1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде патува С.Македонија, кон Вашингтон или кон Брисел?

22 јануари 2025

Да се прикажува како историско достигнување присуството на премиерот во САД е уште едно самозалажување дека Северна Македонија ќе стане Америка во мандатот на Трамп. Пишува Соња Крамарска.

Фотографија: Government of North Macedonia

Звучи по малку мегаломански а истовремено и наивно коцкањето на Владата во надворешната политика. Откако планот за испраќање писма до европските лидери не успеа и откако не се остварија очекувањата дека ЕУ ќе го смени ставот кон официјално Скопје и ќе ја натера Софија да попушти, новиот македонски естаблишмент реши да стави сѐ на една карта: САД. Според Владата, новиот американски претседател Доналд Трамп е спасот за Северна Македонија од бугарскиот ултиматум. Тие тоа не го велат експлицитно, но според одушевувањето со кое премиерот Мицкоски и неговата министерска придружба известуваа за своите средби во Вашингтон излезе дека тие дури сега ја откриле Америка.

Ова не е првпат македонската конзервативна партија да има преголеми очекувања од големите сили. Така беше и кога дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2006 година со големи надежи дека нивните врски со германската ЦДУ ќе помогнат да се избегне грчкото барање за промена на името. Тоа не само што не се случи туку на крајот на мандатот на владата на Груевски, нивната политика беше остро критикувана од Берлин, додека поддршката од канцеларката Меркел дојде подоцна за владата на СДСМ кога агитираше за референдумот за Преспанскиот договор за кој Меркел лично дојде во Скопје.

Да се градат добри релации со надворешни партнери е една работа, но да се очекува дека некој со нога ќе ја турне вратата на ЕУ и ќе ја фати за рака Северна Македонија да ја внесе во европското семејство е друга работа. Оттука и истакнувањето на врските со новата американска администрација станува претерано и ги надмина границите на добриот вкус. Нашата држава веќе 33 години негува исклучително добри односи со Соединетите Американски Држави и тоа никогаш не зависело од партиската боја на владата во Скопје, туку од американскиот интерес за стабилизација на Балканот. Во тие интереси нема место за персонални релации како што тоа сака да го наметне сегашната влада, ниту пак емоции кон еден или друг премиер.

Дебата за поканата

Меѓутоа, ние, типично за мала и сиромашна земја, три дена водиме дебата дали шефот на Владата Христијан Мицкоски добил покана за инаугурацијата и колку е тоа важно за поддршката што власта ја има од САД. Инаугурацијата беше и заврши, македонската делегација не беше во просторијата каде што Трамп ја положи заклетвата, туку беше во салата каде што тој подоцна го одржа првиот говор како претседател. Тоа се факти и секој што разбира политика, знае што значат. Како и што значат донациите во инаугуративниот комитет со кои се финансира свечениот настан и правата на донаторите да испратат покани за свои луѓе. Напорите на Владата да осигура место за премиерот и негови луѓе е веќе нешто видено и во овдешната политика и во светот.

Фотографија: Saul Loeb/AFP/Getty Images

Да се прикажува како историско достигнување присуството на господинот Мицкоски и другите владини претставници на настанот во Вашингтон е уште едно самозалажување дека Северна Македонија ќе стане Америка за време на мандатот на новиот претседател на САД. Поголеми се шансите некој од владиното друштво во иднина да добие место на црната листа на САД отколку малата балканска држава со главен град Скопје да добие место во ЕУ без да ги исполни условите од преговарачката рамка. А, не се мали шансите и некои од групата што отиде во САД да завршат на црната листа поради подривање на Преспанскиот договор кој претседателот Трамп во претходниот мандат во писмо до Заев го оцени како „најисториско достигнување на Балканот по Дејтонскиот договор и сведоштво за Вашето храбро лидерство“.

Вашингтон или Брисел?

Разбирлива е желбата на секоја влада да се претстави во јавноста како миленичка на САД. Така било во минатото, така е и сега, а така ќе биде и во иднина додека Северна Македонија не ги заокружи стратешките цели во надворешната политика. А тоа е членството во ЕУ. Сепак искуството нѐ научи дека никој не може да и помогне на нашата држава ако таа не си помогне самата. Може македонскиот премиер Мицкоски за тоа да го праша својот претходник Зоран Заев кој ја имаше сета американска поддршка во спорот со Грција, но патот за постигнување договор за новото име го изоде сам. Ако беше до САД спорот ќе беше решен одамна, немаше да се чека 30 години.

Случувањата со бугарското вето упатуваат на сличности барем од аспект на политичката технологија со која треба да се надмине блокадата. Вашингтон е неспорно важен политички центар но за Скопје е многу поважно да ги насочи своите сетила кон Брисел и кон поголемите членки на ЕУ бидејќи приемот во европското семејство на Македонија зависи од желбата и волјата на тоа семејство. Илузорно е да се очекува дека патот кон Брисел ќе води низ Вашингтон а со заобиколување на правилата и процедурите кои владеат во Европската Унија.

Зрела политика ќе знае дека најлошо сценарио е во јавноста да се шират големи очекувања дека нема да нѝ треба Европа кога ја имаме САД. И дека американските инвестиции ќе ја направат Северна Македонија богата без да мора да бара членство во ЕУ. Овие грешки на Владата освен што сведочат за нејзиното разочарување од неуспехот да го убедат Брисел дека Бугарија нѝ прави неправда, можат и скапо да го чинат премиерот Мицкоски ако нашата земја го пропушти следниот бран проширување. Европските лидери сѐ почесто го изоставуваат Западен Балкан во пакет за идното проширување и сега велат дека очекуваат една или две држави од регионот до 2030 година да ги завршат преговорите за членство.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми