Фулда. Во резолуцијата усвоена од окружниот совет се вели: „Новодојдените баратели на азил и бегалците од трети земји треба да останат во централните прифатни центри во земјата додека не се завршат првите прегледи“. Окружниот администратор Војде додава: „Инаку, како што покажува искуството, подоцна нема да функционира ни депортацијата.“

Според статистиката за азил на Сојузната служба за миграција и бегалци, во првата половина од 2023 година биле обработени и решени околу 133.000 барања за азил. 48 проценти од барањата биле одбиени поради содржински или формални причини. Само секој втор апликант добил можност да остане во Германија.

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми