1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде е Али Ахмети?

22 октомври 2025

Кандидирањето на Бујар Османи било за да го исфрли од игра за иден претседател на ДУИ, оценува амбасадорот Мухамед Халили.

Маж со темен костум на говорница (лидерот на ДУИ, Али Ахмети). Зад него има банер со албанското знаме.
Дали кандидирањето на Бујар Османи било за да се исфрли од игра за иден претседател на ДУИ? Фото: Али АхметиФотографија: Petr Stojanovski/DW

И три дена по исходот од првиот круг на локалните избори, Али Ахмети претседател на ДУИ - партијата предводник на Националната алијанса за интеграција (НАИ) сѐ уште се нема појавено во јавноста.

Познавачи на внатрешните состојби во ДУИ велат дека „навистина немаат информации што се случува во Мала Речица", но дека молкот очигледно зборува дека таму владее голема разочараност. Отуството на јавен настап го толкуваат како време што партијата си го дава за да направи темелна анализа на резултатите, но и дека се сигурни оти додека другите слават - во ДУИ сигурно интензивно се работи врз стратегија за да надомести што повеќе во вториот круг.

Долгогогодишен поддржувач на ДУИ од Чаир потенцира дека партијата не е губитник ако се има предвид споредбата на гласовите на листите за советници во 2021 и 2025 година, бидејќи на последните локални избори тоа салдо кај НАИ е зголемено за околу 11.000 гласови. Но признава дека губењето, пред сѐ, на Чаир и Сарај, и водството на ВЛЕН во други општини, одекнало посилно од тоа. Вели дека нема проценка дали и каде згрешила партијата.

Да го исфрли Османи од игра

Амбасадорот Мухамед Халили нема дилеми по ова прашање.

„Ахмети водеше погрешна политика“, оценува тој.

„Водеше погрешна кампања - внатрешна политика наместо локална и патриотска наместо локална. Поентата му беше напад врз Мицкоски како вмровец кој ја понижува ВЛЕН и ги поништува правата на Албанците. Претставниците на ВЛЕН ги нарекуваше предавници кои ги командува Мицкоски. Митинзите му беа за саморекламирање“, вели Халили.

Откако „референдумот“ на НАИ пропадана, Халили посочува дека изборот на кандидат за Чаир имал друга позадина.

„Кандидирањето на Бујар Османи било за да го исфрли од игра за иден претседател на ДУИ“, вели Халили за ДВ.

За разлика од Ахмети, Бујар Османи сепак преку објава на неговиот Фејсбук-профил веднаш му ја честиташе победата во Чаир на политичкиот опонент.

Преценетиот Таравари

Втора грешка која му се припишува на Ахмети кај критичарите, но и кај дел од поддржувачите, е дека го унапредил процесот кој претходно го критикуваше - да не се фрагментира политичката сцена на Албанците. 

Имено, заминувањето од ВЛЕН и приклучувањето на Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари во фронтот предводен од ДУИ, во Мала Речица се доживуваше како потег кој на опозицискиот фронт ќе му донесе додадена вредност. Иако и некои од учесниците во тој фронт предупредуваа дека Таравари е „преценет“ и нема таква политичка тежина каква што му се припишува, ќарот се гледаше во можноста тој длабоко да ја поткопа компактноста на ВЛЕН.

По изборите се покажа дека коалицирањето на ДУИ со Таравари не донело резултат во ниту еден од двата аспекта. Билал Касами од ВЛЕН во интерју за ТВ1 потсетува како почнала приказната - врз основа на некои експертски анализи и на анкети за јавното мислење, на Таравари му било предочено дека тешко ќе победи во општина Гостивар додека е дел од ВЛЕН, а многу полесно ако е блокот со ДУИ.

Ваквото „алиби“ Таравари го искористил за пазарење со ВЛЕН со цел да добие кандидатури за шест општини, а знаејќи дека нема да го добие тоа, истовремено си обезбедил и „причина“ да ја напушти таа коалиција.

„Новата база“

Сега, кога Таравари не успеа да го мобилизира ни гласачкото тело во „неговиот“ Гостивар, па процесот на гласање ќе се повтори бидејќи не е постигнат цензус, од ВЛЕН му порачуваат дека „нереализирањето на цензусот во општините Гостивар и Врапчиште е најјасниот одговор на политичките акробации што со месеци се правеле во име на Албанците, но за лични интереси".

„Таравари отиде за шест општини, остана со четири и заврши со нула“, му порачаа од ВЛЕН.

Toj пак преку Фејсбук се пофали со резултатот постигнат од неговите кандидати во Гостивар и Врапчиште и самоуверено порача дека „Гостивар потврдува дека е новата база на албанската опозиција и тоа ќе донесе иновации во целата политичка динамика".

Таравари не објаснува кои се иновациите во политичката динамика. Но, веќе се шират бројни шпекулации дека НАИ зад сцената се пазари со македонски опозициски партии за поддршка во одредени општини, со што во дел од нив НАИ би го возвратила ударот, а Ахмети би ги амортизирал повиците за негово политичко пензионирање. Наводно, таквата соработка би вклучувала и активности на подолг рок, не само за вториот круг. Засега ваквите наводи остануваат на ниво шпекулации, со оглед дека партиите кои се споменуваат во овој контекст немаат интерес јавно да говорат за тоа.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми