1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде е кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг?

21 јули 2023

Чин Ганг не е виден на ниту еден дипломатски настан повеќе од три недели, само неколку месеци по преземањето на функцијата. Неговото мистериозно отсуство ја потенцира тајноста на високата политика на Пекинг.

Чин Ганг Кина министер за надворешни работи
Чин Ганг ги пропушти разговорите овој месец меѓу високи кинески и американски претставнициФотографија: SUO TAKEKUMA/AFP

До денеска (21 јули, 2023), кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг е отсутен од јавноста цели 26 дена, односно повеќе од три недели по неговите последни дипломатски средби на 25 јуни.

На релативно млада возраст од 57 години, тој, кога ја презеде функцијата во декември, стана еден од најмладите министри за надворешни работи во кинеската историја. Тој, во тоа време, наголемо се сметаше за човек од доверба на кинескиот претседател Ши Џинпинг.

Неговото исчезнување наметна тешки прашања за Пекинг, како во земјата, така и во странство.

Пекинг молчи за судбината на Чин 

Отсуството на Чин за првпат беше официјално соопштено минатата недела, кога Министерството за надворешни работи објави дека тој нема да присуствува на самитот на министрите за надворешни работи на АСЕАН во Индонезија поради „здравствени причини“.

Наместо тоа, Пекинг на состанокот го испрати својот врвен дипломат Ванг Ји, претходникот на Чин на функцијата, кој инаку е рангиран над него во хиерархијата на Кинеската комунистичка партија (ККП). 

Но, кинеското Министерство за надворешни работи се соочи со повеќе прашања за тоа кога Чин ќе се врати на својата функција. Портпаролот Мао Нинг во понеделникот (17.07) одговори дека „нема информации“ за тоа и оти „дипломатските активности на Кина продолжуваат како и вообичаено“.

Во средата, кинескиот амбасадор Шие Фенг, исто така беше прашан дали Хенри Кисинџер, поранешниот американски државен секретар кој во моментов е во посета на Пекинг, се сретнал со Чин. Но, со својот одговор, Шие не ги разјасни работите.

„Па, да почекаме и да видиме“, рече Шие, без натамошни објаснувања.

Дипломатски напори на Кина 

Не е невообичаено истакнати личности во Кина одеднаш да исчезнат од очите на јавноста, за подоцна повторно да се појават без јасни објаснувања. Дури и самиот претседател Ши Џинпинг еднаш исчезна на две недели непосредно пред да ја преземе лидерската функција во 2012 година.

Но, според аналитичарите, ситуацијата на Чин е сосема невообичаена поради неговата позиција и времето на неговото отсуство.

„Како кинески министер за надворешни работи, тој треба често да се појавува на меѓународната сцена, особено во време кога кинеската дипломатска агенда е исклучително полна“, вели за ДВ Денг Јувен, поранешен уредник на весникот на Комунистичката партија на Кина, кој сега е политички коментатор во САД.

Соочена со бавното економско закрепнување, по олеснувањето на ограничувањата поради Ковид-19, втората по големина економија во светот вложува силни дипломатски напори да привлече инвестиции.

Шангај: Милиони жители во ковид-изолација

01:27

This browser does not support the video element.

Со оглед на околностите, Ву Чијанг, независен академски и политички коментатор во Кина, за ДВ вели и дека необјаснето отсуство на висок функционер, како министерот за надворешни работи, укажува на „неуспех во кинеската дипломатија“, што дури може да предизвика незадоволство од владата меѓу домашните компании.

Чин отсутен на важни дипломатски разговори

Исчезнувањето на една од најистакнатите личности во кинеските политички кругови, се разбира, не помина незабележано и надвор од Кина.

Состанокот меѓу Чин и првиот дипломат на Европската унија Жозеп Борел мораше да биде одложен. Средбата, планирана да се одржи пред две недели, кинеските власти ја откажаа само два дена пред пристигнувањето на Борел во Пекинг.

Чин, месецов, ги пропушти и разговорите со високи американски претставници, вклучително и американската министерка за финансии Џенет Јелен и претставникот за климатски прашања Џон Кери.

На прашањето дали Чин ќе му се придружи на Ванг Ји на самитот на БРИКС следниот месец во Јужноафриканската Република - како и на посетите на Нигерија, Кенија и на Турција - портпаролот на Министерството за надворешни работи Мао рече дека нема „ништо повеќе да се додаде“ за делегацијата за патувањето на Ванг.

Едно од последните појавувања во јавноста на Чин Ганг на 18 јуни 2023 во Пекинг со американскиот колега Ентони Блинкен Фотографија: LEAH MILLIS/REUTERS

Отсуство кое привлекува внимание

Мистеријата за локацијата и статусот на Чин предизвикаа жестоки шпекулации меѓу дипломатите, политичките аналитичари, па дури и кај кинеската јавност.

На Веибо, кинеска платформа слична на Твитер, видео клиповите на Мао како одговара на прашањата поврзани со агендата на Чин имаат десетици илјади прегледи.

„Нешто дефинитивно тргнало наопаку“, коментира еден корисник. „Најверојатно [тој е] под истрага“, додава друг.

Кинеските коментатори во странство, исто така, изнесоа теории дека проблемите на Чин може да се поврзани со наводна афера со ТВ-водителка. Но, како што изјави за ДВ поранешниот кинески уредник Денг Јувен, недостатокот на докази за оваа теорија значи дека ова најверојатно ќе остане само шпекулација.

„Непредвидливото“ раководство во Пекинг 

Меѓутоа, многумина веруваат дека веќе поентата не е во тоа дали Чин повторно „безбедно“ ќе се појави во јавноста. Самата епизода со Чин веќе доволно зборува за моменталната состојба на владеењето на Ши Џинпинг.

Ву, политичкиот коментатор во Кина, за ДВ изјави дека наглото исчезнување на Чин „е многу проблематично“, бидејќи укажува дека Пекинг можеби се приближува кон „мистична и непредвидлива“ форма на автократско лидерство.

Кога Ши Џинпинг го започна својот трет мандат како претседател на Кина, кој е без преседан, тој се опкружи со лојалисти за да формира силен политички внатрешен круг, а меѓу нив се вбројува и Чин.

Кинескиот претседател Ши Џинпинг: Самата епизода со исчезнувањето на Чин Ганг веќе доволно зборува за моменталната состојба на неговото владеењеФотографија: Leah Millis/Pool/REUTERS

Чин беше назначен на неговата функција откако служеше помалку од две години како кинески амбасадор во САД. Пекинг се надеваше дека тој ќе одигра клучна улога во „стабилизирањето на односите со Вашингтон“, рече Ву.

Но, овие очекувања не беа исполнети бидејќи извештаите за кинески шпионски балон над САД предизвикаа нови тензии меѓу двете сили. Споровите околу контролата на извозот на чипови наметната од САД и нивните сојузници само ја влошија ситуацијата. За Ву, ова е можеби причината за „трагичната“ ситуација на Чин.

Денг, пак, вели дека ако до крајот на месецот сè уште нема трага од Чин, тогаш речиси може да заклучи дека неговата политичка кариера е завршена.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми