1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Година на опасно живеење

7 октомври 2024

Македонија се наоѓа во политички процес на „навреден ревизионизам“. Оние кои суштински не се согласувале со неколку критични процеси, сега се во обид не да ги замрзнат, туку да ги ревидираат. Пишува Петар Арсовски

Каде нѐ води „навредениот ревизионизам“?Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Влегуваме во година на пролонгирана нестабилност и високи политички тензии. Светските случувања, особено конфликтот на Блискиот исток, заедно со тековната војна во Украина, ќе го направат светот нестабилно место во следниот период, најмалку една година. На ова треба да се додаде фактот дека меѓународната заедница, но особено САД, кои се движечка сила во демократскиот напредок, се соочуваат со повеќе паралелни кризни точки, што ја форсира нивната надворешна политика да избира приоритети, не можејќи да посвети еднаков напор на сите жаришта. 

Во таква ситуација, ЕУ, соочена со сопствената импотенција да испорача стратешко проширување, се одлучи на утешна награда – да ги оствари оние успеси кои може да ги добие на Балканот. Оттаму, и во регионот ќе продолжи еден релативно нестабилен статус кво, заглавен помеѓу недоследноста на цврста стратешка определба на ЕУ за вистинско проширување и недостатокот на политичка волја и капацитет на локалните политички елити да испорачаат суштински реформи. Притоа, во ваков турбулентен период, нашата домашна политика се одлучи на сериозен гамбит, преку ревизионизам на неколку клучни точки: интеретничките односи, интерпретацијата на Преспанската спогодба, и условите за членство во ЕУ. Се плашам дека ризикот од толку повторно отворени прашања може да не донесе во сериозна домашна дискрепанција околу иднината на државата, што лесно може да се прелее во дополнителни етнички тензии. 

Војна на Блискиот Исток 

Блискиот исток во моментов се соочува со период на високи тензии, кои се поттикнати од повеќе испреплетени конфликти, геополитички промени, и социо-економски предизвици. Во центарот на оваа криза е израелско-палестинскиот конфликт, кој избувна по нападите на Хамас, со кој пропаднаа претходните обиди за нормализација на односите во регионот, особено помеѓу Израел и арапските држави. Пред нападот на Хамас, регионот се движеше кон некаква де-ескалација, каде Саудиска Арабија и Израел без на граница да ги нормализираат односите. Но, сега конфликтот почна верижна реакција на насилство и репозиционирање, каде и арапските влади ќе бидат под притисок на радикализација. Тука, се разбира, клучен елемент е регионалното ширење на конфликтот, со вклучување на Хезболах во Либан, и иранските сојузници во Сирија и Ирак. Тоа веќе се случува, и прашање е дали може да се запре. Израел веќе го нападна Хезболах во Либан, Иран ги засили своите ракетни напади (покрај фактот што изгледа дека се обидува сепак да избегне директна конфронтација со Израел), и внимателно ги активира своите прокси елементи – како Хутите во Јемен. Ова изгледа како подготовка за пролонгиран конфликт.  На ова треба да се додадат и внатрешните политички предизвици во клучните земји – во Израел, сериозната политичка криза на Натанјаху, која, доколку резултира со промена на власта, може дополнително да го продлабочи конфликтот. Паралелно, во Иран, евентуалната смрт на Ајатолахот Али Каманеи (роден 1939), ако се следи претходното искуство, на негово место нема да донесе поумерен водач, туку најверојатно ќе ги консолидира и засили тврдокорните фракции. Во секој случај, политичката борба во двете земји дополнително ќе го дестабилизира регионот, фокусирајќи се на популизам наместо на смирување на тензиите. 

Лоши вести за Балканот 

Фатени во стапицата на повеќе жаришта, меѓународната заедница исто така, се наоѓа во незавидна позиција. САД се во силен натпревар, би рекол тивка војна, со Русија и Кина. Русија, зафатена со војната во Украина, нема вистинска моќ да влијае сериозно на Блискиот Исток, но се уште има влијание преку режимот на Асад во Сирија и партнерството со Иран. Кина е заинтересирана за некаква стабилност, но повеќе заради испораката на енергенси, од што зависи нивната економија. Иако двете земји имаат интерес во регионот, мислам дека нема да имаат интерес или капацитет за позначајно влијание или промени во следниот период. САД, токму заради мулти-поларните кризи со кои светот се соочува во моментов, се наоѓаат во комплицирана позиција. Претседателските избори, на еден или друг начин, ја инхибираат проактивноста на нивната надворешна политика. Нивната доктрина на воена заштита и засилени дипломатски активности се соочуваат со т.н. "bandwidth challenge” – предизвик од недостаток на капацитет во дадено време да одговорат на сите кризи. Вклученоста во Украина, тивката војна со Русија, и брзата ескалација на Блискиот исток ја оптоваруваат дури и најмоќната машинерија во светот – особено во време кога нема јасна политичка стратегија. Затоа, САД во следниот период најверојатно само ќе реагираат на светските настани наместо проактивно да ги обликуваат. Ова, заедно со индолентноста на ЕУ, за Балканот и за Македонија се секако проблематични вести. 

Најлошото сценарио за Македонија 

За регионот особено, напредокот ќе биде тежок поради комбинацијата на три главни фактори: недостатокот на капацитет и политичка волја кај локалните политички елити за суштински промени, немоќта на меѓународната заедница да притисне за исчекор – ЕУ поради интерните проблеми, а САД поради презафатеност со други кризи, и активното влијание на Кина со економски средства, а Русија со политички маневри, во обид да понудат алтернатива на ЕУ. Овие три фактори во комбинација, ќе направат евроинтеграциите на регионот да бидат особено проблематични. Иако спорадично се појавува некаква иницијатива за забрзување на овој процес, последната преку Црна Гора и Албанија, во основа, има замор кон проширувањето, и овие поместувања напред се повеќе исклучок одошто правило. Сѐ додека двете варијабли: посветеноста на ЕУ, и желбата за реформи на кандидатите, остануваат негативни, не треба да се очекува некаков квантен скок напред. 

За нас, ова е можеби најлошото сценарио. 

Во моментов, ние се наоѓаме во еден политички процес на „навреден ревизионизам“. Оние кои суштински не се согласувале со неколку критични процеси, сега се во обид не да ги замрзнат, туку да ги ревидираат. Незадоволството од дефинирањето на етничките односи преку Охридскиот рамковен договор, не носи во ревизионизам по тие теми – отпор кон законот за јазици, уредбите за правична застапеност, поделбата на ресори и сфери на влијание, и слично, а персонифицирано во еден вид тивок етнички реваншизам.  Втор е овој обид за реинтерпретација на Преспанската спогодба, нешто што ќе ја хистеризира меѓународната заедница во заклучокот дека сме суштински политички адолесценти. И конечно, овој отворен обид за промена на условите за членство во ЕУ – нешто за кое не треба да се надеваме на многу поддршка, зашто во ваква кризна ситуација, тешко дека меѓународната заедница ќе има разбирање за овој обид – повеќе може да сметаат дека ние сега сакаме да преговараме за фактура која веќе сме ја примиле, што исто така оди на конто на нашата сериозност. 

Конечно, овие гамбити, со ревизија на веќе затворени процеси (ви се допаѓале вам или не), ќе не вратат на некои теми кои се ризични – а тоа е дали имаме етнички консензус за тоа како ќе живееме заедно во следниот век, на пример. Ние тука имаме разлики кои не се изразуваат во нијанси, туку во дијаметрално спротивставени позиции, што е рецепт за дополнителни тензии помеѓу етникумите.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми